30 јули — Раниот и позниот дожд

Мараната — Господ доаѓа
Раниот и позниот дожд
30 јули
„А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господ, вашиот Бог; зашто Тој ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – пролетен дожд и есенски дожд, како и порано.“ (Јоил 2:23) {МАР 219.1}
„Во црквите треба да дојде до величествено пројавување на Божјата сила, но тоа нема да ги придвижи оние што не се понизиле пред Господ и не ја отвориле вратата на своите срца со признавање и покајание. Во пројавувањето на таа сила што ја осветлува земјата со Божјата слава тие ќе видат само нешто што во нивното слепило ќе им изгледа опасно, нешто што ќе ги уплаши, па ќе се поврзат едни со други за да се одбранат. Ќе му се противат на делото затоа што Господ не дејствува според нивните замисли и очекувања. ’Па‘, ќе речат, ’зар не би требало ние да го препознаеме Божјиот Дух, кога толку многу години сме поминале во работа?‘ Причината е што не одговориле на предупредувањата, преколнувањата и Божјите пораки, туку упорно велеле: ’Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба‘. {МАР 219.2}
Ниту талентите ниту долгогодишното искуство нема да ги направат луѓето канали на светлината сè додека не се изложат на светлите зраци на Сонцето на праведноста и не бидат повикани, избрани и подготвени со дарот на Светиот Дух. Кога луѓето што ракуваат со светите нешта ќе ѝ се покорат на моќната Божја рака, Господ ќе ги подигне. Ќе ги направи остроумни луѓе, богати со благодатта на Неговиот Дух. Нивните силни себични црти на карактерот и нивната непопустливост ќе се видат во светлината што свети од Светлината на светот. ’скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам свеќникот твој од местото негово, ако не се покаеш‘. Ако Го барате Господа со сето свое срце, ќе Го најдете.“ (Review and Herald, додаток, 23 декември 1890) {МАР 219.3}
„Не смее да се отфрла благодатта претставена со раниот дожд. Само оние што живеат во светлината ќе примат уште поголема светлина. Сè додека секојдневно не напредуваме во покажувањето на дејствителните христијански доблести со својот пример, нема да го препознаеме пројавувањето на Светиот Дух во позниот дожд. Тој може да се излева врз срцата насекаде околу нас, а ние да не Го препознаеме ниту да Го примиме.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 507) {МАР 219.4}
