29 јули — Ангелот од Откровение 18

Мараната — Господ доаѓа

Ангелот од Откровение 18

29 јули

„А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт: и земјата светна од неговиот болскот.“ (Откровение 18:1) {МАР 218.1}

„Наскоро ќе се исполнат пророштвата од 18. глава на Откровението. За време на објавувањето на третата ангелска вест ’друг ангел‘ треба да слезе од небото; ’имаше голема власт: и земјата светна од неговиот болскот‘. Господовиот Дух толку милостиво ќе ги благослови посветените човечки орудија, што мажи, жени и деца ќе ги отворат своите усти во слава и пофалба, исполнувајќи ја земјата со познавање на Бога и Неговата ненадминлива слава, како што водите го покриваат морето. {МАР 218.2}

Оние што ја задржале својата доверба од почетокот до крајот ќе бидат сосема будни во времето кога третата ангелска вест ќе се објавува со голема сила. За време на гласниот вик, црквата, помогната од провидението и посредувањето на својот возвишен Господ, ќе го шири знаењето за спасението толку изобилно, што светлината ќе го осветли секој град и место. Земјата ќе биде исполнета со познавање на учењето за спасението. Божјиот Дух што обновува толку богато ќе ги круниса со успех активните работници, што светлината на вистината за сегашното време ќе свети насекаде.“ (Review and Herald, 13 октомври 1904) {МАР 218.3}

„Во ова време треба да се случи цела низа настани што ќе откријат дека Бог владее со состојбата. Вистината ќе биде објавувана со јасен јазик и со непогрешлива точност. Како народ мораме да го подготвиме Господовиот пат под водство на Светиот Дух. Евангелието треба да се објавува во својата чистота. Потокот на живата вода треба да го продлабочи и прошири својот тек. На сите полиња, блиски и далечни, луѓе ќе бидат повикани од плугот и од занимањата што им го зафаќаат умот, и ќе ги поучуваат искусни луѓе. Кога ќе научат активно да работат, ќе ја објавуваат вистината со сила. Со најчудесните дела на божественото провидение, планини од тешкотии ќе бидат преместени и фрлени во морето. Ќе се чуе и разбере пораката што толку многу им значи на жителите на земјата. Луѓето ќе знаат што е вистина. Делото ќе напредува сè повеќе, додека целата земја не биде предупредена, а тогаш ќе дојде крајот.“ (Review and Herald, 5 јули 1906) {МАР 218.4}