26 јули — Почетокот на крајот

Мараната — Господ доаѓа

Почетокот на крајот

26 јули

„Така вели Господ Бог: несреќа врз несреќа ќе те снајде! Свршетокот дојде, дојде свршетокот, се крена против тебе: ете дојде!“ (Езекиел 7:5,6) {МАР 215.1}

„Страшен е крајот кон кој во пресрет оди овој свет. Земните сили, обединети во борбата против Божјите заповеди, ќе издадат декрет ’сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови‘ (Откровение 13:16), да се усогласат со обичаите на црквите празнувајќи ја лажната сабота. Сите што ќе одбијат да се усогласат, ќе бидат изложени на граѓански казни, а најпосле ќе биде објавено дека заслужуваат смрт. Од друга страна, Божјиот закон, налагајќи да се празнува денот во кој и самиот Творец се одморал, бара послушност и се заканува со гнев против сите оние кои ги кршат Неговите прописи. {МАР 215.2}

Кога ова прашање на луѓето ќе им се изнесе јасно, тогаш секој оној кој ќе го гази Божјиот закон за да ги послуша човечките наредби, ќе го прими жигот на ѕверот. Тој прима знак на верност кон власта што сака да ја слуша наместо Бога. … {МАР 215.3}

Саботата ќе биде голем тест на верноста, зашто таа е точка на вистината што е посебно оспорувана. Кога луѓето ќе бидат ставени пред последната проба, тогаш ќе биде повлечена линија на разграничување меѓу оние што Му служат на Бога и оние што не Му служат. Додека празнувањето на лажната сабота (неделата) во согласност со земните закони, спротивно на четвртата Божја заповед, ќе претставува знак на верност на онаа сила што му се противи на Бога, празнувањето на вистинската сабота, во согласност со Божјиот закон, ќе претставува доказ за верност кон Творецот. Додека една група луѓе, примајќи го знакот на покорност на земните власти, ќе го прими жигот на ѕверот, другата, избирајќи го знакот на верност кон божествениот авторитет, ќе прими Божји печат. {МАР 215.4}

Порано оние што ги проповедале вистините на третата ангелска вест често биле сметани само како паничари. … Но кога нашироко ќе биде расправано за прашањето на принудното празнување на неделата, ќе се види дека се приближува настанот во кој толку долго се сомневало и во кој не се верувало, а третата ангелска вест ќе произведе таков впечаток каков што порано не можела да има.“ (Големата борба, стр. 604–606) {МАР 215.5}