24 јули — Остатокот и запечатувањето

Мараната — Господ доаѓа

Остатокот и запечатувањето

24 јули

„И му рече Господ на сатаната: ’Господ да те укори сатано, Господ да те укори, Оној Кој го избра Ерусалим. Зар не е Тој гламја истргната од оган?‘“ (Захарија 3:2) {МАР 213.1}

„Црквата на остатокот мора да помине преку големи проблеми и неволи. Оние кои ги држат Божјите заповеди и ја имаат верата Исусова ќе го почувствуваат гневот на змевот и неговите војски. Сатаната целиот свет го смета за негови поданици. Тој задобил власт над отпаднатите цркви, но постои една мала црква која се спротивставува на неговата надмоќност. Неговата победа би била целосна кога би можел да ја збрише од лицето на земјата. Како што во минатото ги поттикнувал незнабожечките народи да го уништат Израел, така и во блиска иднина ќе ги поттикнува безбожните сили на земјата да го уништат Божјиот народ. Од сите ќе се бара да се покоруваат на човечките закони со кои се прекршува божествениот закон. Тие што ќе бидат предани на Бога и на должноста ќе бидат изложени на прогонства, обвинувања и презир. Ќе бидат предавани од родителите и браќата, роднините и пријателите. {МАР 213.2}

Нивна единствена надеж ќе биде Божјата милост, а единствена одбрана молитвата. Како што Исус се молел пред ангелот, така и црквата на остатокот со понизно срце и непоколеблива вера ќе бара простување и ослободување преку Исус, нејзиниот Бранител. … {МАР 213.3}

Сатаната пред Бога изнесува обвинувања против нив, тврдејќи дека тие со нивните гревови го загубиле правото на Негова заштита и бара право над нив за да ги уништи како престапници. … {МАР 213.4}

Меѓутоа, иако грешеле, Христовите следбеници не се предале на силата на злото. Тие ги отфрлиле своите гревови и во понизност Го побарале Господа и божествениот Бранител посредува во нивна корист. … {МАР 213.5}

Божјиот народ воздивнува и плаче заради гнасотиите што се прават на земјата. Тој во солзи ги опоменува безбожниците за опасноста која им се заканува затоа што со нозете го газат Неговиот закон и со неискажлива тага се понижува самиот себеси пред Господа заради сопствените престапи. Безбожниците се смеат на нивната болка, на нивните повици, и, како што велат тие, на нивните слабости. Но стравот и понизноста на Божјиот народ се несомнени докази дека тој повторно ја стекнува силата и благородноста на карактерот што ги загубил заради гревот. … {МАР 213.6}

Додека сатаната ги изнесувал своите обвинувања и се трудел да ги уништи, невидливите ангели биле околу нив и на нив го ставале белегот на живиот Бог.“ (Review and Herald, 9 јануари 1908) {МАР 213.7}