19 јули — Чудата на сатаната — втор дел

Мараната — Господ доаѓа

Чудата на сатаната — втор дел

19 јули

„И правеше големи чуда, па дури и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето.“ (Откровение 13:13) {МАР 208.1}

„Како што Божјиот народ се приближува кон опасностите на последните денови, сатаната сериозно се советува со своите ангели, усовршувајќи го планот да ја уништи нивната вера. Тој гледа дека многу цркви веќе се успиени од неговата лажна сила. Со привлечни мудрувања и лажни чуда ги држи под своја власт. Затоа особено им заповеда на своите ангели да им постават стапици на оние што го чекаат второто Христово доаѓање и настојуваат да ги држат сите Божји заповеди.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 472) {МАР 208.2}

„Предупредени сме дека во последните денови ќе прави знаци и лажни чуда. Сатаната ќе продолжи со овие чуда сè до крајот на времето на проверка, за да нè убеди дека е ангел на светлината, а не на темнината.“ (Review and Herald, 17 ноември 1885) {МАР 208.3}

„Сатаната ќе се обиде да ги измами, ако е можно, и избраните. Ќе тврди дека е Христос, преправајќи се дека е големиот лекар мисионер. Ќе направи и оган да слезе од небото пред луѓето, за да докаже дека е Бог.“ (Medical Ministry, стр. 87, 88) {МАР 208.4}

„Светот ќе биде заробен од лажните чуда на ѓаволот и тој ќе направи оган да слезе од небото пред луѓето. Ќе прави чуда, а оваа зачудувачка сила што прави чуда ќе се прошири низ светот.“ (Selected Messages, книга 2, стр. 51) {МАР 208.5}

„Некои ќе паднат во искушение тие чуда да ги прифатат како да доаѓаат од Бога. Ќе се прават големи чуда, и болни ќе бидат исцелувани пред нашите очи. Дали сме подготвени за искушенијата што нѐ очекуваат кога сатаната ќе ги покажува своите лажни чуда со уште поголема сила? Нема ли мнозина да бидат изненадени и фатени во таа стапица? Отстапувајќи од јасните прописи, од Божјите заповеди и прифаќајќи човечки измислици, мнозина несвесно се подготвуваат да ги прифатат тие лажни чуда. Сега е време да се вооружуваме за борбата што наскоро ни претстои. Верата во Божјата реч, трудољубивото проучување на Библијата со молитва и нејзината практична примена ќе бидат наша заштита од силата на сатаната и ќе нѐ направат победници преку Христовата крв.“ (Сведоштва за црквата, том 1, стр. 302) {МАР 208.6}