14 јули — Изгледа дека црквата ќе падне

Мараната — Господ доаѓа

Изгледа дека црквата ќе падне

14 јули

„А Сион велеше: ’Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави!‘ Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам.“ (Исаија 49:14,15) {МАР 203.1}

„Сатаната ќе прави чуда за да ги заведе луѓето; ќе ја истакнува својата сила како надмоќна. Понекогаш ќе изгледа дека црквата е толку ослабена што само што не паднала, но таа нема да падне. Таа останува, додека грешниците во Сион ќе бидат просеани — плевата ќе се одвои од драгоценото зрно. Ова е страшно искушение, но сепак мора да се случи. Никој освен оние што победиле со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво нема да остане предан и верен, без недостаток или нечистотија на гревот и без измама во устата. … Остатокот што ги чисти своите души преку послушност кон вистината собира сила во мачниот процес на искушување и проверување, покажувајќи ја убавината на светоста, иако од сите страни е опкружен со отпадништво.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 911) {МАР 203.2}

„Знам дека Господ ја сака Својата црква. Не смееме да бидеме неорганизирани или да се распаднеме во независни делчиња. Во тоа нема ни најмалку доследност, ниту најмал доказ дека ќе се случи такво нешто. Оние што ѝ обрнуваат внимание на лажната порака и се обидуваат да ги променат другите ќе бидат измамени и подготвени да ги примат идните измами, па така ќе пропаднат.“ (Selected Messages, книга 2, стр. 68, 69) {МАР 203.3}

„Охрабрена сум и благословена, зашто знам дека Израеловиот Бог сè уште го води Својот народ и дека ќе биде со него до крајот.“ (General Conference Bulletin, 27 мај 1913, стр. 165) {МАР 203.4}

„Сега не можеме да отстапиме од темелите што Бог ги поставил. Не можеме да влеземе во некаква нова организација, зашто тоа би значело отпадништво од вистината.“ (Selected Messages, книга 2, стр. 390) {МАР 203.5}

„Црквата, која наскоро ќе влезе во својот најостар судир, ќе биде најдрагоценото нешто за Бога на земјата. Силите од подземјето ќе придвижат сојуз на злото и сатаната ќе фрли секакви обвинувања врз избраните што нема да може да ги измами и заведе со своите ѓаволски измислици и лаги. Но дали Христос, нашиот Претставник и Поглавар, возвишен како ’Зачетникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израел‘, ќе го затвори Своето срце, ќе ја повлече Својата рака или ќе ги прекрши Своите ветувања? Не, никогаш, никогаш.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 20) {МАР 203.6}