15 јули — Чистење на црквата

Мараната — Господ доаѓа
Чистење на црквата
15 јули
„Па ќе седне Тој како пречистувач на сребро, и ќе ги очисти синовите на Левиј и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда.“ (Малахија 3:3) {МАР 204.1}
„Пред нас е времето кога сигурно ќе се открие силата со која стариот измамник прави чуда. Неговите заводливи измами ќе се умножуваат, така што ќе збунуваат и, ако е можно, ќе ги измамат и избраните. Кнезот на темнината со своите зли ангели дејствува во христијанскиот свет, наведувајќи ги оние што го признаваат Христовото име да застанат под знамето на мракот и да војуваат против оние што ги држат Божјите заповеди и ја имаат Исусовата вера. {МАР 204.2}
Отпаднатата црква ќе се обедини со властите на земјата и пеколот за да го стави на челото или на раката жигот на ѕверот и да го наговори Божјиот народ да му се поклонува на ѕверот и на неговиот лик. Ќе се обидуваат да ги принудат да се откажат од својата верност кон Божјиот закон и да му се поклонат на папството. Тогаш ќе дојде времето кога ќе бидат испитани човечките души. Сојузот на отпадништвото ќе бара верните Божји поданици да се откажат од Јеховиниот закон и да ја отфрлат вистината на Неговото слово. Тогаш златото ќе биде одвоено од троската; ќе биде очигледно кој е побожен, кој е верен и вистинит, а кој не е, кој е троска и кој е површен. Колкави облаци плева тогаш ќе одвее Божјото веало! Таму каде што сега нашите очи гледаат само богати класови пченица, Божјото веало ќе ја одвее плевата. Никој што не е утврден во Христос нема да го издржи испитот ни Божјиот суд во тој ден. Додека оние што се облечени во Христовата праведност ќе стојат цврсто покрај вистината и должноста, оние што се потпирале на својата праведност ќе се подредат под црното знаме на кнезот на темнината. Тогаш ќе се види кој го избрал Христос, а кој Велијар. {МАР 204.3}
Оние, пак, што биле несигурни во себе, во такви околности што не се осмелувале да се соочат со срамот и укорите, на крајот јавно ќе се изјаснат за Христос и за Неговиот закон, додека мнозина што изгледале како расцутени дрвја, но не донеле плод, ќе му се придружат на мноштвото во правење зло и ќе го добијат жигот на отпадништвото на челото или на раката.“ (Review and Herald, 8 ноември 1892) {МАР 204.4}
