13 јули — Единство и одвојување за време на гласниот вик

Мараната — Господ доаѓа
Единство и одвојување за време на гласниот вик
13 јули
„Дигни се, заблескај Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе. Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак – народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе.“ (Исаија 60:1,2) {МАР 202.1}
„Кога околу нас ќе се натрупаат испити, во нашите редови ќе се покаже и одвојување и единство. Некои кои денес се подготвени да го прифатат оружјето за борба, ќе покажат во часовите на вистинска опасност дека не граделе на вистинска карпа и ќе попуштат пред искушенијата. Оние кои имале голема светлина и драгоцени предности, но не ги искористиле добро ќе се одвојат од нас под овој или оној изговор. Бидејќи не ја примиле љубовта на вистината, ќе подлегнат на измамите на непријателот. Ќе се поведат по заводливи духови и ѓаволски науки, ќе отстапат од верата. Од друга страна, кога бурата на прогонства навистина ќе се сруши на нас, верната овца ќе го слушне гласот на вистинскиот Пастир. Полни со самооткажување, луѓето ќе се трудат да ги спасат изгубените и многумина кои заскитале од стадото, ќе се вратат да го следат Големиот Пастир. Божјиот народ меѓусебно ќе се приближи и ќе истапи против непријателот во една единствена предна (фронтна) линија. Пред заедничката опасност ќе престане борбата за превласт; нема веќе да се води расправија кој треба да се смета за најголем. Ниту еден од вистинските верници нема да каже: ’Јас сум Павлов… А јас сум Аполосов… Јас сум на Кифа‘. Сведоштвото на сите ќе биде: ’Се припоив кон Христа и се радувам во Него како во свој личен Спасител‘.“ (Сведоштва за црквата, том 6, стр. 400, 401) {МАР 202.2}
„Кога веста на Третиот ангел ќе нарасне во гласен вик, нејзиното објавување ќе биде проследено со голема сила и слава. Лицата на Божјиот народ ќе сјаат со небесна светлина.“ (Сведоштва за црквата, том 7, стр. 17) {МАР 202.3}
„Мнозина од властодршците се под контрола на сатаната; но Бог дури и помеѓу нив има свои орудија. И некои од нив ќе се обратат и ќе ја прифатат вистината. … Неколкумина такви кои претставуваат орудија во Божјите раце ќе имаат сила да ја надвладеат огромната маса на зли луѓе. Така делото ќе продолжи сѐ додека пораката на третиот ангел не ја одигра својата улога, и при гласниот вик на третиот ангел овие луѓе што претставувале орудија во Божјите раце ќе имаат прилика да ја прифатат вистината. Некои од нив ќе се обратат и заедно со светите ќе го издржат времето на неволјите.“ (Сведоштва за црквата, том 1, стр. 203, 204) {МАР 202.4}
