7 јули — Најлошите прогонувачи — поранешните браќа

Мараната — Господ доаѓа
Најлошите прогонувачи — поранешните браќа
7 јули
„Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат;“ (Матеј 24:10) {МАР 196.1}
„Штом ќе се приближи бурата, мнозина кои тврдат дека веруваат во третата ангелска вест, но не биле посветени со послушност кон вистината, ќе се откажат од своите ставови и ќе преминат во редовите на противниците. Соединувајќи се со светот и учествувајќи во неговиот дух, тие работите ги посматраат речиси во иста светлина, а кога ќе настапи искушението, ќе бидат готови да ја изберат полесната, популарната страна. Луѓе, надарени и со привлечно однесување, кои некогаш ѝ се радувале на вистината, ќе вложат максимални напори да ги измамат и да ги заведат душите. Тие ќе станат најголеми непријатели на своите некогашни браќа. Кога оние што ја почитуваат саботата ќе бидат доведени пред судови да одговараат поради својата вера, тогаш овие отпадници ќе бидат најуспешното орудие на сатаната да ги клеветат и да ги обвинуваат и со лажни извештаи и инсинуации ќе го поттикнуваат гневот на владетелите против нив.“ (Големата борба, стр. 608) {МАР 196.2}
„Во времето на неволјите кое му претстои на Божјиот народ ќе биде потребна непоколеблива вера. Неговите деца мораат да покажат дека Му служат единствено на Бога и дека ништо, дури ни животната опасност, не може да ги натера да направат и најмала отстапка кон идолопоклонство.“ (Пророци и цареви, стр. 512) {МАР 196.3}
„Во тоа време златото ќе се одвои од троскотот. Вистинската побожност јасно ќе се разликува од лажната и привидната. Ќе потонат во мракот многу ѕвезди на чиј сјај сме се восхитувале. Оние кои се кителе со украсите на светилиштето, но не се облекле со Христовата праведност, ќе се покажат во својата голотија. {МАР 196.4}
Помеѓу жителите на земјата, растурени по сите краишта на светот, живеат луѓе кои не ги свиткале колената пред Ваал. Како небесни ѕвезди кои се појавуваат само ноќе, овие верници ќе блескаат кога мракот ќе ја покрие земјата и темнината народот. … А во часот на најдлабок отпад, кога сатаната со сите сили ќе се труди да ги наведе ’сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови‘ (Откровение 13:16) под закана на смртна казна да го примат знакот на потчинетост на лажниот ден за одмор, оние верни, ’прави и чисти, непорочни чеда Божји‘, ќе блескаат ’како светила во светот‘ (Филипјаните 2:15). Колку ноќта е помрачна, толку тие појасно ќе блескаат.“ (Пророци и цареви, стр. 188, 189) {МАР 196.5}
