6 јули — Прогонувани заради Христос

Мараната — Господ доаѓа
Прогонувани заради Христос
6 јули
„А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети.“ (2 Тимотеј 3:12) {МАР 195.1}
„Како што Христос бил мразен иако за тоа немало причина, така ќе бидат мразени и припадниците на Неговиот народ затоа што им се покоруваат на Божјите заповеди. Ако Оној што бил чист, свет и неизвалкан, што му правел на светот добро и само добро, бил изедначен со најлошиот злосторник и осуден на смрт, и Неговите следбеници можат да очекуваат само сличен однос, без оглед колку нивниот живот може да биде беспрекорен. {МАР 195.2}
Човечките одредби и законите што ги создале сатанските поданици под изговор да се заштити доброто, а злото да се ограничи и спречи, ќе бидат издигнувани, додека Божјите свети заповеди ќе бидат презирани и фрлени под нозе. И сите што својата верност кон Бога ја докажуваат со покорување на Јеховиниот закон мораат да бидат подготвени да бидат лишени од слобода и изведувани пред совети и судови на оние што за свое мерило не го земаат возвишениот и свет Божји закон.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 977) {МАР 195.3}
„Оние што живеат во последните денови од земната историја ќе дознаат што значи да се биде гонет поради вистината. Во судовите ќе владее неправда. Судиите нема да сакаат да ги сослушаат причините на оние што им се верни на Божјите заповеди, зашто знаат дека фактите одат во прилог на четвртата заповед, на што немаат одговор. Ќе речат: ’Ние имаме закон и според нашиот закон тој или таа треба да умре.‘ Божјиот закон за нив не значи ништо. ’Нашиот закон‘ за нив е највисокото мерило. На оние што ги почитуваат овие човечки закони ќе се гледа благонаклоно, а за оние што нема да сакаат да ѝ се поклонат на идолската сабота нема да има милост.“ (Signs of the Times, 26 мај 1898) {МАР 195.4}
„Преку лето не се гледа видлива разлика меѓу зимзелените и другите дрвја, но кога ќе настапат зимските луњи, зимзелените дрвја остануваат неизменети, додека останатите дрвја ги губат своите зелени лисја. Така и сега, таканаречените христијани не се разликуваат од вистинските христијани, но токму пред нас е времето кога ќе се покаже разликата. Нека се подигнат противниците, нека се распалат пак верскиот фанатизам и нетрпеливоста, нека настанат прогонства – полухристијаните и лицемерите ќе се поколебаат и ќе се откажат од својата вера, а вистинскиот христијанин ќе стои цврсто како карпа со посилна вера и со посветла надеж отколку во деновите на благосостојба.“ (Големата борба, стр. 602) {МАР 195.5}
