3 јули — Изопачена вистина

Мараната — Господ доаѓа
Изопачена вистина
3 јули
„Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘ или ‚таму е‘ – не верувајте!“ (Матеј 24:23) {МАР 192.1}
„Пред последната појава на отпадништвото ќе настане збрка во прашањето на верата. Претставите за Божјата тајна ќе бидат нејасни и неодредени. Една вистина по друга ќе биде изопачувана.“ (Signs of the Times, 28 мај 1894) {МАР 192.2}
„Кога вистината ќе биде објавена како сведоштво на сите народи, сите можни сили на злото ќе бидат активирани и умовите на луѓето ќе бидат збунувани од многу гласни извици: ’Еве, овде е Христос‘, или: ’Таму е. Овде е вистината, јас имам порака од Бога. Тој ме испрати со голема светлина.‘ Потоа ќе се отстрануваат ’старите меѓи‘ и ќе се вложуваат смислени напори да се урнат столбовите на нашата вера. Ќе се преземаат уште поодлучни напори да се воспостави лажната сабота и самиот Бог да биде изложен на презир со потиснување на денот што Тој самиот го посветил и благословил. Оваа лажна сабота ќе биде принудно наметната со силата на законот.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 985) {МАР 192.3}
„Во иднина ќе се појават секакви измами. Затоа мораме да имаме цврста почва под нозете и силни столбови на градбата. Ниту една ситница не смее да се одземе од она што Господ го воспоставил. Непријателот ќе шири лажни теории, како што е тврдењето дека светилиште не постои. Ова е една од точките поради кои некои ќе отстапат од верата.“ (Evangelism, стр. 224) {МАР 192.4}
„Ќе има лажни соништа и лажни виденија што ќе содржат нешто вистина, но ќе оддалечуваат од вистинската вера. Господ им дал на луѓето правило според кое ќе ги препознаат: ’Допрашајте се до законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина‘ (Исаија 8:20).“ (Selected Messages, книга 2, стр. 98) {МАР 192.5}
„Колку повеќе се приближуваме кон крајот, лагата толку ќе се меша со вистината што само оние што се под постојано водство на Светиот Дух ќе можат да ја забележат разликата меѓу вистината и заблудата. Мораме да вложиме секаков напор цврсто да се држиме за Господовиот пат. Во никој случај не смееме да го напуштиме Неговото водство потпирајќи се врз човек. Божјите ангели добиле задача будно да бдеат над оние што својата доверба ја полагаат во Господа, и тие ангели треба да ни бидат посебна помош во секоја наша потреба. Секој ден треба да доаѓаме кај Господа со цврста вера и од Него да бараме мудрост. … Оние што се раководат според Господовото слово јасно и со сигурност ќе ја забележуваат разликата меѓу вистината и лагата, меѓу гревот и праведноста.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 907) {МАР 192.6}
