2 јули — Сатаната и тројниот сојуз

Мараната — Господ доаѓа
Сатаната и тројниот сојуз
2 јули
„И му се поклонија на змевот, кој му беше дал власт на ѕверот; му се поклонија и на ѕверот, велејќи: ’Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?‘“ (Откровение 13:4) {МАР 191.1}
„’Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змевот‘. Иако се изјаснуваат како следбеници на Божјото Јагне, луѓето сè повеќе ги вдахновува духот на змевот. За себе зборуваат дека се кротки и понизни, но зборуваат и донесуваат закони во сатански дух, покажувајќи со своите дела спротивно од она што го тврдат. Оваа сила слична на јагне се соединува со змевот во војување против оние што ги држат Божјите заповеди и го чуваат сведоштвото на Исус Христос. Сатаната се обединува со протестантите и католиците, дејствувајќи во соработка со нив како бог на овој свет, управувајќи со луѓето како да се поданици на неговото царство, владеејќи над нив и контролирајќи ги како што му се сака. Ако луѓето не се согласат да ги погазат Божјите заповеди, ќе се покаже духот на змевот. Ќе бидат затворани, изведувани пред совети и осудувани на парични казни. ’И ќе направи на сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на десната рака или на челата нивни‘. ’И му се даде да вложи дух во бистата на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние кои нема да се поклонат пред бистата на ѕверот‘. Така сатаната ги присвојува правата на Јехова. Човекот на гревот седи на Божјото место, прогласувајќи се себеси за Бог и издигајќи се над Бога. {МАР 191.2}
Впечатлива е спротивноста меѓу оние што го носат Божјиот печат и оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик. Божјите верни слуги ќе ги доживеат најлошите прогонства од лажните учители, кои не сакаат да го слушнат Божјото слово и кои се подготвуваат да постават камења на сопнување на патот на оние што би сакале да го слушнат. Но Божјиот народ не треба да се плаши. Сатаната не може да оди подалеку од определената граница. Господ ќе биде бранител на Својот народ. Навредите што им се нанесуваат на Неговите слуги поради вистината Тој ги доживува како да Му се нанесени Нему. Кога ќе биде донесена последната одлука, кога секој ќе биде на определена страна, било на страната на Христос и заповедите или на страната на големиот отпадник, Бог ќе стане во Својата сила и устите на оние што хулеле на Него ќе бидат засекогаш затворени. Секоја сила што се противи ќе ја добие својата казна.“ (Letter 28, 1900) {МАР 191.3}
