27 јуни — Наметнат закон за неделата

Мараната — Господ доаѓа

Наметнат закон за неделата

27 јуни

„Тогаш ќе ве предадат на мачење и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име.“ (Матеј 24:9) {МАР 186.1}

„Кога движењето за задолжително празнување на неделата ќе биде посмело и порешително, тогаш и законот ќе биде повикан на помош против оние што ги држат Божјите заповеди. Ќе им се закануваат со парични казни и со затвор, а на некои ќе им се понудат влијателни места и положби, како и други награди и предности, како поттик да се откажат од својата вера. Но нивниот непоколеблив одговор ќе гласи: ’Докажете ни ја со Божјото слово нашата заблуда‘ … Оние што ќе бидат доведени пред судовите ќе ја одбранат вистината силно и убедливо, и некои од оние што ги слушаат ќе бидат поттикнати да се решат да ги држат сите Божји заповеди. На овој начин светлината ќе осветли илјадници такви кои инаку никогаш не би дознале за овие вистини. {МАР 186.2}

Совесната послушност кон Божјото слово ќе се толкува како бунт. Заслепени од сатаната, родителите ќе постапуваат строго и сурово со своите деца кои му се верни на Бога; господарите и господарките ќе ги угнетуваат своите слуги кои ги држат заповедите. Љубовта ќе олади; децата ќе бидат лишени од наследството и истерани од дома. Зборовите на Павле: ’А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети‘ (2. Тимотеј 3:12), буквално ќе се исполнат. Бидејќи бранителите на вистината ќе одбијат да ја почитуваат неделата на местото на саботата, некои од нив ќе бидат фрлени во затвор, некои ќе бидат прогонети, а со некои ќе се постапува како со робови. … {МАР 186.3}

Во ова време на прогонство ќе биде испитана верата на Божјите слуги. Тие верно ќе ги објавуваат опомените гледајќи само на Бога и на Неговото слово. Божјиот Дух, кој дејствува во нивните срца, ќе ги натера да зборуваат. … Но, кога ќе ги зафати бурата на противење и срамотење, некои, совладани од силното изненадување, ќе бидат готови да извикнат: ’Да знаевме какви ќе бидат последиците на нашите зборови, ние би молчеле‘. Тие ќе бидат опколени со тешкотии. Сатаната ќе ги напаѓа со жестоки искушенија. Делото што го презеле ќе изгледа дека ги надминува нивните способности да го извршат. Ќе им се заканува опасност да бидат уништени. Поранешниот ентузијазам кој ги оживувал, го снемува; а враќање нема. Тогаш, свесни за својата немоќ, ќе прибегнат кон Семожниот барајќи сила.“ (Големата борба, стр. 607–609) {МАР 186.4}