22 јуни — Храна и имот во последните денови

Мараната — Господ доаѓа

Храна и имот во последните денови

22 јуни

„И затоа, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доволна е неговата неволја.“ (Матеј 6:34) {МАР 181.1}

„Господ повторно ми покажа во видение дека е спротивно на Библијата да се прават залихи за нашите привремени потреби во времето на неволјата. Видов дека ако светиите имаат храна кај себе или на полињата во времето на неволјата, кога меч, глад и епидемии ќе ја пустошат земјата, насилнички раце ќе им ја одземат, а туѓинци ќе ги пожнеат нивните полиња. Тоа ќе биде време целосно да се потпреме на Бога и Тој ќе нè храни. Видов дека во тоа време ќе ни бидат обезбедени леб и вода, така што нема да оскудеваме ниту да гладуваме. Господ ми покажа дека некои од Неговите деца ќе се исплашат кога ќе видат како растат цените на храната и ќе купуваат храна и ќе ја складираат за времето на неволјата. Тогаш, во времето на неволјата, ги видов како одат по својата храна, која се црвосала и е полна со живи суштества, па затоа не е за употреба.“ (To Those Who Are Receiving the Seal of the Living God, леток, 31 јануари 1849) {МАР 181.2}

„Во времето на неволјите, куќите и земјата нема да им бидат од никаква корист на светиите, бидејќи ќе мораат да бегаат од разбеснетата толпа; нивниот имот тогаш нема да може да се употреби за унапредување на делото на сегашната вистина. … {МАР 181.3}

Видов дека доколку некои се држат за својот имот и не прашуваат од Господа што треба да направат, Тој нема ни да им укаже на должноста. На нив ќе им биде дозволено да го задржат она што го имаат, но во времето на неволјите тоа ќе им се испречи на нивниот пат и како планина ќе им се закани дека ќе ги сотре; тие тогаш ќе се обидат да го распродадат својот имот, но нема да бидат во состојба тоа да го направат. … меѓутоа, ако тие сакаат да бидат поучени, тогаш Тој ќе ги поучи кога и колку да продадат.“ (Рани списи, стр. 56, 57) {МАР 181.4}

„Во последниот голем судир на борбата со сатаната, оние кои се верни на Бога ќе бидат лишени од секаква земна помош. Бидејќи ќе одбијат да го прекршат Божјиот закон покорувајќи се на земните сили, ним ќе им биде забрането да купуваат и продаваат. На крај, со општ декрет ќе бидат осудени на смрт. … Но, на послушните им е ветено: ’тој ќе живее на висините: засолниште му се непристапните карпи; ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши‘. (Исаија 33:16)“ (Копнежот на вековите, стр. 121, 122) {МАР 181.5}