1 јуни — Идните настани се јасно откриени

Мараната — Господ доаѓа
Идните настани се јасно откриени
1 јуни
„Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците.“ (Амос 3:7) {МАР 160.1}
„Настаните што се поврзани со крајот на времето на милоста и со делото на подготовката за времето на неволјата јасно ни се изнесени. Но постојат илјадници такви кои не ги сфаќаат овие важни вистини, како никогаш да не им биле откриени. Сатаната будно внимава за да спречи секакво влијание кое би можело да ги вразуми на спасение; и така времето на неволјата ќе ги најде неподготвени.“ (Големата борба, стр. 594) {МАР 160.2}
„Како што се приближуваме кон крајот на историјата на овој свет, пророштвата што се однесуваат на последните денови бараат посебно да ги проучуваме. Последната книга на Новиот завет е полна со вистини што мораме да ги разбереме.“ (Христовите параболи, стр. 133) {МАР 160.3}
„Свечените вести кои со својот ред се дадени во Откровението треба да го заземат првото место во мислите на Божјиот народ. … {МАР 160.4}
Драгоценото време бргу минува и постои опасност мнозина да бидат лишени од времето кое би требало да го посветат на објавување на веста која Бог ја испратил на паднатиот свет. На сатаната му е угодно кога ќе види дека вниманието кое треба да се посвети на проучување на вистината за вечните стварности се обрнува на некој друг предмет. {МАР 160.5}
На светот мора да му се објави Христовото сведоштво кое има најсвечено обележје. Низ целата книга на Откровението се наоѓаат најдрагоцени, највозвишувачки ветувања, а исто така и предупредувања кои имаат страшно и сериозно значење. Зар оние кои тврдат дека ја познаваат вистината нема да го проучат сведоштвото кое самиот Христос го дал на Јован? Тука нема нагаѓање, нема научни измами. Тука се наоѓаат вистини кои се однесуваат на нашата сегашна и идна благосостојба. Што е сламата во споредба со житото?“ (Сведоштва за црквата, том 8, стр. 302) {МАР 160.6}
„Само оние кои вредно го проучуваат Светото писмо и кои имаат љубов кон вистината, ќе бидат заштитени од оваа моќна измама што ќе го зароби сиот свет. Со помош на сведоштвата на Светото писмо тие ќе го откријат маскираниот измамник. Сите ќе бидат ставени на проба. Решетањето предизвикано од ова искушение ќе ги открие вистинските христијани. Дали Божјиот народ денес е толку цврсто втемелен во Неговото слово за да не се потпира врз своите сетила? Дали во таквата криза ќе се потпира врз Библијата, и само врз Библијата?“ (Големата борба, стр. 625) {МАР 160.7}
