31 мај — Застанување во редовите

Мараната — Господ доаѓа
Застанување во редовите
31 мај
„Нека го видат тоа оние што страдаат и нека се зарадуваат. Нека ви живнат срцата вам, кои Го барате Бога.“ (Псалми 69:32) {МАР 159.1}
„Ваша предност е да се радувате во Господа и да уживате во познавањето на Неговата благодат што ве одржува во живот. Неговата љубов нека ги обземе умот и срцето. Бдејте да не станете преморени, изедени од грижи, потиштени. Изнесувајте сведоштво што воздигнува. Тргнете го својот поглед од она што е мрачно и обесхрабрувачко и гледајте кон Исус, нашиот голем Водач, под Чиј буден надзор сегашната вистина, на која ѝ го даваме својот живот и сè друго, е предодредена славно да победи. … {МАР 159.2}
О, нека се види … дека Исус живее во срцето, ве поддржува, ве зајакнува, ве теши. Ваша предност е од ден на ден да примате богата мерка од Неговиот Свет Дух и да имате широк поглед врз значењето и опсегот на пораката што му ја објавуваме на светот. Господ сака да ви открие чудесни нешта од Својот закон. Чекајте Го со понизно срце. Молете се најискрено за разбирање на времето во кое живееме, за поцелосно познавање на Неговата намера и за поголема делотворност во спасувањето на душите. … {МАР 159.3}
Добро би било за нас да сфатиме што наскоро ќе дојде врз земјата. Ова не е време за безначајни нешта и себичност. Ако времето во кое живееме не може сериозно да влијае врз нашиот ум, што тогаш може? … {МАР 159.4}
Сега се потребни луѓе со здраво расудување. Бог ги повикува на целосна реформа оние што сакаат да бидат водени од Светиот Дух. Ја гледам кризата што е пред нас, а Господ ги повикува Своите работници да застанат во редовите. Секоја душа треба да развива подлабока, повистинска посветеност на Бога отколку досега. … {МАР 159.5}
Длабоко ме трогнаа сцените што неодамна ми беа покажани во ноќно видение. Се чинеше дека се одвива големо движење — дело на оживување што напредуваше на многу места. Нашиот народ застануваше во редовите, одѕивајќи се на Божјиот повик. … Зар нема да обрнеме внимание на Неговиот глас? Зар нема да ги подготвиме своите светилки и да дејствуваме како луѓе што сакаат нивниот Господ да дојде? Времето е такво што повикува на носење светлина, на дејствување.“ (Selected Messages, книга 2, стр. 399–402) {МАР 159.6}
