30 мај — Последици од лажните виденија

Мараната — Господ доаѓа
Последици од лажните виденија
30 мај
„Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“ (Матеј 7:19,20) {МАР 158.1}
„Неколкумина што сега живеат (1890) се сомневачи, не веруваат во даровите на црквата, немаат вера во вистината и воопшто не се религиозни. Ми беше покажано дека станале такви како последица на лажните виденија. … {МАР 158.2}
Сатаната … постојано лаже за да ги оддалечи од вистината. Последната сатанска измама ќе биде сведоштвото на Божјиот Дух да не влијае врз никого. ’Без откровение одозгора народот е нескротлив‘ (Изреки 29:18). Сатаната вешто ќе работи на различни начини и преку различни орудија за да ја поколеба довербата на Божјиот остаток во вистинското сведоштво. Ќе дава лажни виденија за да измами, ќе ја меша лагата со вистината и ќе им омрази на луѓето сè што го носи името видение како пример за фанатизам; но искрените души, споредувајќи го лажното со вистинското, ќе можат да ја забележат разликата. … {МАР 158.3} {МАР 158.4}
Ништо не е поштетно за душата, за нејзината чистота, вистинољубивост и свето разбирање на Бога, на светите и вечни нешта, отколку величењето и упорното обрнување внимание на она што не е од Бога. Тоа го труе срцето и го расипува расудувањето. Чистата вистина доаѓа од божествениот Извор и со своето влијание го воздигнува, облагородува и посветува карактерот на оној што ја прима. Зачетникот на вистината вака Му се молел на Својот Отец: ’Но не се молам само за нив, туку и за оние што преку нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил‘ (Јован 17:20,21). {МАР 158.5}
Постојано ќе се случува нешто што ќе предизвикува разединетост и ќе ги оддалечува луѓето од вистината. Сомневањето, критикувањето, обвинувањето и осудувањето на другите не се доказ за Христовата благодат во срцето. Тоа не донесува единство. Такво нешто се случувало во минатото, кога луѓето изјавувале дека имаат прекрасна светлина, а биле длабоко потонати во грев.“ (Selected Messages, книга 2, стр. 78, 79) {МАР 158.6}
