9 мај — „Како што беше во Ноевите дни“

Мараната — Господ доаѓа
„Како што беше во Ноевите дни“
9 мај
„Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки:“ (Лука 17:26) {МАР 137.1}
„Ми беше покажана страшната состојба во која се наоѓа светот. Ангелот на милоста ги собира своите крилја подготвен да замине. …
Божјиот закон се смета за невалиден. Гледаме и слушаме за збрки и забуни, немаштија и глад, земјотреси и поплави. Луѓето се впуштаат во страшни злосторства; со нив повеќе не владее разумот, туку страста. Божјиот гнев само што не се излеал на жителите на светот кој набргу ќе стане толку расипан како што биле жителите на Содом и Гомор. Огнот и водата веќе уништуваат илјадници животи и богатства кои себично биле натрупувани со угнетување на сиромасите. Господ наскоро ќе го заврши Своето дело и ќе му стави крај на гревот. О, кога сцените на беззаконие во овие последни денови што ми беа покажани, би можеле да остават длабок впечаток на срцето на народот кој тврди дека е Божји! Како што било во деновите на Ное, така ќе биде и кога ќе се појави Синот човечки. Господ го повлекува од земјата Своето ограничување (задржување на четирите ветришта) и наскоро смрт и уништување, сè поголеми злосторства и свирепи одмазди ќе ги снајдат богатите кои се издигнале над сиромашните. Тие што нема да имаат Божја заштита нема да бидат сигурни на ниедно место и на каква било положба. Луѓето се обучуваат и ги користат своите пронаоѓачки способности за да измислат што поубиствени направи и орудија за уништување. … {МАР 137.2}
Мои браќа и сестри … јас ве повикувам. … Мнозина живеат премногу нежен и префинет живот. … Се сметаат себе за христијани, а не знаат што значи практичен христијански живот. … Што значи да се биде христијанин? Тоа значи да се биде сличен на Христа. {МАР 137.3}
Соработувајте со Бога работејќи во согласност со Него. Исфрлете го од храмот на душата сето она што е слично на некој идол. Сега е Божјо време; а Неговото време е и ваше време. Борете се во добрата борба на верата, отфрлувајќи ја секоја помисла или разговор за неверувањето. Светот треба да ја слушне последната вест на предупредување.“ (Сведоштва за црквата, том 8, стр. 49–53) {МАР 137.4}
