7 мај — Ремек-делото на сатанските измами

Мараната — Господ доаѓа
Ремек-делото на сатанските измами
7 мај
„Она што е тајно, Му припаѓа на Господ, нашиот Бог, а она што е јавно – нам и на синовите наши довека, за да ги извршуваме сите зборови на овој закон.“ (Второзаконие 29:29) {МАР 135.1}
„Човечкото знаење, како во материјалните така и во духовните работи, е делумно и несовршено и затоа мнозина не се во состојба своите научни ставови да ги усогласат со библиските извештаи. Некои ги прифаќаат обичните теории и шпекулации како научни факти и мислат дека Божјото слово мора да биде во согласност со ’лажната наука‘ (1. Тимотеј 6:20). Творецот и Неговите дела го надминуваат нивното сфаќање; и бидејќи тие не можат да ги објаснат со природните закони, тие историјата на Библијата ја сметаат за несигурна. Оние што се сомневаат во веродостојноста на извештаите на Стариот и Новиот завет, честопати одат еден чекор понатаму и се сомневаат во постоењето на Бога, а на природата ѝ припишуваат бесконечна моќ. Бидејќи ја отфрлиле својата котва, препуштени се да се скршат на карпата на неверувањето. {МАР 135.2}
На овој начин мнозина се оддалечуваат од верата и сатаната лесно ги заведува. … Човечката мудрост се обидувала да ги сознае и да ги објасни тајните што нема да бидат откриени ниту во вечноста. Кога луѓето би сакале да го истражуваат и да го разберат она што го објавил Бог за Себе и за Своите намери, би добиле такво откровение за Господовата слава, за Неговото величество и моќ, со кое би ја увиделе својата лична безначајност и би биле задоволни со она што им е откриено ним и на нивните деца. … {МАР 135.3}
Ремек-дело на сатанското измамување е тоа што ги поттикнува луѓето да изградат претпоставки во врска со она што Бог не го открил и нема намера да ни го разјасни. На тој начин Луцифер го загубил своето место на небото. Тој бил незадоволен што не му биле доверени сите тајни на Божјите планови, а целосно го запоставил она што му било откриено во врска со неговото лично дело на толку високата положба што ја заземал. Предизвикувајќи го истото незадоволство и во срцето на ангелите што му биле подредени, тој бил причината за нивниот пад. Сега се обидува луѓето да ги вдахне со истиот дух и исто така да ги наведе да ги презрат јасните Божји заповеди.“ (Големата борба, стр. 522, 523) {МАР 135.4}
