3 април — Поттикнати од љубовта

Мараната — Господ доаѓа
Поттикнати од љубовта
3 април
„И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и братот свој.“ (1 Јованово 4:21) {МАР 101.1}
„Љубовта е темел на побожноста. Независно од тоа што зборува, никој нема чиста и вистинска љубов кон Бога ако не покажува несебична љубов кон својот брат. … Кога нашето ’јас‘ наполно ќе се загуби во Христа, љубовта ќе се појави спонтано, без ние да бидеме свесни за тоа. Тогаш, кога во нашето срце постојано ќе се јавува желба да им помогнеме на ближните, и кога на нашето лице ќе се покаже небесната светлина што ја исполнува нашата душа, ние постигнуваме совршенство на христијанскиот карактер. … {МАР 101.2}
Поврзани со Христа, ќе бидеме поврзани и со нашите ближни со златните алки на синџирот на љубовта. Тогаш во нашиот живот ќе се покажат истото сочувство и сожалување што ги покажал Христос. Ние нема да чекаме сиромасите и несреќниците да дојдат кај нас. Не е потребно некој да нѐ преколнува за да почнеме да сочувствуваме со патилата на другите. Ќе ни биде исто толку природно да им дојдеме на помош на сиромасите и настраданите како и на Христа што му било природно да оди и да прави добро. … Небесната слава ги подига паднатите и ги теши ожалостените. … {МАР 101.3}
Бог не признава никаква разлика направена по националност, класа или општествен слој. … Според создавањето сите луѓе се припадници на едно исто семејство. Христос сите ги соединил со својот откуп. Тој дошол да урне секој ѕид на разделба, да отвори секое одделение на храмот, секоја душа да добие слободен пристап кон Бога. Неговата љубов е толку широка, толку длабока, толку сеопфатна, што секаде проникнува. Таа ги извлекува од кругот на влијанието на сатаната бедните души што биле заведени … и ги става во близина на Божјиот престол, престол опкружен со виножито, со ветување. … {МАР 101.4}
Христос на секого сака да му овозможи висок степен на заедница со себе — да бидеме едно со него како што е Тој едно со својот Отец. Тој ни дозволува да дојдеме во допир со измачените и настраданите за да нѐ извлече од нашата себичност, трудејќи се кај нас да ги развие особините на својот карактер: сожалување, нежност и љубов. … Господ изјавува: ’Ако одиш по патиштата Мои и се придржуваш кон Моите уредби, ќе владееш со Мојот дом… И Јас ќе ти дозволам да одиш меѓу тие луѓе што стојат овде‘ — меѓу ангелите што го опкружуваат неговиот престол (Захарија 3:7). Соработувајќи со небесните суштества во неговото дело на земјата, ние се приготвуваме за дружење со нив на небесата.“ (Христовите параболи, стр. 384–389) {МАР 101.5} {МАР 101.6}
