20 март — Непоколеблива вера

Мараната — Господ доаѓа
Непоколеблива вера
20 март
„Но да моли со вера и никако да не се сомнева; зашто оној кој се сомнева, прилега на морски бран, кого ветрот го издига и растура;“ (Јаков 1:6) {МАР 87.1}
„Молитвата и верата се тесно поврзани, и треба заедно да се проучуваат. Молитвата со вера е божествена умешност; таа е умешност со која мора да овладее секој што сака неговото животно дело да биде успешно. Христос вели: ’сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде‘ (Марко 11:24). Тој објаснува дека нашата молба мора да биде во согласност со Божјата волја; ние мораме да го бараме она што Тој го ветил, и што и да примиме, тоа мора да биде употребено за да се исполни Неговата волја. Ако се исполнат условите, ќе се исполни и ветувањето. {МАР 87.2}
Ние смееме да бараме простување на гревовите, Свети Дух, природа слична на Христовата, мудрост и сила да работиме во Неговото дело, секој дар што Тој ни го ветил; потоа мораме да веруваме дека ќе примиме и да Му заблагодариме на Бога што сме примиле.
Не е потребно да бараме каков било надворешен доказ за благословот. Дарот се наоѓа во ветувањето, и ние треба да продолжиме да ја работиме нашата работа сигурни дека Бог може да го исполни она што го ветил и дека дарот, што веќе го имаме, ќе стане стварност кога ќе ни биде најпотребен. {МАР 87.3}
Да се живее така од секоја Божја Реч, значи да Му се предаде целиот живот. Тогаш постојано ќе ги чувствуваме сопствената беда и зависност, копнежот на срцето за Бога. Молитвата е неопходна; таа е живот на душата. Семејната молитва и јавната молитва имаат свое место, но, тајниот разговор со Бога всушност го одржува животот на душата. … {МАР 87.4}
Светот го зафаќа напнатост каква никогаш порано не можела да се види. Во задоволствата, трупањето пари, борбата за власт и самата борба за опстанок, постои страотна сила која го окупира телото, умот и душата. Среде ова разбеснето трчање, Бог проговара. Тој нѐ повикува да се повлечеме во самотија и да разговараме со Него. ’Застанете и разберете дека Јас сум Бог‘ (Псалм 46:10). … {МАР 87.5}
Наша потреба не е кусо застанување во Негова близина, туку лична врска со Христа.“ (Воспитување, стр. 257–261) {МАР 87.6}
