19 март — Тајната на успехот

Мараната — Господ доаѓа

Тајната на успехот

19 март

„Синовите човечки се само суета; синовите човечки се лага; кога би ги ставиле на мерило, тие сите заедно би биле полесни од здив!“ (Псалми 62:9) {МАР 86.1}

„Мораме многу да се молиме ако сакаме да напредуваме во божествениот живот. Колку многу се молевме кога првпат беше објавена веста на вистината. Колку тогаш често се слушаше гласот на молитва во собата, во шталата, градината или овоштарникот. Често поминувавме цели часови во молитва, по двајца или тројца, положувајќи право на ветувањето. Тогаш честопати се слушаше плачење, глас на благодарност и песни на слава. Денес Божјиот ден е поблиску од тогаш кога првпат поверувавме и затоа треба да бидеме посесрдни, поревни од тие први денови. Нашите опасности сега се поголеми од оние тогаш.“ (5. Сведоштво, стр. 161,162) {МАР 86.2}

„И Исус во текот на Својот земски живот примал мудрост и сила токму во часовите на тајна молитва. Младите треба да го следат Неговиот пример и да одделат тивки мигови во зората и самракот за разговор со Својот Татко на небесата. И во текот на денот своите срца треба да ги издигнуваат кон Бога. На секој чекор од нашиот пат, Тој вели: ’зашто Јас сум Господ, Бог твој; те држам за твојата десна рака … Не плаши се, Јас ти помагам.‘ (Исаија 41:13). Колкава свежина и сила, колкава радост и задоволство би се вселиле во нивниот живот кога нашите деца би ги научиле овие поуки во зората на нивната младост!“ (Воспитување, стр. 259) {МАР 86.3}

„Срцето нека ви биде проникнато со копнеж да излезете пред Бога, пред живиот Бог! Христовиот живот покажал што може да постигне човек кога ќе се здобие со дел од божествената природа. Сѐ што примил Христос од Бога, можеме да примиме и ние. Според тоа, барајте и ќе добиете. Исполнети со истрајна, Јаковова вера, со нескршлива цврстина на Илија, барајте да добиете сѐ што ветил Бог. {МАР 86.4}

Во вашиот ум нека се обликуваат славни замисли за Бога. Вашиот живот со скриени врски нека биде поврзан со Исусовиот живот. Оној што ѝ заповедал на светлината да засветли во темнината, копнее да засветли и во вашето срце за да ја запознаете Божјата слава во ликот на Исуса Христа. Светиот Дух ќе ви ги открие божествените вистини, внесувајќи ги како животворна сила во срцето кое е подготвено да ги послуша. Христос ќе ве доведе до прагот на Семожниот. Ќе можете да ја посматрате славата зад завесата и ќе им го откривате на луѓето изобилието на Оној кој вечно живее за да може да се моли за нас.“ (Христовите параболи, стр. 149) {МАР 86.5}