18 март — Здивот на душата

Мараната — Господ доаѓа

Здивот на душата

18 март

„Молете се постојано!“ (1 Солунјаните 5:17) {МАР 85.1}

„Молитвата е дишење на душата, канал на сите благослови. Кога покајничката душа упатува молитва, Бог ја набљудува нејзината борба, ги гледа нејзините судири и ја гледа нејзината искреност. Тој го става Својот прст врз нејзиниот пулс и го бележи секое отчукување. Нема чувство што затреперува, емоција што се придвижува, тага што фрла сенка, грев што ја валка душата, ниту мисла или намера што се создава, а Тој да не знае за тоа. Таа душа е купена по бесконечна цена и е љубена со непроменлива, посветувачка љубов. {МАР 85.2}

Молитвата упатена кон големиот Лекар за исцелување на душата донесува Божји благослови. Молитвата нè соединува едни со други и со Бога. Молитвата Го доведува Исуса на наша страна и ѝ дава нова сила и свежа благодат на слабата, збунета душа. … {МАР 85.3}

Нашиот Спасител Исус Христос бил искушуван во сè како и ние, а сепак бил без грев. Ја зел човечката природа, примил човечки облик; имал човечки потреби. Како човек, имал потреби што морале да бидат задоволени, и телесен умор што морал да биде олеснет. Молитвата што ја упатувал до Својот Отец Го крепела за работа и за искушенијата. Од ден на ден ја извршувал Својата должност, настојувајќи да спаси души. … Поминувал цели ноќи во молитва за оние што биле искушувани. … {МАР 85.4}

Ноќите во молитва што Спасителот ги поминувал на гората или во пустината биле од суштинско значење во Неговата подготовка за искушенијата со кои морал да се соочи во наредните денови. Ја чувствувал потребата душата и телото да бидат поткрепени и освежени, за да може да им одолее на сатанските искушенија. Оние што се борат да живеат како Него ќе ја почувствуваат истата потреба. … {МАР 85.5}

Тој ни вели: ’Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе самиот, нека го земе крстот свој и секој ден нека Ме следи!‘ Само Христос може да нè оспособи да одговориме на Неговиот повик: ’Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце‘. Тоа значи дека нашето ’јас‘ секој ден мора да умира. Христос може да ни даде благородна решителност, подготвеност да страдаме и со истрајна сила да ги водиме Господовите битки. Најслабите, потпомогнати од божествената благодат, можат да имаат таква сила што ќе бидат повеќе од победници.“ (Review and Herald, 30. октомври 1900.) {МАР 85.6}