7 март — Проверете сами

Мараната — Господ доаѓа

Проверете сами

7 март

„Имајте страхопочит кон Господ, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои имаат страхопочит кон Него.“ (Псалми 34:9) {МАР 74.1}

„Како ќе ја запознаеме Божјата добрина и Неговата љубов? Псалмистот не ни вели: чуј и знај, читај и знај или верувај и знај, туку: ’Вкусете и ќе видите, колку е добар Господ‘ (Псалм 34:8). Немој да се потпираш на зборовите на другите, туку сам испробај. {МАР 74.2}

Искуството е сознание кое се добива преку проба. Она што нам сега ни треба е искуствена религија. … Некои, кои всушност ги има многу, имаат теоретско познавање на вистината, но во своето срце никогаш не ја почувствувале божествената благодат која обновува. … Веруваат дека ќе дојде Божјиот гнев, но не вложуваат никакви напори за да го избегнат. Тие веруваат во небото, но не прават жртви за да го придобијат. …

Тие знаат за лекот против гревот, но не го користат. Знаат што е право, но тоа не им годи. Целото нивно знаење само ја зголемува нивната вина. Тие никогаш не пробале ниту почувствувале преку искуство дека Господ е добар. {МАР 74.3}

Да се стане ученик на Христа значи да се одречеме од самите себеси и да одиме по Исуса како во добро така и во зло. Секое попуштање во она што ни е драго, а го попречува нашиот верски живот, мора да се отстрани. … Ќе вложиме ли соодветен напор и ќе ја поднесеме ли жртвата достојна за целта што треба да ја достигнеме? {МАР 74.4}

Дружењето со секоја личност, колку и да е ограничено, има влијание на нас. До кој степен ќе бидеме под ова влијание зависи од степенот на блискост, од тоа дали постојано сме во нејзино друштво, како и од тоа колку ја сакаме и почитуваме таа личност. Така запознавајќи се и дружејќи се со Христа ние можеме да станеме слични на Него, Кој е совршен пример. {МАР 74.5}

Неискажливо е драгоценото дружење со Исуса! Ние сме во можност да се дружиме со Него — доколку сакаме, доколку сме подготвени да се жртвуваме за да го зачуваме.“ (5. Сведоштво, стр. 221–223) {МАР 74.6}

„Така секој со своето лично искуство ’потврдил дека Бог е вистинит‘ (Јован 3,33). Може да посведочи: ’Помошта ми беше потребна и ја најдов во Исус. Сите мои потреби беа задоволени, задоволена е гладта на мојата душа … Верувам во Исус затоа што Тој ми е божествен Спасител. Верувам во Библијата бидејќи увидов дека таа е Божјиот глас којшто зборува на мојата душа‘.“ (8. Сведоштво, стр. 321) {МАР 74.7}