6 март — Христос — единствениот Спасител

Мараната — Господ доаѓа

Христос — единствениот Спасител

6 март

„Нѐ избави од власта на темнината и нѐ воведе во царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп; и простување на гревовите.“ (Колосјаните 1:13,14) {МАР 73.1}

„Без оглед какви сте или каков бил вашиот живот можете да се спасите само по патот што Бог го одредил. Морате да се покаете; морате беспомошно да паднете на Карпата, Исуса Христа. Морате да почувствувате потреба за лекар, за еден лек кој лечи од гревот – Христовата крв. Тој лек може да се обезбеди само преку покајание пред Бога, и со вера во Господа Исуса Христа. … Христовата крв нема да му користи на никого, освен на оние што чувствуваат потреба за нејзината сила која чисти од гревот. {МАР 73.2}

Христос бил волен да се заложи за нашето спасение со ненадминлива љубов и снисходливост, иако ние не сме имале никакви права на божествената милост. Тоа е доказ за Неговата неспоредлива љубов и милост. Но нашиот голем Лекар од секоја душа бара безусловна покорност. Ние не смееме никогаш сами да ја лечиме својата болка. Нашата волја и нашиот живот мора во потполност да Му бидат потчинети на Христа. … {МАР 73.3}

Можеме … да си ласкаме дека нашиот морален карактер е исправен и дека немаме потреба да се понизиме пред Бога како другите грешници. Но ние мораме да бидеме волни да влеземе во животот на ист начин како и најголемите грешници. Мораме да се откажеме од својата правда и да ја побараме правдата на Христа за да ни биде засметана. За својата сила мораме целосно да зависиме од Христа. ’Јас‘ мора да умре. Мораме да признаеме дека сѐ што имаме доаѓа од големото богатство на божествената благодат. Говорот на нашето срце нека биде: ’Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина‘ (Псалм 115:1). {МАР 73.4}

По вистинската вера следува љубовта, а по љубовта послушноста. Кога еден човек ќе се обрати, сите негови сили и страсти се донесени под Христова власт. Неговиот Дух е сила која обновува и која сите што Го примаат ги преобразува според божествениот лик. … {МАР 73.5}

’Секој што е роден од Бога, грев не прави‘ (1 Јованово 3:9). Тој знае дека е откупен со Христовата крв и дека најсвечениот завет го обврзува да Го слави Бога со своето тело и дух, кои се Божји. Тој ја задушил својата љубов кон гревот и кон самиот себеси. Тој секој ден прашува: ’Што да Му дадам на Господ за сите Негови добрини што ми ги направи мене?‘. ’Господи, што сакаш да направам?‘ (Псалм 116:12; Дела 9:6).“ (5. Сведоштво, стр. 218–220) {МАР 73.6}