16 февруари — Сега — секогаш сега

Мараната — Господ доаѓа

Сега — секогаш сега

16 февруари

„И така, бидете будни, зашто не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки.“ (Матеј 25:13) {МАР 55.1}

„Христовото доаѓање ќе биде како полноќ, кога сите спијат. Добро ќе биде секој да ги среди своите сметки пред да зајде сонцето. Сите дела на човекот треба да бидат исправни, а сите негови односи со другите луѓе средени. Секоја нечесност, сите грешни постапки мора да се отстранат. Маслото на благодатта треба да биде во нашите светилки. … Навистина жална ќе биде состојбата на душата која имала изглед на побожност, но се откажала од нејзината сила; која зборувала: ’Христе, Господи, Господи‘, а сепак не го имала Неговиот лик и Неговиот натпис. … {МАР 55.2}

Бог милостиво определил ден на проверка, време на испитување. Тој повикува: ’Барајте го Господа, додека можете да Го најдете; викајте Го додека е близу‘ … {МАР 55.3}

Денес повикува гласот на милоста и Исус ги привлекува луѓето со врвците на Својата љубов. Но ќе дојде ден кога Исус ќе ја облече облеката на одмаздата. … Грешноста на човештвото расте секој ден и кога ќе ја достигне определената граница, книгите ќе се затворат и ќе се положи сметката. Повеќе нема да има жртва за грев. Господ доаѓа. Долго милоста ја подаваше раката на љубовта, трпението и поднесувањето кон грешниот свет. Беше упатен повикот: ’ако пребегне кон заштитата Моја‘ … Но луѓето ја презреа Неговата милост и ја отфрлија Неговата благодат. {МАР 55.4}

Зошто Господ толку долго го одложува Своето доаѓање? Целата небесна војска чека да ја изврши последната задача за овој изгубен свет, а сепак работата чека. Тоа е затоа што малкумината што велат дека го имаат маслото на благодатта во своите светилки не станале светлина што гори и свети во светот. Тоа е затоа што има малку мисионери. … {МАР 55.5}

Секоја нова седмица е една седмица помалку, секој нов ден нè приближува кон определеното време на судот. Жално е што има мнозина кои имаат вера ’на мигови‘ — вера што зависи од чувствата и е водена од емоциите. ’А кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен‘. Затоа проверете дали во вашите срца го имате маслото на благодатта. Неговото поседување ќе ја направи пресудната разлика на судот.“ (Review and Herald, 27. март 1894.) {МАР 55.6}