8 февруари — Морална независност

Мараната — Господ доаѓа
Морална независност
8 февруари
„Затоа излезете од нивната средина и одделете се!‘ Вели Господ, и ’Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам! И Јас ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки‘, вели Господ Седржителот.“ (2 Коринтјаните 6:17,18) {МАР 47.1}
„Денес многумина имаат покривала на своите лица. Ова покривало е наклоност кон навиките и постапките на светот кои ја сокриваат од нив Господовата слава. Бог сака нашите очи да бидат управени кон Него и да ги изгубиме од вид работите на овој свет. {МАР 47.2}
За да им удоволиме на барањата на Библијата треба да ја внесуваме вистината во секојдневниот живот, издигнувајќи го знамето на вистината сè повеќе и повеќе. Поради тоа ќе биде потребно да се спротивставуваме на модата, обичаите, праксата и општите начела на светот. Световните влијанија како морски бранови навалуваат на Христовите следбеници за да ги одбијат од вистинските начела на Неговата кротост и благодат; но ние мораме во овие начела да бидеме цврсти како карпа. Тоа бара морална храброст и оние чии души не се утврдени на Вечната Карпа ќе бидат однесени од струјата на овој свет. Можеме да стоиме цврсто само ако нашиот живот е сокриен со Христа во Бога. Моралната независност е потполно на свое место кога се работи за спротивставувањето на светот. Предавајќи се потполно на Божјата волја, ние ќе дојдеме во поповолна положба и ќе увидиме колку е потребно одлучно одвојување од обичаите и праксата на овој свет.
Не е доволно нашето мерило да биде само малку повозвишено од мерилата на овој свет; разликата помеѓу нас и него мора да биде јасна и очевидна. … {МАР 47.3}
Не е лесно да се заслужи непроценливото богатство на вечниот живот. Никој не може тоа да го заслужи, ако се препушти по струјата на овој свет. Ние мора да излеземе од светот, да се одвоиме и да не се допираме до ништо нечисто. Никој не може да постапува како светот, а световната струја да не го понесе со себе. Никој не може да се издигне без истрајни напори. Секој кој сака да победи, мора цврсто да се држи за Христа. Тој не смее да гледа наназад, туку својот поглед мора да го држи постојано насочен нагоре, стекнувајќи позитивни особини една по друга. Личната будност е цена на безбедноста. … {МАР 47.4}
Крајот на сите работи е пред нас. Сега е потребно луѓето да се вооружат и подготват за Господовата битка.“ (6. Сведоштво, стр. 146–148) {МАР 47.5}
