5 февруари — Сигурен водич

Мараната — Господ доаѓа

Сигурен водич

5 февруари

„Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе.“ (Јаков 1:22) {МАР 44.1}

„Бог ги повикува оние што ја познаваат Неговата волја, Неговата реч да ја спроведуваат на дело. Слабоста, малодушноста и неодлучноста ги предизвикуваат нападите на сатаната и оние кои дозволуваат во нив да се развијат овие особини безнадежно ќе потонат во брановите на искушенијата. Од секој кој го исповеда Христовото име се бара да израсне до висината на Христовиот раст, кој е глава на христијанскиот живот. {МАР 44.2}

На сите нам ни е потребен водач преку животните неволи, како што на морнарот му е потребен кормилар кој ќе го води преку песочните наноси или по карпестата река. А каде ќе го најдеме овој водач? Ние, драги браќа, ве упатуваме на Библијата. Вдахновена од Бога, пишувана од свети луѓе, таа јасно и точно ги покажува должностите на старите и младите. Таа го издигнува духот, го скротува срцето и ѝ дава спокој и света радост на нашата душа. Библијата претставува совршено мерило на карактерот; таа е непогрешлив водач во сите прилики, до самиот крај на животниот пат. Земете ја како свој најдобар советник, како правило на својот секојдневен живот. … {МАР 44.3}

Во Светото писмо има илјадници други камења на вистината кои се сокриени за оној кој бара само по површината. Рудникот на вистината никогаш не се исцрпува. Колку повеќе го проучувате Светото писмо со понизно срце, сѐ поголем ќе биде вашиот интерес и вие сѐ повеќе ќе бидете подготвени да воскликнете како Павле: ’О, длабочино на богатство, мудрост и знаење Божјо! Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта!‘ (Римјаните 11:33). Секој ден треба да научите нешто ново од Светото писмо. Истражувајте го како сокриено богатство, бидејќи тоа содржи зборови на вечен живот. Молете се за мудрост и разбирање за да ги разберете тие свети зборови. Ако постапувате така, ќе почувствувате дека сте примиле нова и драгоцена светлина во поглед на прашањата поврзани со вистината и вие сѐ повеќе и повеќе ќе го цените Светото писмо. … {МАР 44.4} {МАР 44.5}

Вие сега гласно сте повикани ревно да ги искористите сите средства на благодатта за да бидете преобразени по карактерот и да израснете до полна возраст на мажи и жени во Христа Исуса.“ (5. Сведоштво, стр. 263–267) {МАР 44.6}