6 февруари — Подготвени за одговор

Мараната — Господ доаѓа

Подготвени за одговор

6 февруари

„Туку Господ Бог почитувајте Го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страхопочит за одговор на секого кој од вас ќе побара сметка за вашата надеж.“ (1 Петрово 3:15) {МАР 45.1}

„Ми беше покажано дека мнозина што тврдат дека ја познаваат сегашната вистина не знаат во што веруваат. Тие не можат да дадат докази за својата вера. Немаат правилно сфаќање за делото за сегашното време. Кога ќе дојде времето на неволи, луѓето што денес им проповедаат на другите, откако ќе ги испитаат своите ставови, ќе видат дека има многу нешта за кои не можат да дадат причина. Додека не се искушаат на тој начин, тие нема да знаат колкаво е нивното незнаење. Во црквата има многу такви кои мислат дека го разбираат она во што веруваат, а всушност не знаат колку се слаби додека не се појават разединувања. Кога ќе бидат разделени од своите браќа во верата и ќе бидат принудени сами да ја објаснуваат својата вера, ќе се изненадат кога ќе видат колку се замрсени нивните поими и идеи за тоа што го прифатиле како вистина. … {МАР 45.2}

Бог сака да го пробуди Својот народ; и ако тоа не успее со други средства, меѓу нив ќе се појават ереси кои ќе ги изрешетат и ќе ја одвојат плевата од пченицата. Господ ги повикува сите што веруваат во Неговата реч да се разбудат од сонот. Дојде драгоцена светлина која е соодветна за ова време. … Верниците не смеат и понатаму да останат во двоумење во поглед на тоа што ја сочинува вистината. Нивната вера мора цврсто да се заснова на Божјата реч, така што, кога ќе дојде времето на проба и кога пред судовите ќе мораат да одговараат за својата вера, да бидат подготвени за одговор на секој кој ќе ги запраша за нивната надеж, но тоа да го направат во кротост и со почитување.“ (5. Сведоштво, стр. 707–708) {МАР 45.3}

„Христовите слуги не треба однапред да составуваат говор за сослушувањето на кое ќе бидат изведени поради својата вера. Нивната подготовка треба да се одвива секојдневно, додека ги собираат драгоцените вистини на Божјото слово во своите срца. Треба да се хранат со Христовото учење и со молитва да ја зајакнуваат својата вера. Тогаш, кога ќе бидат изведени пред суд, Светиот Дух ќе ги потсети на вистините што ќе допрат до срцата на присутните. {МАР 45.4}

Бог ќе направи знаењето стекнато со внимателно проучување на Светото писмо да засвети во нивните умови токму во мигот кога ќе им биде потребно.“ (Counsels on Sabbath School Work, стр. 40–41) {МАР 45.5}