31 јануари — Да плачеме или да се радуваме?

Мараната — Господ доаѓа
Да плачеме или да се радуваме?
31 јануари
„Мина жетвата, сврши летото, а ние не се избавивме.“ (Еремија 8:20) {МАР 39.1}
„Ги повикувам членовите на нашите цркви да внимаваат на исполнувањето на знаците на времето, кои толку јасно укажуваат дека крајот е близу. О, колкумина од оние што не се грижат за спасението на своите души наскоро горко ќе плачат: ’Мина жетвата, сврши летото, а ние не се избавивме.‘ {МАР 39.2}
О, кога би имале на ум дека над нас се одвива судот и дека се решаваат нашите случаи! Сега е време да бидеме будни и да се молиме, да го отстраниме секое угодување на сопствените склоности, гордоста и себичноста. Драгоцените мигови што мнозина лесно ги расфрлаат треба да ги поминуваат во размислување и молитва. Мнозина што тврдат дека го држат Божјиот закон ги следат сопствените склоности наместо должноста. Во својата сегашна состојба не се подготвени за вечен живот. На овие безгрижни и рамнодушни верници би им порачала дека нивните суетни мисли, нељубезни зборови и себични дела се запишани во небесната книга. Ангелите што биле присутни на идолопоклоничката гозба на Валтазар гледаат како го обесчестувате својот Откупител. Тие тажно се свртуваат, жалејќи што на тој начин повторно сте Го распнале и сте Го изложиле на срам. … {МАР 39.3}
На денот на Своето крунисување Христос нема да признае никого што носи дамка или нешто слично. На оние што Му останале верни ќе им даде круна на бесмртна слава. Оние што не сакале Тој да владее со нив ќе Го видат опкружен со мноштво откупени, од кои секој го носи знакот ГОСПОД Е НАША ПРАВЕДНОСТ. Ќе ја видат главата што некогаш била крунисана со трње, а сега е овенчана со слава. {МАР 39.4}
Во тој ден откупените ќе блескаат во славата на Отецот и на Неговиот Син. Небесните ангели, свирејќи на своите златни харфи, ќе ги пречекаат Царот и плодовите на Неговата победа — оние што се испрани и обелени во крвта на Јагнето. Ќе одекне победничка песна и ќе го исполни целото небо. Христос победил. Тој влегува во небесните дворови придружуван од Своите откупени, сведоци дека Неговата мисија, страдањето и саможртвувањето донеле плод.“ (Review and Herald, 24 ноември 1904) {МАР 39.5}
