28 јануари — Благослови за оние што стражарат

Мараната — Господ доаѓа
Благослови за оние што стражарат
28 јануари
„Блазе на оние слуги што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се препаша и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи.“ (Лука 12:37) {МАР 36.1}
„Бог секогаш ги предупредувал луѓето на претстојните казни. Оние кои верувале во Неговата вест за тоа време и кои постапиле според својата вера, во покорност на Неговите заповеди ги избегнувале казните кои ги снашле непослушните и неверните. На Ное му било заповедано: ’Влезете во ковчегот ти и целото твое семејство, бидејќи ти си единствениот праведен пред Мене во овој род‘. Ное послушал и бил спасен. На Лот му била упатена веста: ’Станете, одете си од ова место, зашто Господ ќе го сотре овој град!‘. (Создавање 7:1; 19:14) Лот бил под заштита на небесните гласници и бил спасен. Така на Христовите ученици им била дадена опомена за уништувањето на Ерусалим. Оние што внимавале на знакот на претстојната пропаст и кои побегнале од градот, го избегнале уништувањето. Така и нам сега ни се дава опомена за второто Христово доаѓање, и уништување кое ќе го снајде светот. Оние што ќе ја послушаат опомената, ќе бидат спасени. {МАР 36.2}
Бидејќи не го знаеме точното време на Неговото доаѓање, имаме налог да стражариме. ’Блазе на оние слуги што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде!‘ (Лука 12:37). Оние што го очекуваат Господовото доаѓање, не безделничат. Очекувањето на Христовото доаѓање треба да ги наведе луѓето да се плашат од Господа и од Неговата казна за престапите. Тоа треба да им укаже на големиот грев на отфрлањето на Неговата понудена милост. Оние кои Го чекаат Господа, ја чистат својата душа со покорување на вистината. Стражарејќи будно, тие истовремено и вредно работат. Бидејќи знаат дека Господ е пред вратата, нивната ревност е оживеана да соработуваат со божествените претставници, залагајќи се за спасение на душите. Тоа се верни и мудри слуги кои му ја даваат на Господовиот дом ’потребната храна навреме‘. (Лука 12:42) Тие ја објавуваат вистината која особено важи за сегашното време. Како што Енох, Ное, Авраам и Мојсеј ја објавувале вистината за свое време, така Христовите слуги сега ќе ја објават посебната опомена за своето поколение.“ (Копнежот на вековите, стр. 634) {МАР 36.3}
