26 јануари — Дрско и безгрижно одложување

Мараната — Господ доаѓа

Дрско и безгрижно одложување

26 јануари

„Ете, Јас доаѓам како крадец; блажен е оној кој бдее и пази на алиштата свои за да не оди гол и да не се гледа срамот негов!“ (Откровение 16:15) {МАР 34.1}

„Лошиот слуга вели во своето срце: ’Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘. Тој не вели дека Христос нема да дојде. Тој не ја исмева идејата за Неговото второ доаѓање. Меѓутоа, во своето срце и со своите постапки и зборови тој зборува дека Господ нема уште долго да дојде. Во душите на другите тој го уништува уверувањето дека Господ брзо ќе дојде. Неговото влијание ги наведува луѓето да станат дрски и безгрижни во доцнењето … Тој се меша со светот. … Тоа е страшно прилагодување. Заедно со светот тој запаѓа во стапица. {МАР 34.2}

’Ако не бидеш буден, ќе дојдам против тебе како крадец, и нема да дознаеш кога ќе дојдам против тебе‘. (Откровение 3:3) Христовото доаѓање ќе ги изненади лажните учители. Тие зборуваат: ’Мир и безбедност!‘. Како и свештениците и учителите пред падот на Ерусалим, тие сакаат црквата да постигне земен просперитет и слава. Тие ги толкуваат знаците на времето како токму тоа да го претскажуваат. Но, што вели Речта на Вдахновението? ’Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст‘. (1. Солунјаните 5:3) Денот Господен ќе дојде како стапица за сите што живеат на Земјата, на сите што од овој свет прават свој дом. Тој ќе дојде за нив како крадец што се притајува. {МАР 34.3}

Светот, полн со развратен живот, полн со безбожни задоволства, спие, спие во телесна сигурност. Луѓето го одложуваат Господовото доаѓање. Тие се потсмеваат на опомените. Горделиво се фалат: ’Сѐ си стои така како од создавањето на светот‘. ’и утре ќе биде истото она што и денес, дури и повеќе отколку денес‘. (2 Петрово 3:4; Исаија 56:12) Сè подлабоко ќе тонат во љубовта кон задоволствата. Меѓутоа, Христос вели: ’Ете, Јас доаѓам како крадец‘. (Откровение 16:15) Знаците се исполнуваат токму во моментот кога светот во исмејување прашува: ’Каде е ветувањето на Неговото доаѓање?‘ Неочекуваната пропаст наидува токму тогаш кога луѓето зборуваат: ’Мир и безбедност!‘. Кога оние што се потсмеваат и ја отфрлаат вистината ќе станат самоуверени, кога рутината на работата во разните методи за заработка на пари се одвива не водејќи сметка за начелата, кога ученикот желно бара знаење насекаде освен во Библијата — тогаш Христос ќе дојде како крадец.“ (Копнежот на вековите, стр. 635) {МАР 34.4}