25 јануари — Лажно будење

Мараната — Господ доаѓа
Лажно будење
25 јануари
„Но ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожници, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив бегај!“ (2 Тимотеј 3:1,2,5) {МАР 33.1}
„Пред Бог да ги излее своите судови на светот, меѓу Неговиот народ ќе се јави такво оживување на вистинска побожност, какво што не се видело од времето на апостолите. Врз Божјите деца ќе се излеат Неговиот Дух и Неговата сила. Во тоа време мнозина ќе ги напуштат црквите во кои љубовта кон светот го зазела местото на љубовта кон Бога и кон Неговото слово. Многу проповедници и верници со радост ќе ги прифатат оние големи вистини што ќе ги даде Бог да се објавуваат во тоа време за да го подготват народот за второто Господово доаѓање. Непријателот на душите ќе сака да го спречи ова дело; и пред да настапи времето на тоа движење, ќе се обиде да го осуети со подигање на свои лажни движења. Во оние цркви во кои сатаната ќе може да ја покажува својата лажна моќ ќе предизвика уверување дека врз нив е излеан посебен Божји благослов; во нив ќе се покаже навидум големо религиозно будење. Мнозина ќе ликуваат што Бог работи толку чудесно за нив, а всушност тоа дело потекнува од сосем друг дух. Сатаната ќе се обидува под плаштот на религијата да го прошири своето влијание врз целиот христијански свет. {МАР 33.2}
Во многу будења што се појавија за време на последните педесет години, помалку или повеќе, на дело беше истото влијание што ќе се покаже во иднина во поголемите движења. Ќе се возбудуваат чувствата, вистината ќе се меша со лагата, така што луѓето лесно ќе бидат заведени. Сепак, никој не треба да биде измамен. Во светлината на Божјото слово нема да биде тешко да се утврди каков карактер имаат овие движења. Секаде каде што луѓето ги занемаруваат сведоштвата на Библијата и каде што се презираат јасните вистини што го испитуваат срцето и бараат самооткажување и одвојување од светот, можеме да бидеме сигурни дека тука Бог нема да даде Свој благослов. А според правилото што ни го дал Христос: ’По нивните плодови ќе ги познаете‘ (Матеј 7:16), лесно ќе се утврди дека овие движења не се дело на Божјиот Дух.“ (Големата борба, стр. 464–465) {МАР 33.3}
