24 јануари — Црквата нема да падне

Мараната — Господ доаѓа
Црквата нема да падне
24 јануари
„А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.“ (Матеј 16:18) {МАР 32.1}
„Оние што ги држат Божјите заповеди и ја чуваат верата во Исус ќе го почувствуваат гневот на змејот и на неговите војски. Сатаната ги смета луѓето во светот за свои поданици. Тој стекнал власт над отпаднатите цркви, но има и мала група луѓе што ѝ се спротивставуваат на неговата власт. Кога би можел да ги избрише од лицето на Земјата, неговата победа би била целосна. Како што ги поттикнал незнабожечките народи да го уништат Израел, така наскоро ќе ги поттикне злите земски сили да го уништат Божјиот народ. … Единствената надеж на Божјиот народ е во Божјата милост. Негова единствена одбрана е молитвата. {МАР 32.2}
Искушенијата што го снашле Божјиот народ во времето на Естира не биле својствени само за тоа време. Писателот на Откровението, гледајќи низ вековите до крајот на времето, напишал: ’И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос.‘ (Откровение 12:17). Некои што денес живеат на Земјата ќе го видат исполнувањето на овие зборови. {МАР 32.3}
Сатанскиот гнев расте како што времето се скратува. Неговото дело на измама и уништување ќе го достигне својот врв во времето на неволјата.“ (The Faith I Live By, стр. 289) {МАР 32.4}
„Сатаната ќе прави чуда за да ги измами луѓето и ќе се обиде да ја наметне својата власт како врховна. Ќе изгледа дека црквата ќе падне, но таа ќе опстане. Грешниците во Сион ќе бидат одвоени како плевата од драгоцената пченица. Ова е страшно искушение што сепак мора да се случи. Меѓу оние што останале одани и верни, без дамка од грев и без измама на усните, ќе се најдат само оние што победиле со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 911) {МАР 32.5}
„’Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам.‘ (Исаија 49:15). … Бог со најнежна грижа мисли на Своите деца и пред Себе чува книга за спомен, за никогаш да не ги заборави оние за кои се грижел.“ (The Faith I Live By, стр. 280) {МАР 32.6}
