18 јануари — Подобар и поблагороден пат

Мараната — Господ доаѓа

Подобар и поблагороден пат

18 јануари

„Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.“ (Исаија 1:16,17) {МАР 26.1}

„Незнаењето, телесното уживање и грешните навики кои ја расипуваат душата, телото и духот, го полнат светот со морална чума; смртоносна морална маларија уништува илјадници и десетици илјади.“ (Адвентен дом, стр. 329) {МАР 26.2}

„Мнозина потонале во грев. Мнозина живеат во душевна мака. Ги притискаат страдањето, сиромаштијата, неверувањето и обесхрабреноста. Разни болести им ги напаѓаат и телото и душата. Сакаат да најдат утеха во својата неволја, а сатаната ги искушува да ја бараат во блудот и во задоволствата што водат во пропаст и смрт. Тој им ги нуди плодовите на Содом, кои ќе се претворат во пепел на нивните усни.“ (Evangelism, стр. 569) {МАР 26.3}

„Покажана ми е страшна слика на состојбата во светот. Неморалот преовладува насекаде. Развратот е грев на нашето време. Порокот никогаш толку слободно не ја кревал својата глава. … Порочноста која владее со светот не зафаќа само еден круг на луѓе. За жал, многу мажи и жени кои ја исповедаат Христовата вера се виновни за овој грев. Па дури и некои кои тврдат дека го чекаат Неговото доаѓање не се поподготвени од самиот сатана. Тие не се очистуваат од секоја нечистотија. Тие толку долго ѝ служеле на својата страст, што е сосем нормално што нивните мисли се нечисти, а фантазијата расипана. Нивните мисли не можат да се занимаваат со она што е чисто и свето, како што е невозможно да го свртат текот на Нијагара и да направат нејзината вода да тече нагоре. … Секој христијанин мора да научи да владее со своите страсти и како да го прифати влијанието на начелата. … {МАР 26.4}

Ако страста, расипаноста, прељубата, злосторството и убиството се вообичаени помеѓу оние кои не ги познаваат начелата на Божјата реч и одбиваат тие да управуваат со нив, колку е важно оние кои тврдат дека се Христови следбеници, да се тесно поврзани со Бог и ангелите, да го покажат подобриот и поблагороден пат! Колку е важно нивната непорочност и нивните доблести да стојат во целосна спротивност со оние со кои владеат животинските страсти.“ (Адвентен дом, стр. 328–329) {МАР 26.5}