12 јануари — Последните опомени на третиот ангел

Мараната — Господ доаѓа
Последните опомени на третиот ангел
12 јануари
„А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт: и земјата светна од неговиот болскот.“ (Откровение 18:1) {МАР 20.1}
„Ангелот кој се придружува во објавувањето на третата ангелска вест ќе ја осветли целата земја со својата слава. Овде е најавено дело со огромни размери и со невообичаена сила. Адвентното движење од 1840 до 1844 година претставуваше прекрасна манифестација на Божјата моќ; првата ангелска вест беше однесена до секоја мисионерска станица во светот, и во некои земји настана толку голем интерес за верата каков што не се видел ниту во една земја од реформацијата во шеснаесеттиот век; но сето тоа ќе биде надминато со силното движење предизвикано од последната опомена на третиот ангел. … {МАР 20.2}
Големото дело на евангелието нема да се заврши со помала манифестација на Божјата сила од онаа што го одбележала неговиот почеток. Пророштвата што се исполниле со излевањето на раниот дожд во почетокот на евангелието пак ќе се исполнат со позниот дожд и при неговото завршување. … {МАР 20.3}
Божјите слуги, со лица осветлени од свето помазание, ќе брзаат од едно до друго место да ја објават небесната вест. Илјадници гласови низ целата земја ќе ја објавуваат опомената. Ќе се прават чуда, болни ќе оздравуваат, а верните ќе ги придружуваат знаци и чуда. И сатаната ќе прави лажни чуда; ќе стори и оган да падне од небото пред луѓето (Откровение 13:13). На овој начин жителите на земјата ќе бидат присилени да се решат за кого ќе се определат. … {МАР 20.4}
Списите што ги распространиле мисионерските соработници го извршиле своето влијание, но мнозина врз кои вистината имала длабок впечаток, биле спречени вистината потполно да ја сфатат или да ја послушаат. Меѓутоа, сега зраците на светлината проникнуваат насекаде и вистината се гледа кристално јасна, а искрените Божји деца ги кинат врските што ги задржувале досега. Семејните и црковните врски сега се немоќни да ги задржат. Вистината им е подрагоцена од сè друго. И покрај силите што се здружиле против вистината, голем е бројот на оние што ќе застанат на Господова страна.“ (Големата борба, стр. 610–612) {МАР 20.5}
