10 јануари — Вистината ќе победи

Мараната — Господ доаѓа
Вистината ќе победи
10 јануари
„И ангелот, кого го видов како стои над морето и над земјата, крена рака кон небото и се заколна во Оној Кој живее во вечни векови и Кој го создал небото и сѐ што е на него, земјата и сѐ што е на неа, и морето и сѐ што е во него – дека не ќе има веќе време,“ (Откровение 10:5,6) {МАР 18.1}
„Пораката од Откровение 14, дека дошол часот на Божјиот суд, се објавува во времето на крајот. Ангелот од Откровение 10 е прикажан како стои со едната нога на морето, а со другата на земјата, покажувајќи дека пораката ќе биде однесена во далечни земји, дека ќе ги премине океаните и дека морските острови ќе ја слушнат објавата на последната предупредувачка порака. … {МАР 18.2}
’И ангелот, кого го видов како стои над морето и над земјата, крена рака кон небото и се заколна во Оној Кој живее во вечни векови и Кој го создал небото и сѐ што е на него, земјата и сѐ што е на неа, и морето и сѐ што е во него – дека не ќе има веќе време‘ (Откровение 10:5,6) Оваа порака го објавува крајот на пророчкото време. Разочарувањето на оние што очекувале да го видат нашиот Господ и толку сесрдно го чекале Неговото враќање во 1844 година било навистина горчливо. Според Господовата одлука, требало да дојде до ова разочарување. … {МАР 18.3}
Никаква темнина не ја покрила црквата без Бог да ја подготви за тоа; не се подигнала никаква противничка сила за да го попречи Божјото дело без Тој однапред да ја предвиди. Сè се случувало онака како што Тој претскажал преку Своите пророци. Тој не ја оставил Својата црква во темнина и заборав, туку преку пророците објавил што ќе се случи. Преку Своето провидение, кое дејствувало во определеното време во светската историја, Тој го остварил она што Неговиот Свет Дух ги вдахновил пророците да го претскажат. Сите Негови намери ќе се исполнат и остварат. Неговиот закон е поврзан со Неговиот престол, а сатанските и човечките сили не можат да го уништат. Бог ја вдахнува и ја чува вистината. Таа ќе живее и ќе напредува, иако понекогаш може да изгледа дека е покриена со темнина. Христовото евангелие е закон што се огледува во карактерот. Измамите што му се противат, секое средство што ја брани лагата и сите заблуди што ги создаваат сатанските сили на крајот засекогаш ќе бидат скршени, а победата на вистината ќе биде како сонце што блеснува напладне. Сонцето на правдата ќе засвети со исцеление во Своите зраци и целата земја ќе се исполни со Неговата слава.“ (Selected Messages, книга 2, стр. 107–108) {МАР 18.4}
