8 јануари — Слично разочарување

Мараната — Господ доаѓа
Слично разочарување
8 јануари
„Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него.“ (Јаков 5:11) {МАР 16.1}
„Често човечкиот ум, дури и умот на Божјите слуги, е толку заслепен од човечки мислења, преданија и погрешни учења што само делумно може да ги разбере големите вистини откриени во Божјата реч. Така било и со Христовите ученици, дури и кога Спасителот лично бил со нив. Нивните мисли биле исполнети со прифатеното сфаќање дека Месијата, како земен кнез, ќе го издигне Израел на престолот на светско царство, па не можеле да го разберат значењето на Неговите зборови со кои ги претскажал Своето страдање и смрт. … {МАР 16.2}
Уште од раѓањето нивните мисли биле насочувани кон очекувањето на славата на земното царство, а тоа ги заслепило и за самото пророштво и за Христовите зборови. … {МАР 16.3}
Искуството на учениците, кои за време на првото Христово доаѓање го објавувале ’евангелието за царството‘, личи на искуството на оние што ја проповедаа веста за Неговото второ доаѓање. … {МАР 16.4}
Слично на првите ученици, Милер и неговите соработници и самите во потполност не го сфатиле значењето на пораката што ја носеле. Заблудите кои долго време биле вкоренети во црквата, ги спречуваа исправно да толкуваат една важна точка од пророштвото. Затоа, иако ја проповедале пораката која по Божјиот налог требало да му ја пренесат на светот, сепак морале да доживеат разочарување поради погрешното сфаќање на нејзината смисла. … {МАР 16.5}
Кај тие верници, како и кај првите ученици, она што во часот на искушението изгледало неразбирливо, подоцна ќе биде разјаснето. Кога ќе видат ’каков крај му даде Господ‘, ќе знаат дека, и покрај тешкотиите предизвикани од нивните заблуди, Неговите намери на љубов кон нив непрекинато се остварувале. Преку благословено искуство ќе дознаат дека Господ е ’многумилостив и се смилува‘ и дека сите Негови патишта се ’милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и уредбите Негови‘.“ (Големата борба, стр. 345, 351, 352, 354) {МАР 16.6}
