По Божја милост продолжуваме со истражувањето на Божјото Слово, и денес пред нас се нови стихови од втората глава на Книгата Создавање (Битие):
„И ГОСПОД БОГ НАСАДИ РАЈСКА ГРАДИНА НА ИСТОК (ВО ЕДЕМ), И ТАМУ ГО НАСЕЛИ ЧОВЕКОТ ШТО ГО СОЗДАДЕ. И ГОСПОД БОГ НАПРАВИ ДА ИЗРАСТАТ ОД ЗЕМЈАТА СЕКАKВИ ДРВЈА, УБАВИ ЗА ГЛЕДАЊЕ И ДОБРИ ЗА ЈАДЕЊЕ, И ДРВОТО НА ЖИВОТОТ СРЕДЕ РАЈОТ, И ДРВОТО ЗА ПОЗНАВАЊЕ НА ДОБРОТО И ЗЛОТО“ (СОЗДАВАЊЕ 2:8,9).
И така, пред нас се два последователни стиха од Божјото Слово. За полесно да го усвоиме материјалот, како и порано, ќе ги разгледаме по ред и постепено:
„И ГОСПОД БОГ НАСАДИ РАЈСКА ГРАДИНА НА ИСТОК (ВО ЕДЕМ)…
Како што претходно забележавме, втората глава од книгата Создавање (Битие) претставува продолжение на раскажувањето за процесот на создавањето и уредувањето на земјата и небото, кој веќе го разгледавме во првата глава, но сега со дополнителни детали директно поврзани со човекот. Всушност, во втората глава од Создавање (Битие), постојано наидуваме на „враќања во минатото“. На пример, животните и птиците веќе биле создадени пред човекот, на петтиот ден и на почетокот на шестиот ден, но во втората глава повторно се зборува за нивното создавање, за да се покаже дека човекот е оној кој им дава имиња, како оној кого Бог, иако го создал последен, сепак го поставил да господари над сите создадени суштества.
„И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде. И ги благослови Бог, и им рече… овладајте ги морските риби (и ѕверовите), и небеските птици (и секаков добиток, целата земја), и сите животни што лазат по земјата“ (Создавање 1:27,28).
„Тогаш Господ Бог ги создаде од земјата сите полски животни, и сите небески птици, и ги доведе кај човекот за да види како ќе ги нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името. И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на небеските птици, и на сите полски ѕверови…“ (Создавање 2:19,20).
Така е и со Едемската градина, чија појава се споменува во втората глава. Повторно имаме „враќање назад“ во времето, до третиот ден од создавањето на сè на Земјата, кога Бог од земјата го создал целиот растителен свет:
„И Бог рече: ‘Нека израсте од земјата зеленило – трева, што дава семе, плодоносни дрвја кои во себе имаат семе (според својот род и вид)!’ И стана така.Земјата пушти од себе зеленило: трева што дава семе според својот род (и вид), а и (плодоносни) дрвја што раѓаат плод, чие семе е според нивниот род. И Бог виде дека тоа е добро. И настапи вечер, и настапи утро – трет ден“ (Создавање 1:11-13).
Но, во втората глава ни се дадени важни дополнителни детали за настанот со растењето на дрвјата во градината. Како што претходно реков, во првата глава Бог го користи името אֱלֹהִים (Elohim), кое го прикажува како судија кој воспоставува правда. Бидејќи земјата беше создадена од Бог како одговор на бунтот на сатаната, соодветно е што името Elohim се користи во првата глава, каде се дава општата слика на создавањето. Но во втората глава, каде вниманието е насочено кон човекот, за кого Бог има посебни планови во борбата против ѓаволот преку обновата на човекот по неговиот пад, Бог ни се претставува со две имиња: הַשֵּׁם (HaShem), кое говори за милоста, и Elohim, кое говори за правдата, при што името на милоста доаѓа пред името на правдата. Кога се зборува за градината во втората глава, односно за дрвјата кои израснале, повторно се користат двете Божји имиња, што укажува дека растењето на овие дрвја е тесно поврзано со човекот и со изразувањето на Божјата милост кон него.
„И Бог рече: ‘Нека израсте од земјата… плодоносни дрвја кои во себе имаат семе (според својот род и вид)!’ И стана така“ (Создавање 1:9).
За појавата на оваа градина е речено:
„И ГОСПОД БОГ НАСАДИ РАЈСКА ГРАДИНА НА ИСТОК (ВО ЕДЕМ)…
וַיִּטַּ֞ע יְהוָ֧ה אֱלֹהִ֛ים, „Vayitta HaShem Elohim“ (nataʿ נָטַע) е коренскиот облик на глаголот што значи: насадува, сади дрвја, цвеќиња. Тука Писмото повторно го нагласува личното, непосредно учество на Бог во создавањето на оваа градина, идниот дом на човекот. Бог, како грижлив Отец, уште пред создавањето на човекот му подготвил дом. Така постапуваат и родителите кои со љубов го очекуваат своето дете; уште пред да се роди детето, тие му набавуваат облека, количка, креветче, и со нетрпение го очекуваат, правејќи сè што можат за тоа да има сè што е потребно за среќен живот. Оваа особина на љубов родителите ја имаат преземено од Небесниот Отец и од Неговиот Син, Исус!
„И ГОСПОД БОГ НАСАДИ РАЈСКА ГРАДИНА (ВО ЕДЕМ)…“
Зборот Едем значи „уживање, задоволство“. Ние веќе толку сме навикнати на изразот „Едемска градина“, што зборот „едемска“ го доживуваме повеќе како сопствено име, односно дека градината е наречена Едемска. Всушност, станува збор за местоположбата на оваа градина, притоа во две различни сфери: физичка и духовна. Ако буквално го преведеме од хебрејски גַן עֵדֶן (Gan Éden), тоа значи „градината на Едем“, а не „Едемска градина“. Во физичка сфера, тоа е местото каде што била засадена оваа градина, на територија наречена Едем, веројатно во Блискоисточна Азија, во близина на реките Тигар и Еуфрат. Сепак, мора да признаеме дека нејзината точна локација сè уште не може да се утврди, бидејќи Светото писмо и логиката ни укажуваат дека оваа градина била земена од земјата од страна на Бога пред Потопот. Затоа, по Потопот, невозможно е точно да се утврди нејзината местоположба. По падот во грев, таа останала на земјата, но ангелите го чувале патот до Дрвото на Животот за да спречат човекот да вкуси од неговиот плод. Потопот го уништил и измешал сето она што било на земјата, а Дрвото на Животот и неговите плодови не смееле под никаков услов да паднат во рацете на луѓето. Во книгата Откровение е запишано дека оваа градина се наоѓа во Небесниот Ерусалим, кој, по 1000-годишното царство, ќе се спушти од небото на земјата и ќе стане главен град на обновената земја:
„И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која извира од престолот на Бог и Јагнето. Насред неговата улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, кое дванаесетпати дава плод, давајќи плод секој месец…“ (Откровение 22:1-2).
Но, ова се однесува на физичкото разбирање на зборот „Едем“, кој во превод од хебрејски значи „уживање, задоволство“. Освен физичкото значење, постои и негово духовно значење. Ако внимателно го анализираме изразот גַן עֵדֶן (Gan Éden), „градината на Едем“, ќе забележиме дека тој ги поврзува двата света: физичкиот и духовниот.
Физичкиот аспект е содржан во зборот „градината“, бидејќи градината е засадена со дрвја, додека духовниот аспект се содржи во зборот „Едем“, односно во поимот „задоволство“. За жал, нашиот свет е изопачен, па зборот „задоволство“ најчесто се разбира само во физичка смисла. Но, во својата суштина, ова е длабоко внатрешно чувство на радост и мир, кое, иако може да има врска со физичкиот свет, сепак е духовен концепт. Тоа е исто како кога човек чита Свето писмо: физичките очи го следат текстот, информацијата се прима од физичка книга, во која буквите се напишани со физичка боја. Но, истовремено, човекот доживува внатрешен духовен мир, спокој и задоволство.
Затоа, ако внимателно го анализираме изразот גַן עֵדֶן (Gan Éden), „градината на Едем“, ќе видиме дека станува збор за место во кое, според Божја замисла, човекот може, преку физичкото, да достигне духовно задоволство и наслада.
Ако зборот „Едем“ го разгледаме не од аспект на географската локација, туку од аспект на неговата цел, тогаш ќе заклучиме дека оваа градина била засадена од Бога за да може човекот, престојувајќи во неа и уживајќи во нејзините благослови, да доживее вистинско задоволство и наслада. Токму за оваа цел, Бог ја засадил градината. Во неа вложил повеќеслојни значења. Како што веќе спомнав, хебрејскиот е многу длабок јазик, со вградено повеќеслојно разбирање на кажаното или напишаното. Секако, ова е само слаба илустрација, но сепак ќе се обидам да објаснам со помош на пример. На пример, зборот „коса“ може да има три значења:
1) Коса: како влакна на главата,
2) Коса: како земјоделска алатка,
3) Коса: како наклонета линија, нешто што не е исправено.
Овој пример е многу едноставен, но тешко е да се најде соодветна аналогија на хебрејскиот во други јазици. Како што реков претходно, хебрејскиот е јазик со вградено повеќеслојно значење на изреченото или напишаното. Ако го земеме изразот „во градината на Едем“, каде што Бог го сместил човекот, како што е запишано во 15-тиот стих од втората глава на Создавање (Битие), тогаш предлогот „Ba-“ (во „Ba-Gan Éden“) има не само територијално значење, односно „физички во градината на Едем“, туку и значење на користење на нешто како алатка за постигнување на одредена цел.
Така, בְגַן עֵדֶן (Ba-Gan Éden), „во градината на Едем“ не е толку географска локација, колку што е состојба, состојба на „задоволство“, која Бог ја создал за човекот. Оваа состојба ја замислил како алатка во своите раце за постигнување на одредени цели во односите со човекот. Откако еднаш ќе го доживее вистинското задоволство, човекот буквално станува заробен од него. И ако го изгуби, со целото свое срце копнее да ја врати таа состојба што еднаш ја искусил. Токму овој стремеж станува силата што Бог ја користи во делото на спасението на луѓето. На овој начин, гледаме дека состојбата на задоволство, односно „Едем“, навистина станала алатка во рацете на Бог за постигнување на неговите цели во односите со човекот.
Кај Бог, ништо не постои „само така“. Ако ни се чини дека нешто во создадениот свет постои без значење, тоа само значи дека сè уште не сме го достигнале тој духовен степен на кој значењето, вметнато од Творецот во она што ни изгледа бесмислено, ќе ни биде откриено. Кога луѓето го читаат Светото писмо и замислуваат, според својот духовен степен, каква блаженост доживеале Адам и Ева додека биле во градината на Едем, тогаш тие копнеат по истото задоволство во Едем идеален свет на среќа и мир. Ова особено се случува кај оние што настрадале во овој грешен и немирен свет. На овој начин, градината на Едем, наречена рај, стана сон на луѓето, кој го храни нивниот дух.
И повторно многу интересно откритие нè чека во овие зборови, поточно потврда за она за што претходно зборувавме. Зборот מִקֶּ֑דֶם, Mi-Kedem, може да се преведе како „од исток“, бидејќи קֶּ֑דֶם (Kedem) значи „исток“ (во современиот еврејски јазик истокот е מזרח, Mizrah). И така добиваме: „И ГОСПОД БОГ НАСАДИ РАЈСКА ГРАДИНА, НА ИСТОК (ВО ЕДЕМ) (מִקֶּ֑דֶם Mi-Kedem)…“
Но зборот קֶּ֑דֶם (Kedem) исто така има значење „однапред или претходно“. Во тој случај, значењето на стихот би било: „И НАСАДИ HaShem Elohim ГРАДИНА ВО ЕДЕМ, НА ИСТОК (Mi-Kedem)…“
Значи градината била насадена од Бог однапред, уште пред да се појави човекот. Затоа, во втората глава на Создавање (Битие), во стихот што го разгледуваме, Бог повторно нè „враќа во минатото“, во третиот ден од создавањето, покажувајќи ни дека уште тогаш, кога ги создавал растенијата, Тој веќе размислувал и се грижел за човекот, кој требало да биде создаден подоцна. Иако во првата глава Тој ни се претставува со името на праведниот судија Elohim, втората глава нè учи дека во исто време, кога бил во духот на праведниот судија, Тој истовремено, кога станувало збор за човекот и неговата иднина, бил милостив Татко. Треба многу да учиме од Бог, како да го осудуваме гревот, но истовремено да го љубиме грешникот. Оваа висока состојба е достижна само за совршените во Бога. Несовршените луѓе имаат склоност да се држат или до правдата или до милоста, а таквото еднострано однесување кон проблемот само ја влошува ситуацијата, без да го реши самиот проблем.
Многумина, слушајќи дека еден збор на хебрејски може да се преведе на толку различни начини, доаѓаат до погрешен заклучок дека овој јазик е сложен, нејасен и дека човек може „да си го изгуби разумот“ обидувајќи се да го разбере. Пријатели мои, ова е коренито погрешен пристап и разбирање на овој возвишен јазик. Дозволете ми накратко, за да не отстапувам од темата, да го објаснам ова со примерот на зборот קֶּ֑דֶם (Kedem), кој го разгледавме погоре. Овој збор има навидум многу различни значења, како „исток“ и „ однапред или претходно“. Работата е во тоа што во древни времиња, на Блискиот Исток, ориентацијата според страните на светот била различна од денешниот европски систем. Во Европа, кога стоиме со лицето кон север, истокот е десно, западот лево, а југот е позади. Но, во блискоисточната традиција, барем во древните времиња, човекот се ориентирал според изгрејсонцето. Ако застанеш свртен кон изгрејсонцето, тогаш директно пред тебе се наоѓа קֶּ֑דֶם (Kedem), што значи и „исток“, но и „тоа што е пред тебе“, односно „она што е пред почетокот“. Затоа, зборот קֶּ֑דֶם (Kedem) има две значења: тоа е „исток“ и „тоа што е пред тебе“, односно „она што се наоѓа пред тебе“.
Затоа מִקֶּ֑דֶם (Mi-Kedem) може да се преведе како „од исток“, но и како „однапред, претходно“. Затоа, ги добиваме следниве два превода:
„Господ Бог насади градина во Едем од исток“,
„Господ Бог однапред (претходно) насади градина во Едем“.
Забележете дека овие два превода не си противречат ниту еден на друг, ниту на целото Писмо. Кога ја откриваме вистината, најјасниот доказ дека навистина сме ја пронашле вистината е тоа што откриеното, на различни нивоа на толкување, нема да биде во спротивност ниту само со себе, ниту со другите текстови од Писмото. Така, уште од самиот почеток, пред создавањето на човекот, Бог предвидел дека воспитувањето на човекот и односите меѓу Бог и човекот ќе се развиваат во оваа градина, и како физичко место и во духовна смисла, како симбол на задоволството што Бог му го подарил на човекот. Само размислете за тоа колку е величествен Бог, кој го создал човекот за да живее и да има заедништво со Него, доживувајќи задоволство и наслада, вечни радости и благослови. Сега можете барем делумно да си претставите кон што нè повикува Бог и зошто Синот Божји, дури и својот живот не го поштеди, за да можат луѓето да влезат во рајот, местото на вечните радости и наслади. Колку е жално што многумина сè уште не го разбираат ова и од што се откажуваат заради земните нешта, кои се привремени и не носат вистинско задоволство за душата. Максималното што овој свет може да понуди е задоволство за кревкото и грешно тело, но тоа е толку безначајно и неспоредливо со вистинското и вечно задоволство на душата што ќе го имаат спасените во вечноста, што дури и не вреди да се прави споредба:
„И чув висок глас од небото како зборува: ‘Ете го светиот шатор, светилиштето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина’“ (Откровение 21:3,4).
„Ќе се вратат избавените од Господ, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе си заминат“ (Исаија 35:10).
Верувајте дека вреди да се стремите кон тоа, и затоа вреди да трпите и страдате, и да се одрекувате од земните добрини. Токму на ова нè учи Писмото:
„Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас“ (Римјаните 8:18).
„Но, како што е напишано: ‘Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат’“ (1. Коринтјаните 2:9).
Продолжуваме понатаму со текстот:
„И ГОСПОД БОГ НАСАДИ РАЈСКА ГРАДИНА НА ИСТОК; И ТАМУ ГО НАСЕЛИ ЧОВЕКОТ ШТО ГО СОЗДАДЕ…“ (Создавање 2:8).
Овие зборови зборуваат за тоа дека човекот не бил создаден однапред во Gan Éden, односно во градината на Еден, туку подоцна бил сместен таму од Бог. Ова покажува дека во оваа состојба на задоволство, вистинското задоволство, човекот не може сам да влезе ниту да се роди во него – само Бог може да го „смести“ човекот во оваа состојба. Веќе забележавме дека духовното задоволство и наслада доаѓаат од мирот во душата, од мир и спокојство во срцето. А мирот и спокојството во срцето се последица на тоа што човекот го прави она за што е создаден, односно ја исполнува Божјата волја. Кога Адам и Ева сè уште не го вкусиле забранетиот плод, односно биле послушни на Божјата волја, тие биле во градината на блаженството, а кога непослушале, биле протерани од градината на задоволството, што значи дека го изгубиле тоа блаженство. За да имаме мир во срцето и да добиеме, колку што е можно, духовна наслада и мир, Бог ни го испрати Својот Син, за да се помириме со Него преку Него, односно повторно да станеме Негови послушни деца:
„А сè е од Бога, Кој нè измири со Себе преку Христос и ни го даде служењето на тоа измирување. Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос, не земајќи ги предвид престапите на луѓето, и го положи во нас словото на измирување. Па така, ние сме Христови пратеници, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христос: помирете се со Бога! Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја“ (2. Коринтјаните 5:18-21).
„И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос. Преку Него со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која стоиме, и се гордееме со надежта во славата Божја“ (Римјаните 5:1,2).
Во стихот што го истражуваме, кога се вели дека Бог го сместил човекот во градината на Едем, односно во градината на задоволството, во однос на човекот се користи определениот член Ha-Adam (הָאָדָם), каде што зборот Adam (אָדָם) значи „човек“. Се разбира, како што забележавме во претходните теми, овој член укажува на конкретен човек за кого се зборува, во овој случај, нашиот прататко Адам. Но, во исто време, зборот Adam (אָדָם), односно „човек“, се однесува на секој човек, бидејќи потекнува од зборот Adamah (אֲדָמָה), што значи „земја“, од која е создаден, а сите ние сме направени од земјениот прав. Затоа, зборот Adam (אָדָם) може да се смета не само како сопствено име, односно дека се однесува само на создадениот Адам, нашиот прататко, туку и како општ поим кој се однесува на секој човек, поточно на целото човештво, преку ликот на нашиот прататко Адам. И тогаш го гледаме замисленото од Бог, да нè смести сите нас, потомците на Адам, во рајот, во место каде што, преку заедништвото со Творецот и околината, ќе бидеме во вечно блаженство и задоволство.
И ова разбирање не е во спротивност со она што е напишано во текстот што го истражуваме, дека Бог го сместил во градината на Едем човекот кого го создал од земјениот прав:
„И Господ Бог насади рајска градина на исток; и таму го насели човекот што го создаде…“ (Создавање 2:8).
Бидејќи сите ние, благодарение на Бог, го добивме своето постоење од земјениот прав во утробата на нашата мајка:
„Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност и ме оформи во мајчината ми утроба. Те прославувам зашто сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, додека настанував во тајност, исткаен во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој…“ (Псалм 139:13-16).
Затоа, потенцијално, ние сме меѓу оние кои Бог, преку нашиот прататко Адам, ги сместил во рајот, и Тој сака да нè види таму. Во тоа можете да бидете сигурни:
„Тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бог, Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“ (1. Тимотеј 23:3,4).
Продолжуваме понатаму со текстот:
„И ГОСПОД БОГ НАПРАВИ ДА ИЗРАСТАТ ОД ЗЕМЈАТА СЕКАКВИ ДРВЈА, УБАВИ ЗА ГЛЕДАЊЕ И ДОБРИ ЗА ЈАДЕЊЕ…“ (Создавање 2:9).
Овде се објаснува што физички претставувала градината Едем. Овој текст многу јасно покажува што значи да се има здрав разум и правилно да се разбере вистината во истражуваниот текст, со помош на други текстови од Писмото.
Ако го погледнете текстот и го прифатите буквално, како што е напишано, ќе дојдете до заклучок дека самите дрвја се убави на изглед, што е разбирливо, бидејќи постојат многу убави дрвја, особено во време на цветање. Доволно е да се сетиме на јапонската цреша, но и праската, јаболкото, кајсијата и калинката, кои исто така имаат раскошен цвет.
Затоа, можно е буквално да се разбере изразот „дрвја, убави за гледање“, но изразот „добри за јадење“ не може да се сфати буквално, бидејќи тоа би значело дека самите дрвја се јадат, што не е точно. Во храна не се јадат дрвјата, туку нивните плодови. За ова јасно е кажано во третата глава на Создавање (Битие):
„А жената и рече на змијата: ‘Ние јадеме род од секое дрво во рајот; – само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете од него и не допирајте се до него, за да не умрете’“ (Создавање 3:2,3).
Затоа, овој стих јасно ни покажува дека здравиот разум при истражувањето на Писмото никој не го отфрлил. Ако постои текст што е тежок за разбирање само со неговото читање, тогаш треба да се обидеме да го разбереме и објасниме со помош на други текстови од Писмото кои се поврзани со истражуваната тема.
Освен тоа, овој текст ни зборува за тоа колку е важно создавањето на надворешни, видливи услови за воспитувањето на човекот. Иако многумина го отфрлаат ова, верувајќи дека внатрешната состојба не треба да зависи од надворешната, сепак тоа не е така. Кога во Писмото читаме за описот на градината, местото што Бог го подготвил за нашите прародители, се вели дека Тој не ги задоволил само физичките потреби на Адам и Ева. Тоа не било како да им рекол: „Еве ви витамини, еве ви тегла со сиви таблети што ги содржат сите потребни витамини, пијте ги трипати на ден.“
Не, не било така. Бог не ги задоволувал само физичките потреби на човекот за храна, туку го правел тоа на начин што не само што го хранел телото на човекот како биолошка единка, туку и неговиот дух како морално суштество.
За храната на човекот прво се вели дека плодовите биле пријатни за гледање, а дури потоа дека биле добри за јадење. Ова на прв поглед изгледа нелогично, бидејќи ако плодовите не се погодни за јадење, колку и да се убави, тие немаат никаква корист во поглед на исхраната. Но, ако плодовите се корисни за исхрана, тоа е друга работа, и ако притоа изгледаат убаво, тоа е уште подобро. Меѓутоа, зборовите на Писмото ни покажуваат поинаков пристап: прво надворешното, па потоа внатрешното. Пред да го изедам плодот, најпрво го гледам, го допирам и го помирисувам. Веќе во таа почетна фаза, пред јадењето, храната започнува да влијае врз мојот дух, иако сè уште не сум ја вкусил. Надворешниот изглед, формата и мирисот на плодот, според Божјата замисла, треба да влијаат на мојата емоционална состојба пред да го изедам плодот, подготвувајќи ме за примање на храната не само како биолошко суштество што апсорбира витамини, туку и како морално суштество што може да ја оцени убавината и хармонијата, да се восхитува на виденото и да биде благодарно. Со други зборови, гледаме дека пред човекот да го активира своето, така да се каже, животинско, биолошко начело, односно пред да почне да ја задоволува својата потреба за храна, тој најнапред мора да го „вклучи“ своето духовно начело, да се насити духовно, естетски. Тој мора да ја прима храната како морално и духовно суштество кое ја храни својата биолошка природа, а не како животно што едноставно ја храни својата телесна природа, без да размислува за возвишените работи.
Зошто е важна молитвата пред јадење? Затоа што таа треба да го издигне човекот од животинското ниво до моралното. Човекот, кога се моли, треба да сфати дека е пред сè човек, создаден според Божјиот лик, кој преку храната си го одржува животот, а не само биолошка единка која треба да го наполни својот желудник.
Ако луѓето пред јадењето прво би помислиле на Бог и духовно би се подготвиле преку молитва и благодарност кон Него, сигурен сум дека тоа би довело до нивно физичко оздравување од многу болести, а би ја спречило и појавата на многу други. Зошто? Затоа што кога човекот, пред да јаде, ќе размисли кој е тој, Кој го создал и каква е неговата улога во светот, тогаш многумина не би јаделе и пиеле нешта кои Бог ги забранил и кои ги спуштаат на ниво на животни. Животното не размислува, туку само сака да си го наполни стомакот, без оглед на последиците.
Создавајќи плодови со разновидни форми, мириси и вкусови во градината на Едем, Бог му покажал на човекот дека тој е суштество од повисок ред, различно од животните. Човекот е создаден не само да јаде, туку и да ја цени убавината на она што го јаде. Човекот е единственото суштество што може да се радува на убавината, а ако му е дадена оваа способност при создавањето, тогаш, според Божјата замисла, треба и да ја користи. И ако треба да ја користиме оваа способност дури и кога јадеме, кога ги задоволуваме нашите биолошки потреби, зарем тогаш не треба уште повеќе да се радуваме на убавината што ги задоволува нашите духовни потреби? На пример, на убавината на Божјиот збор? Или едноставно пристапуваме кон Писмото во однапред одреденото време, само за да прочитаме една или две глави дневно според планот и да си кажеме дека сме ја исполниле својата верска обврска? А каде е благодарноста за овој збор? А каде е духовното задоволство од прочитаното?
Светот што нè опкружува не е создаден еднообразен, досаден и сив. Тој е разнобоен, разновиден, прекрасен, и сè што Бог создал во овој свет не е создадено само за задоволување на нашите биолошки потреби, туку пред сè за задоволување на моралните и духовните потреби, а дури потоа и на биолошките. Но нашите срца толку се огрубени, што станавме само обични потрошувачи на сè што Бог создал. А сетете се на Христос, колку прекрасно извлекувал духовни поуки од светот околу нас, раскажувајќи приказни за зрната, рибите, полето, дрвјата, за да можеме, гледајќи ги овие нешта, прво да ја нахраниме својата душа, а потоа и своето тело:
„Напишано е – ‘Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога’“ (Матеј 4:4).
Создавајќи прекрасен свет околу нас, Бог сакал да ни всади љубов кон убавината и да нè заштити од суровоста.
Хебрејскиот збор ra (רַע) значи „зло“, а сродниот глагол ra’a (רָעַע) значи „крши, уништува, разбива на парчиња“. Замислете дека имате убава шолја или слика – тие претставуваат целосност и хармонија. Но ако ја скршите шолјата или ја искинете сликата, вие ја нарушувате таа хармонија.
Бог нè создаде во прекрасен свет, ни даде способност да ја гледаме убавината, и ако не ја гледаме и не се восхитуваме на неа, тогаш ја нарушуваме хармонијата што Тој ја замислил при создавањето на светот и човекот. На хебрејски, уништувањето на хармонијата се нарекува (ra) ‘зло’. А токму тоа зло го прави човекот огрубен. Затоа денешниот свет е толку груб, насилен и исполнет со злоба, затоа што луѓето престанаа да се восхитуваат на убавината и хармонијата што Бог ја создал. Кога човекот престанува да ја цени убавината, тој почнува и да ја уништува, од природата, преку животните, па сè до самиот човек. Така се однесуваат оние што се оддалечиле од Бог, кои Писмото ги нарекува незнабошци. Но Бог ветил дека на сето тоа наскоро ќе стави крај:
„Народите збеснаа, но дојде Твојот гнев и времето да им се суди… и да ги погубиш оние што ја уништуваа земјата“ (Откровение 11:18).
Гледате ли како Писмото е поврзано во една нераскинлива духовна вистина, од книгата Создавање (Битие) па сè до Откровение? Во почетокот читаме за прекрасните плодови во Едемската градина што Бог ги дал како храна за човекот. А колку само духовна длабочина има во оваа приказна, која нè води до последната книга од Библијата, пророчката книга Откровение!
„И ГОСПОД БОГ (HaShem Elohim) НАПРАВИ ДА ИЗРАСТАТ ОД ЗЕМЈАТА СЕКАКВИ ДРВЈА, УБАВИ ЗА ГЛЕДАЊЕ И ДОБРИ ЗА ЈАДЕЊЕ, И ДРВОТО НА ЖИВОТОТ СРЕДЕ РАЈОТ, И ДРВОТО ЗА ПОЗНАВАЊЕ НА ДОБРОТО И ЗЛОТО“ (Создавање 2:9).
Ако внимателно го погледнеме овој стих, ќе забележиме три вида влијание на плодовите врз човекот, всушност четири, но за дрвото на познавањето на доброто и злото ќе зборуваме подоцна. Значи, три влијанија на плодовите врз човекот.
Првото е емоционалното: „секакви дрвја, убави за гледање“. Ова значи дека плодовите влијаат на емоционалната состојба на човекот, а за важноста на ова влијание веќе зборувавме.
Второто е биолошкото, влијанието на плодовите врз човечкото тело, чија цел е да го наситат и да му дадат енергија.
Третото е животворното, плодовите што му овозможуваат на човекот вечно да ја одржува животната сила дадена од Бог. И покрај изобилството на храна во градината, нејзината корисност и позитивното емоционално влијание врз човекот, за да ја одржува постојано својата животна сила, човекот морал да јаде од дрвото на животот.
Ова ни покажува дека во овие плодови имало нешто што не постоело во останатите плодови. Секако, вечниот живот е во директна зависност од Бога и Неговото влијание, но создавајќи нè како материјални суштества, Бог, во Својата голема мудрост, одлучил дека вечното постоење на човекот ќе зависи и од јадењето на плодовите од дрвото на животот. Затоа, иако Бог можеше едноставно да не им дозволи на Адам и Ева да живеат вечно по нивниот грев, Тој сепак постави стражари кај дрвото на животот, за да ги спречи луѓето да вкусат од неговите плодови и да не живеат вечно:
„И Господ Бог рече: ‘Ете, Адам стана како Едем од Нас, знаејќи што е добро и што е зло; но сега, да не ја испружи раката своја и да земе пак од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно!’ Тогаш Господ Бог го изгони од Едемската градина, за да ја обработува земјата, од која беше земен. Откако, пак, го изгони Адам, постави на исток пред градината Едем херувим и огнен меч, кој се вртеше и натаму и наваму, за да го пазат патот кон дрвото на животот“ (Создавање 3:22-24).
Што содржат плодовите на ова дрво? Никој од живите на земјата не го знае тоа. Може да се претпостави дека тие содржат некои посебни елементи или комбинација од елементи што ја обновуваат крвта на човекот, бидејќи биолошкиот живот на човекот се наоѓа во неговата крв, која овозможува постојано обновување на клетките без губење на нивниот квалитет.
Каква и да е храната што ја јадеме, нејзиниот состав не е идентичен со составот на човечкото тело. За да добие барем нешто слично на она што му е потребно за изградба на клетките, организмот мора да ја преработи храната, а во тој процес се троши и се истоштува поради познатите физички и хемиски закони, триење, растворање и слично. Поради ова, на организмот му е потребно нешто што ќе го обнови и ќе го заштити од истрошување.
И токму тука се појавува дрвото на животот. Неговите плодови, забележете, тоа е единствен примерок што не дава потомство според својот род, се создадени од Бог со таков состав што, вкусувајќи ги, човекот ги избегнува негативните последици од физичките и хемиските закони што предизвикуваат истрошување на телото. Со други зборови, плодовите на дрвото на животот се, како што би рекле денес, крајно неопходен додаток во исхраната или лек за целосна обнова на човекот.
Патем, од ова можеме да разбереме дека постојат растенија што можеме да ги користиме не како храна, туку како лек, што особено важи за лековитите билки. Тие содржат нешто што го нема во обичната храна, и затоа имаат способност да донесат исцелување за човекот.
Фактот дека во рајот, по завршувањето на големата борба, повторно ќе постои дрвото на животот, ни покажува дека таму нема да живеат бестелесни суштества, туку живи луѓе, со тела како она на Синот Божји по Неговото воскресение:
„Додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им рече: ‘Мир вам!’ А тие, така збунети и уплашени, помислија дека гледаат дух. Но Тој им рече: ‘Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.’ А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Тој им рече: ‘Имате ли овде нешто за јадење?’ Тие Му дадоа парче печена риба и мед со саќе.И кога зеде, јадеше пред нив“ (Лука 24:36-43).
„Сред главната улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите“ (Откровение 22.2).
Забележете што ни открива последниот стих, тој ја потврдува претпоставката дека дрвото на животот содржи нешто посебно, нешто неопходно за одржување на вечниот живот, како некој вид божествена терапија. Овој стих ни покажува и една важна вистина: дури и во вечноста, луѓето немаат бесмртност по своја природа, што се докажува со нивната зависност, односно зависноста на нивниот вечен живот од дрвото на животот.
И последното нешто на кое ќе обрнеме внимание во истражувањето на деветтиот стих од втората глава на Создавање (Битие), е дрвото на познавањето на доброто и злото:
„И ГОСПОД БОГ НАПРАВИ ДА ИЗРАСТАТ ОД ЗЕМЈАТА СЕКАКВИ ДРВЈА, УБАВИ ЗА ГЛЕДАЊЕ И ДОБРИ ЗА ЈАДЕЊЕ, И ДРВОТО НА ЖИВОТОТ СРЕДЕ РАЈОТ, И ДРВОТО ЗА ПОЗНАВАЊЕ НА ДОБРОТО И ЗЛОТО“ (Создавање 2:9).
Бидејќи веќе забележавме дека човекот е создаден како суштество способно да ја цени убавината, можеме да бидеме целосно сигурни дека дрвото на познавањето на доброто и злото не било некакво грдо, бодликаво дрво, како што понекогаш се прикажува во филмовите, ниту пак неговите плодови биле грди, смрдливи или гнили. Во спротивно, целата суштина на искушението би била изгубена.
Не верувам дека, ако пред нас имаме маса полна со различни вкусни и убави плодови, би почувствувале искушение да јадеме гнил и смрдлив плод од кантата за отпадоци. Плодовите на ова дрво, како и сите останати, биле прекрасни на изглед и примамливи. А суштината на искушението се состоела токму во прашањето за послушноста на човекот.
Веќе зборувавме дека во човекот постојат две начела:
- Животинско начело, кое го имаат и животните, бидејќи и човекот, како и тие, е создаден од земја и има биолошко тело, инстинкти и природни потреби;
- Божествено начело, бидејќи во него е вложен моралот, совеста и одговорноста пред Бога.
Суштината на искушението се состоела во изборот што ќе го направи човекот: кое од овие две начела ќе стане водечки принцип во неговиот живот:
- Божественото начело, при кое животинската природа е потчинета на должноста пред Бога, на моралот и совеста.
- Животинското начело, при кое личната желба целосно го отстранува од човекот сето она што го разликува од животните, моралот, совеста и одговорноста пред Бога.
Животното ги нема овие квалитети, туку е водено единствено од своите телесни желби.
Земајќи го предвид она што Самиот Творец го вградил во човекот како слободно и развојно суштество, стремежот кон познание, способноста за анализа, желбата да ужива и да доживува позитивни чувства од храната што ја јаде, можеме да бидеме сигурни дека човекот, гледајќи ги плодовите на забранетото дрво, размислувал: „Зошто не смеам да ги јадам? Што има посебно во нив?“ Тоа е нормално и очекувано за едно разумно и слободно суштество. Само нешто што е програмирано, како робот, не би се запрашало такво нешто. А човекот не е создаден како робот!
Сепак, и покрај овие размислувања, можеби дури и љубопитството или желбата да ги вкуси овие плодови, човекот знаел дека Бог, Кој го создал и го опкружил со толку многу благослови, јасно му забранил да ги вкусува плодовите од ова дрво. Со други зборови, забранетото дрво било постојано потсетување за послушност кон највисокиот авторитет, Бог и Неговата волја за човекот. Колку и да посакувал човекот да ги вкуси плодовите од ова дрво, колку и да го повикувала неговата биолошка природа (бидејќи токму таа се храни со плодови), во своите одлуки тој морал да се раководи не според желбите на телото, туку според јасно изразената волја на Бог.
Ова е јасен пример за сите нас: колку и да посакуваме нешто, во својот живот треба да се раководиме не според своите желби, туку според јасно изразената волја на Бог во Писмото.
Од своја страна, Бог му го олеснил изборот на човекот во градината Едем, така што му дал изобилство од различни плодови. Со тоа, човекот немал никаква потреба да посегне по забранетото дрво од глад, бидејќи храна имало во изобилство. Значи, глад не бил причината за падот во грев.
Забранетото дрво е наречено „дрво на познавањето на доброто и злото“, וְעֵץ הַדַּעַת טוֹב וָרָע (Ve-etz ha-da’at tov va-ra), „и дрвото на познавањето на доброто и злото“. Зборот דַּעַת (da’at) значи познание, знаење, разбирање, мудрост.
Во овој текст се користи со определениот член הַדַּעַת (ha-da’at), што означува нешто специфично и важно. Конструкцијата на оваа фраза покажува дека познавањето се однесува и на доброто и на злото.
Можеби ќе се запрашаме: „Како може тоа дрво да дава познавање на доброто, кога Адам веќе бил создаден добар и живеел во добро?“ Зарем тогаш дрвото не треба да открива само што е зло?
Но, не е така едноставно. Зборот da’at (דַּעַת), „познавање“, во Библијата не значи само интелектуално знаење, туку длабоко, лично и искуствено познавање. Тоа е знаење стекнато преку блиска врска, интеракција и доживување.
„… по желба на телото… од похот машка… се родија“ (Јован 1:13).
„Потоа Адам легна со жената своја Ева, која зачна и го роди Каин, и рече: ‘Придобив човек од Господ’“ (Создавање 4:1).
Затоа, познавањето значи длабока, лична врска, толку блиска, што она што го познаваш станува дел од тебе.
Па што, всушност, му донесе на човекот вкусувањето од забранетото дрво? Изразот „познавање на доброто и злото“ значи дека човекот стекнал лично, практично искуство, учење преку директен доживеан процес, преку обиди и грешки.
Пред да падне во грев, Адам постапувал според својата оригинална природа, онаква каква што Бог ја создал, чиста, добра и во согласност со Божјата волја. Тој не знаел за злото преку лично искуство, туку едноставно живеел во послушност на она што Бог му го кажал: ‘ова прави, а ова не’.
Но, откако вкуси од забранетото дрво, нешто се промени во него – се појави желба сам да одлучува што е добро, а што зло, според своето лично мислење и чувство. Наместо да се води по Божјите упатства, сега неговиот избор се темелеше на сопствено искуство и проценка.
Со тоа, човекот не само што ја дозна разликата меѓу доброто и злото, туку и лично ја доживеа, со сета болка, последици и внатрешна борба што таа нова слобода ја носи.
Сепак, најголемиот проблем кај човекот по падот во грев не е тоа што дознал што е добро и зло, туку што овие две спротивности во него се испреплетиле и измешале толку многу, што веќе не може секогаш јасно да ги разликува:
„А мене да не Ми е жал за Ниневија, за овој голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади души, кои не можат да ја разликуваат десната рака од левата (добро и зло)…?“ (Јона 4:11).
„Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто – зло; темнината ја сметаат за светлина, светлината – за темнина, горчливото – за слатко, а слаткото – за горчливо! Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси“ (Исаија 5:20,21).
Затоа, навидум, сите луѓе зборуваат за доброто и правдата, но тие всушност не постојат. Зошто? Бидејќи секој човек има своја сопствена претстава за правда и правичност, која често е далеку од вистинската правда:
„Има патишта, кои на човек му изгледаат прави, но крајот нивни води во смрт“ (Изреки 14:12).
Освен тоа, по падот во грев, луѓето, дури и кога точно знаат што е добро, а што зло, почнале да го избираат не доброто, туку злото. Човекот го избира она што му е пријатно, иако знае дека е штетно, а го отфрла она за кое знае дека е корисно. На пример, пушачот знае дека пушењето е штетно, а спортот е корисен, но и покрај тоа, прави погрешен избор на сопствена штета. Мудриот Соломон, зборувајќи за оваа промена која настанала кај луѓето по падот во грев, пишува:
„Само, ете, тоа го открив дека Бог го создаде човекот едноставен и добар, но тој самиот си создава проблеми“ (Проповедник 7:29).
Хебрејскиот збор yashar (יָשָׁר), „прав“, значи да се оди по исправен пат, по една права патека. Но, луѓето немале лично познавање дека тоа навистина е единствениот пат на доброто. Затоа, тие одлучиле да го вкусат забранетиот плод и со тоа стекнале лично искуство во разбирањето на разликата помеѓу доброто и злото. Сега нивниот пат се состои од бројни пресметки на нивниот разум за тоа што треба да се смета за добро, а што за зло во одредена ситуација:
„…нивните внатрешни размислувања, со кои меѓусебно се обвинуваат или одбрануваат“ (Римјаните 2:15).
Затоа, наоѓајќи се во таква состојба, во која човекот веќе не избира помеѓу доброто и злото според заповедта на Бог, туку според својата сопствена волја, и имајќи ослабена природа поради гревот, лишена од Божествено водство и збунета во поимите за добро и зло, човекот е осуден на пропаст. Единствената надеж за неговото спасение е Месијата, Синот Божји, Кој не само што ги простува направените гревови и дава надеж за спасение, туку и покажува пример за верно исполнување на Божјата волја:
„Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно“ (Јован 8:29).
„… Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова“ (Јован 15:10).
„Кој вели: ‘Го познав’, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина; а кој го пази словото Негово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него. Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Тој“ (1. Јованово 2:4-6).
Зошто е важно да ја почитуваме Божјата волја и Неговиот закон токму според примерот на Исус и во Неговиот дух? Затоа што без Христос, без Неговата љубов, разум и водство, ние сме во опасност да го разбереме Божјиот закон на погрешен начин, формално, ладно и површно. Тоа води до лицемерие и самоправедност, нешто што го гледаме токму кај религиозните водачи од времето на Исус. Тие навидум ревносно го следеа законот, но не го препознаа ниту прифатија Синот Божји. Напротив, тие што се фалеа со вера и познавање на законот, на крајот Го распнаа Христос:
„Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‘Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во злато на храмот, виновен е.’ Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или храмот кој го осветува златото? Исто така велите: ‘Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.’ Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот? А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сè што е врз него;и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него; и кој ќе се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од нане, копра и ким, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате. Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате! Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и алчност. Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија. Така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие“ (Матеј 23:16-28).
И, како пример за вистинитоста на зборовите на Христос за таквите:
„И Го поведоа Исус од Кајафа во преторијата (судница). Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата“ (Јован 18:28).
„На другиот ден, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите кај Пилат,и му рекоа: ‘Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: По три дни ќе воскреснам’“ (Матеј 27:62,63).
Замислете, тие беа подготвени да убијат невин човек, но во исто време се плашеа да влезат во судница за да не се „осквернат“ и да можат да ја вкусат Пасхата. Јавно ја почитуваа саботата, но кога им одговараше, без проблем одеа кај незнабожец, дури и на истиот ден. Во нивните очи, тоа веќе не било проблем. Таквото однесување е јасен пример за целосно извртување на разбирањето за добро и зло. Токму за тоа зборува апостол Павле, за луѓе кои имаат надворешна форма на побожност, но во срцето се далеку од вистината и правдата:
„Браќа, желбата на моето срце и на мојата молитва кон Бога за Израел е за негово спасение. Јас им сведочам дека тие имаат ревност за Бога, но не според сознанието. Зашто, не знаејќи за Божјата праведност и тежнеејќи да воспостават своја сопствена праведност, тие не и се подредија на Божјата праведност“ (Римјаните 10:1-3).
Затоа, без разлика колку се сметаме себеси за верни, колку долго сме во верата или каков углед имаме во религиозната заедница, едно е сигурно: нашето единствено спасение од гревот, и од последиците на вкусувањето од забранетото дрво, е Синот Божји, Исус Христос:
„Исус им одговори: ‘Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот. А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно. И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни’“ (Јован 8:34-36).
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото“ (2. Коринтјаните 5:17).
Христос, за нас, паднатите луѓе, е како „Дрвото на животот“. Преку „вкусување“ од Него, односно преку верата, заедништвото и прифаќањето на Неговата жртва, ние се ослободуваме од гревот и од последиците што произлегоа од вкусувањето на плодот од забранетото дрво. Така, преку Него, повторно се обновува вечната животна сила што човештвото ја изгуби поради непослушноста.
„Волјата на Оној што Ме прати е: секој што ќе го види Синот и ќе поверува во Него да има вечен живот, а Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6:40).
„Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има вечен живот“ (Јован 6:47).
Секој ден истражувајте ја Библијата и спознавајте го патот на спасението, откриен од Бог во Неговиот Син. Хранете се духовно од Него, нашето „дрво на животот“, за да живеете вечно:
„Зашто, платата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23).
Да резимираме што научивме денес:
- Уште пред создавањето на човекот на шестиот ден, Бог, грижејќи се за него, на третиот ден од создавањето насадил прекрасна градина за него.
- Градината Едем не е само физичка локација, туку и духовна состојба на вистинско задоволство и уживање со која Бог сакал да го благослови човекот преку заедништво со Него.
- Хебрејскиот јазик не е сложен јазик, туку длабоко духовен јазик. Не треба да го изучуваме само интелектуално, како другите јазици, туку пред сè со срцето и духот, и тогаш ќе ги открие своите длабочини на оној кој искрено ја бара вистината!
- Иако патот кон вечноста е исполнет со предизвици, страдања и искушенија – радоста и наградата што Бог ја подготвил ги надминуваат сите жртви. Вреди да се истрае!
