Четвртиот ден од создавањето — Сонцето, Месечината и ѕвездите над зелена Земја без денешните континенти

Четвртиот ден од создавањето: светилата на небескиот свод

Сподели го ова:

Овој дел од Создавање е особено важен, затоа што ни покажува дека Бог не само што создал светлина, туку и го уредил начинот на кој таа светлина ќе служи за животот на Земјата. Сонцето, Месечината и ѕвездите не се дадени за да бидат предмет на обожавање, туку како Божји созданија што ја исполнуваат Неговата волја. Тие му служат на човекот, на животот, на времето и на Божјиот ред во создадениот свет.

Да го прочитаме библискиот текст:

„Потоа Бог рече: ’Нека се појават светила на небескиот свод (за да ја осветлуваат земјата), за да го делат денот од ноќта и да бидат знаци, и за времињата, и за деновите, и за годините; и нека бидат тие светилници на небескиот свод, за да ја осветлуваат земјата!’ И стана така. Бог создаде две големи светила: поголемо светило да управува со денот, и помало светило да управува со ноќта; ги создаде и ѕвездите; и ги постави Бог на небескиот свод да ја осветлуваат земјата, и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека тоа е добро. И настапи вечер, и настапи утро – четврти ден“ (Создавање 1:14-19; Стандардна Библија 2006).

„И Бог рече: ’Нека бидат светила на небесниот свод, за да го делат денот од ноќта, нека бидат за знаци, и за времињата, и за деновите и годините, и нека бидат за светила на небесниот свод за да ја осветлуваат земјата!’ И бидна така. И Бог направи две големи светила, поголемото да владее над денот, а помалото да владее над ноќта – и ѕвездите. И Бог ги постави на небесниот свод да ја осветлуваат земјата, да владеат над денот и ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро. И бидна вечер, па утро – четврти ден“ (Создавање 1:14-19; Константинов 1999).

Да му пристапиме внимателно на текстот, бидејќи и навидум малите детали во библискиот извештај носат важна порака. Кога библискиот текст се чита површно, лесно може да се пропушти неговата длабочина. Затоа е важно да го следиме внимателно, стих по стих.

Првата реченица гласи:

„Потоа Бог рече: ’Нека се појават светила на небескиот свод…’“

Во претходните теми веќе зборувавме дека Библијата на различни места го користи изразот „небо“ со различни значења. Понекогаш се мисли на небото што го гледаме над нас, понекогаш на просторот каде што се наоѓаат небесните тела, а понекогаш на Божјото небесно живеалиште. Затоа и овде треба внимателно да го разбереме изразот „небески свод“.

Библијата често зборува од перспектива на човекот што живее на Земјата. Затоа светилата се опишани како поставени „на небескиот свод“, односно на небото што човекот го гледа над себе. Овој начин на изразување не значи дека Сонцето, Месечината и ѕвездите се прикачени на некаква тврда купола, туку дека тие се поставени на небото, така како што се гледаат од земната перспектива.

Слично нешто гледаме и во описот на птиците:

„Потоа рече Бог:… ’а низ небескиот свод над земјата нека полетаат птици’“ (Создавање 1:20).

Од перспектива на човекот, птиците летаат низ небото, иако тие се движат во воздушниот простор над Земјата. На ист начин, и светилата се опишани како поставени на небескиот свод, бидејќи човекот ги гледа како светат на небото над него.

Овој начин на изразување ни покажува дека Библијата е напишана на јазик што човекот може да го разбере. Таа не зборува со студен технички јазик, туку со јазик на откровение, набљудување и духовна поука.

Бог ги поставил светилата така што тие совршено ја исполнуваат својата служба кон Земјата. Ако односот меѓу Земјата, Сонцето и Месечината беше значително поинаков, условите за живот ќе беа многу поинакви. Но Бог сè поставил со мудрост, мера и цел.

Сонцето ја осветлува Земјата, ја загрева и има голема улога во животот на растенијата, животните и човекот. Месечината, пак, има своја улога во ноќното осветлување, во плимата и осеката и во мерењето на времето. Ѕвездите исто така служат како знаци, ориентири и сведоштво за Божјата слава.

Затоа текстот вели:

„Нека се појават светила на небескиот свод, за да го делат денот од ноќта…“

Овде се поставува важно прашање: ако Бог уште на првиот ден ја одделил светлината од темнината, зошто сега, на четвртиот ден, создава светила за да го делат денот од ноќта?

Да се потсетиме на првиот ден:

„И Бог рече: ’Нека биде светлина!’ И настана светлина“ (Создавање 1:3).

„И Бог виде дека светлината е нешто добро; и ја оддели Бог светлината од темнината“ (Создавање 1:4).

„Бог светлината ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И настапи вечер, и настапи утро – прв ден“ (Создавање 1:5).

На првиот ден веќе постоела светлина, и веќе постоело одделување на светлината од темнината. Но на четвртиот ден Бог поставува создадени светила што отсега ќе ја извршуваат таа служба на видлив и уреден начин за Земјата.

Во претходното проучување, кога зборувавме за првиот ден, видовме дека светлината што Бог ја откри уште пред создавањето на Сонцето не треба да се разбере само како обична физичка светлина, туку и како длабока духовна поука. Библијата јасно го открива Христос како вистинската Светлина:

„Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето. И Светлината свети во темнината, и темнината не ја опфати“ (Јован 1:4,5).

„Пак им зборуваше Исус и рече: ’Јас сум Светлината на светот; кој оди по Мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот’“ (Јован 8:12).

Затоа, во првите три дена, пред да бидат поставени Сонцето и Месечината како светила за Земјата, светлината што го делела денот од ноќта укажувала на Христос како извор на светлина и живот. Тоа не била светлина што доаѓала од Сонцето, бидејќи Сонцето било поставено дури на четвртиот ден. Таа светлина била дадена од Бога и преку неа уште од самиот почеток била откриена духовната вистина дека животот и светлината не зависат првенствено од создадените небесни тела, туку од Самиот Бог, Кој сè создава и одржува преку Својот Син.

Затоа четвртиот ден не ја укинува духовната поука од првиот ден, туку ја продолжува на еден нов начин. Бог ги поставува Сонцето, Месечината и ѕвездите како физички светила за Земјата, но тие не стануваат извор на живот сами по себе. Тие само ја извршуваат службата што Бог им ја определил. Вистинскиот извор на светлината, животот и благословот останува Бог, откриен преку Христос.

Така, во првите три дена светлината директно укажувала на Христос како Светлина, а од четвртиот ден таа духовна вистина почнува да се отсликува и преку создадените светила, Сонцето, Месечината и ѕвездите.

Божјиот Син е извор на најсветлата духовна светлина. Тоа го гледаме и во Неговото преобразување:

„А по шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован, и ги изведе на висока гора сами; и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“ (Матеј 17:1,2).

Создавањето на Земјата не било само физичко уредување на просторот за живот, туку и откровение на духовни вистини. Бог ја создавал Земјата како дом за луѓето и за живите суштества, но преку тоа уредување истовремено откривал поуки за Себе, за Својот Син, за светлината, за животот и за редот во Неговото царство.

Писмото вели:

„… кога ги поставував основите на земјата… кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост…“ (Јов 38:4-7).

Создавањето било настан што предизвикал радост меѓу Божјите созданија. Тоа не било случајна појава, туку величествено Божјо дело, полно со мудрост, убавина и значење.

Понатаму читаме:

„… и да бидат знаци, и за времињата, и за деновите, и за годините“.

Овде гледаме дека светилата имаат повеќе цели. Тие не се создадени само за да светат. Тие служат:

  1. за да го делат денот од ноќта;
  2. за да бидат знаци;
  3. за времињата;
  4. за деновите;
  5. за годините;
  6. за да ја осветлуваат Земјата.

Светилата служат како знаци во природниот живот. Преку положбата на Сонцето, Месечината и ѕвездите луѓето низ историјата ги одредувале насоките, годишните времиња, деновите и годините. Небесните тела му помагаат на човекот да го мери времето и да го разбере редот во создадениот свет.

Но Библијата покажува дека небесните појави понекогаш служат и како духовни и пророчки знаци:

„… и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв“ (Откровение 6:12).

И за време на Христовото распнување читаме:

„А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час“ (Марко 15:33).

Така гледаме дека Сонцето и Месечината не се само физички светила, туку во Божјата реч понекогаш стануваат и знаци што упатуваат на важни духовни настани.

Со зајдисонцето во петок започнува саботата, светиот ден што Бог го дал како знак меѓу Себе и Својот народ:

„… пазете ги саботите Мои, зашто тоа е знак меѓу Мене и вас од колено до колено, за да знаете дека Јас сум Господ, Кој ве осветува“ (Излез 31:13).

„Празнувајте ги Моите саботи за да бидат знак меѓу Мене и вас, па да знаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог“ (Езекиел 20:20).

Значи, светилата служат и во практична и во духовна смисла. Тие го мерат времето, но истовремено нè потсетуваат дека времето му припаѓа на Бога.

Кога текстот вели дека светилата се дадени „за времињата“, тоа може да се разбере како упатување на годишните времиња. Сонцето има голема улога во смената на сезоните. Годишните времиња не зависат од тоа дали Земјата е малку поблиску или подалеку од Сонцето, туку од наклонот на земјината оска и од тоа како сончевата светлина паѓа врз различните делови на Земјата во текот на годината.

Кога една хемисфера е повеќе свртена кон Сонцето, таму има повеќе светлина и топлина, па започнува летото. Кога е помалку свртена кон Сонцето, доаѓа зимата. Така, преку движењето на Земјата и положбата на Сонцето, Бог поставил ред во годишните времиња.

Што се однесува до деновите, Сонцето и Месечината се поврзани со смената на денот и ноќта. Денот и ноќта заедно го сочинуваат целосниот ден. Од четвртиот ден натаму, оваа смена е поврзана со создадените светила.

Што се однесува до годините, сончевата година е поврзана со патот на Земјата околу Сонцето, додека лунарните месеци се поврзани со движењето и фазите на Месечината. Така Сонцето и Месечината стануваат природни мерила за времето.

Потоа текстот продолжува:

„И нека бидат тие светилници на небескиот свод, за да ја осветлуваат земјата! И стана така“.

Ова е уште една од главните намени на светилата: да ја осветлуваат Земјата. Тешко е да се прецени важноста на сончевата светлина за животот на Земјата. Таа влијае врз климата, растот на растенијата, фотосинтезата, годишните времиња и животниот ритам на многу живи суштества.

Но, и покрај тоа, Библијата нè учи дека Сонцето не треба да стане предмет на обожавање. Тоа е создание, а не Создател. Тоа служи, но не владее самостојно. Тоа дава светлина затоа што Бог му ја дал таа служба.

Затоа Писмото постојано нè предупредува да не го обожаваме создаденото наместо Создателот. Историјата на човештвото покажува дека небесните тела, особено Сонцето, често биле предмет на идолопоклонство. Но Божјиот народ е повикан да гледа подалеку од созданието, кон Оној што го создал.

Сонцето е големо светило, но не е Бог. Месечината е прекрасно светило на ноќта, но не е Бог. Ѕвездите ја објавуваат Божјата слава, но тие самите не се изворот на славата. Тие се сведоци за Создателот.

Библијата вели:

„Небесата ја објавуваат славата Божја, а сводот небески ги возвестува делата на рацете Негови“ (Псалм 19:1).

Продолжуваме понатаму:

„Бог создаде две големи светила: поголемо светило да управува со денот, и помало светило да управува со ноќта; ги создаде и ѕвездите“.

Овој текст многу јасно покажува дека Библијата зборува од перспектива на жителите на Земјата. Знаеме дека Сонцето е многу поголемо од Месечината. Знаеме и дека многу ѕвезди се поголеми од Сонцето. Но сепак, Сонцето и Месечината се наречени „две големи светила“.

Зошто?

Затоа што за човекот што живее на Земјата, тие се најзначајните светила. Сонцето управува со денот, а Месечината управува со ноќта. Тие имаат директно влијание врз животот на Земјата и се највидливите небесни тела за човекот.

Затоа Библијата не зборува од перспектива на астрономска споредба на големини, туку од перспектива на нивната служба кон Земјата. Во таа смисла, Сонцето и Месечината навистина се „големи светила“.

Ова ни покажува дека Божјата реч е дадена на начин што човекот може да ја разбере. Таа ни ја открива вистината, но ја изразува на јазик приспособен на нашата човечка перспектива.

Истото го гледаме и во Христовата служба. Кога Божјиот Син дојде на Земјата, Тој зборуваше на јазик што луѓето можеа да го разберат. Тој ги користеше сликите од секојдневниот живот: семе, почва, жетва, светлина, сол, леб, вода, пастир, лозје. Преку видливото им го објаснуваше невидливото.

Затоа рече:

„Кога за земни работи ви зборувам и не верувате, како ќе поверувате кога би ви говорел за небесните?“ (Јован 3:12).

Понатаму читаме:

„И ги постави Бог на небескиот свод да ја осветлуваат земјата, и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека тоа е добро“.

Бог видел дека тоа е добро. Сè што Тој поставил, големината, местоположбата, службата и влијанието на светилата, било добро. Тие ја осветлуваат Земјата, управуваат со денот и ноќта, служат за знаци, времиња, денови и години, и го одржуваат редот што Бог го воспоставил.

Светилата не се случајно поставени. Тие имаат служба. Тие не постојат сами за себе, туку за да го исполнат она што Бог им го заповедал.

Со зборовите „и Бог виде дека тоа е добро“, Библијата нè учи дека создадениот ред не е хаотичен, туку мудар и благословен. Светлината е добра. Редот е добар. Времето е добро. Службата на созданијата во Божјиот план е добра.

За убавината на светлината, Соломон вели:

„Мила е светлината и пријатно е да се види со очите сонцето“ (Проповедник 11:7).

И последната реченица од овој дел гласи:

„И настапи вечер, и настапи утро – четврти ден“.

Библијата продолжува да ги брои деновите на создавањето. Како што првиот, вториот и третиот ден беа вистински денови, така и четвртиот ден е вистински ден, четврти по ред. Разликата е во тоа што од четвртиот ден натаму, денот и ноќта почнуваат да се поврзуваат со создадените светила: Сонцето, Месечината и ѕвездите.

Овде гледаме дека Бог постепено ја уредува Земјата. Прво ја открива светлината, потоа го уредува просторот, ги собира водите, го открива копното, создава растенија, а потоа ги поставува светилата што ќе служат за животот на Земјата.

Сè се движи со ред. Бог не создава хаотично, туку мудро и постепено, според Својата волја.

Сега можеме да преминеме и на духовната симболика на светилата.

Како што споменавме, Сонцето има своја светлина, додека Месечината свети со светлина што ја прима и ја одразува. Ова може да ни послужи како убава духовна слика: сè што свети во создадениот свет ја има својата светлина од Бога. Како што Месечината не свети сама од себе, туку ја одразува светлината што ја прима, така и Божјиот народ е повикан да ја одразува Божјата светлина во светот.

Во книгата Откровение, Божјиот народ е претставен преку слика на жена:

„И се покажа голем знак во небото: жена, облечена со сонцето и месечината под нејзините нозе, а на нејзината глава круна од дванаесет ѕвезди“ (Откровение 12:1).

Жената во библиската симболика често го претставува Божјиот народ. Таа е облечена со сонцето, што укажува на светлина, слава и праведност што не потекнуваат од неа самата, туку ѝ се дадени од Бога.

Во Откровение читаме и за облеката на Јагнетовата жена:

„Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, зашто дојде Јагнетовата свадба и Неговата жена се приготви, и беше дадено да се облече во светло и чисто ленено платно; имено, платното, тоа се праведните дела на светите“ (Откровение 19:7,8).

Да се биде облечен во светлина значи да се живее во Божјата праведност. Божјиот народ нема своја сопствена светлина со која може да се пофали. Тој ја прима светлината од Бога и е повикан да ја одразува пред светот.

Исус им рече на Своите ученици:

„Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град што стои на врв планина“ (Матеј 5:14).

Но таа светлина не е независна од Бога. Учениците се светлина затоа што Го следат Христос, Кој е вистинската Светлина на светот.

Затоа и пророкот Исаија вели:

„Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак – народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе. И народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите – кон светлината што изгрева над тебе“ (Исаија 60:2,3).

Божјиот народ не свети сам од себе, туку ја прима светлината од Господ и ја одразува пред светот. Тој не е изворот на светлината, туку нејзин сведок.

Круната од дванаесет ѕвезди во Откровение 12 исто така има длабоко значење. Бројот дванаесет во Библијата е поврзан со Божјиот народ: дванаесетте племиња на Израел и дванаесетте апостоли. Во небесниот Ерусалим повторно се среќаваме со оваа симболика:

„Тој имаше големи и високи ѕидови, дванаесет порти, а над нив дванаесет ангели и напишани имињата на дванаесетте колена на синовите Израелови“ (Откровение 21:12).

Така, Сонцето, Месечината и ѕвездите не се само физички објекти. Во Божјата реч тие понекогаш служат и како слики што ни помагаат да разбереме духовни вистини. Физичкиот свет, кога се гледа во светлината на Писмото, може да стане сведоштво за духовните реалности.

Но секогаш треба да внимаваме: созданието не смее да го замени Создателот. Сонцето, Месечината и ѕвездите се убави, корисни и величествени, но тие се Божји дела. Тие не треба да бидат предмет на обожавање, туку причина да Го славиме Оној што ги создал.

Од сето ова гледаме дека четвртиот ден од создавањето носи голема поука. Бог ги поставил светилата не само за да ја осветлуваат Земјата, туку и за да нè учат на ред, време, зависност од Бога и духовна светлина.

Светлината на Сонцето го одржува физичкиот живот на Земјата. Но Христос, вистинската Светлина, го дава духовниот живот. Месечината ја одразува светлината што ја прима; така и Божјиот народ е повикан да ја одразува Христовата светлина. Ѕвездите ја украсуваат ноќта; така и верните Божји слуги треба да светат во темниот свет.

Библијата вели:

„Разумните ќе сјаат како светила на небото, и оние што мнозина обратиле кон правда – како ѕвездите, во сите векови, засекогаш“ (Даниел 12:3).

Затоа е толку важно да ја проучуваме Библијата внимателно. Таа не ни дава само информации, туку мудрост. Не ни покажува само што било создадено, туку ни открива Кој создал, зошто создал и каква духовна поука сака да ни даде преку создаденото.

Божјото слово е неисцрпен извор на вистината. Оној што искрено ја бара вистината, ќе ја најде, како што вели Писмото:

„Ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, – ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога. Зашто Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓаат знаењето и разумот“ (Изреки 2:4-6).

Што научивме денес?

  1. На четвртиот ден Бог ги поставил светилата на небескиот свод, Сонцето, Месечината и ѕвездите, за да ја осветлуваат Земјата и да го делат денот од ноќта.
  2. Светилата служат за знаци, времиња, денови и години. Преку нив Бог поставил ред во мерењето на времето и во животниот ритам на Земјата.
  3. Библијата ги нарекува Сонцето и Месечината „две големи светила“ затоа што зборува од перспектива на жителите на Земјата. За човекот, тие се најзначајните светила на небото.
  4. Светлината од првите три дена укажувала на Христос како вистинската Светлина, а од четвртиот ден таа духовна вистина почнува да се отсликува и преку создадените светила.
  5. Сонцето, Месечината и ѕвездите не се предмет на обожавање, туку Божји созданија што ја исполнуваат Неговата волја и сведочат за Неговата мудрост.
  6. Како што Месечината ја одразува светлината што ја прима, така и Божјиот народ е повикан да ја одразува Христовата светлина во светот.
  7. Сè што Бог создал има свое место, своја служба и своја духовна поука. Затоа, кога го проучуваме создадениот свет во светлината на Божјото слово, учиме не само како функционира природата, туку и Кој стои зад неа.
  8. Оној што искрено ја бара вистината во Библијата, сигурно ќе ја најде. Затоа Христос вели: „Барајте и ќе најдете“ (Матеј 7:7).
Сподели го ова:

Поврзани статии

Пребарување

Внесете најмалку 3 букви.