Духот на пророштвото
Духот на пророштвото
Истражете го пророчкиот дар и неговата улога во црквата.

Вовед
Во нашата претходна лекција научивме дека Бог во сите времиња имал Свои сведоци — Негови претставници. И покрај отстапувањето и постојаното слабеење на верата меѓу номиналните христијани, отсекогаш имало верници кои настојувале целосно да ја исполнуваат Божјата волја. Наспроти темнината што сѐ повеќе се шири, секој век им носел на верниците сѐ посилна светлина. Така е и денес.
Ние живееме во време на речиси општо отпадништво од вистинската вера која еднаш им е дадена на светиите. Но, Бог во Својата милост подигнал едно Движење кое ги оживува овие значајни аспекти на сегашната вистина и ги поставува на нивното вистинско место во Божјиот план.
Исто така, научивме дека црквата на остатокот во овие последни времиња се разликува од сите останати верски заедници по две истакнати карактеристики. Тие се:
- Исполнување на сите Божји заповеди, вклучувајќи го и празнувањето на саботата.
- Поседување на Исусовото сведоштво, кое е Духот на пророштвото (Откровение 19:10).
На првата од овие карактеристики, по која може да се препознае црквата на остатокот, ѝ посветивме внимание во некои од претходните лекции. Сега ќе се фокусираме на втората — Духот на пророштвото.
СМИСЛАТА И ЦЕЛТА НА ДУХОТ НА ПРОРОШТВОТО
На кого му ја откривал Бог Својата волја и Своите намери?
„Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците“
— Амос 3:7Во почетокот човекот ја имал привилегијата непосредно да разговара со својот Создател. Меѓутоа, со падот во грев, таа привилегија е загубена (Исаија 59:1,2). По појавата на гревот, Бог Своите пораки на светот обично ги испраќал преку избрано човечко орудие. Преку Своите пророци, Бог уште од самиот почеток им давал обилни поуки на луѓето. Кога тие пораки биле прифатени, исходот секогаш бил благослов, среќа и духовен напредок. Од друга страна, презирањето на овие Божји поуки водело до отпадништво и губење на вечниот живот.
Која сила ги поттикнувала пророците да ја изречат својата порака?
„Зашто никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух“
— 2. Петрово 1:21Овој стих секогаш треба да го имаме на ум кога ја читаме Божјата Реч. Пророците не го изнесувале своето лично мислење, туку „зборувале поттикнати од Светиот Дух“. Во Својата Реч, Бог ни заповеда: „Не гаснете Го Духот“ (1. Солунјаните 5:19). Ако ја презираме пророчката реч, всушност го презираме Божјиот глас, кој им зборува на луѓето преку Неговите избрани гласници. Давид рекол: „Духот Господов говори преку мене, и словото Негово е на јазикот мој“ (2. Самоилова 23:2). А Петар нагласува дека Светиот Дух преку усните Давидови пророкувал за Јуда (Дела на апостолите 1:16). Според тоа, јасно е дека гласот на пророкот треба да го сметаме како Божји глас.
На кој начин Бог им ја откривал Својата волја на пророците?
„Ако меѓу вас има пророк Господов, Јас му се откривам во видение, на сон говорам со него“
— Броеви 12:6Какви луѓе Бог избирал за Свои весници во минатото?
Бог не секогаш избирал особено истакнати луѓе за да Му служат како пророци. Иако најчесто зборувал преку мажи, понекогаш употребувал и жени за да ги пренесат пророчките пораки до Неговиот народ (Излез 15:20; Судии 4:4; Исаија 8:3; 2. Летописи 34:22; 1. Самоилова 2:1–10; Изреки 31:1; Лука 1:44–45; 2:36; Дела на апостолите 21:8–9).
Некои од пророците Бог ги повикувал уште во младоста за оваа служба (1. Самоилова 3. поглавје; Еремија 1:6–7).
На колку групи можат да се поделат библиските пророци?
Пророците можат да се поделат во две групи: (1) Оние кои Господ ги употребил за да ги напишат Светите списи — пораки наменети за луѓето од сите идни векови и поколенија. (2) Оние кои биле употребени за да донесат посебна порака за поединци или народ во одредено време. На пример, Енох пророкувал пред Потопот, но не напишал ниту една книга што влегла во составот на Библијата (Послание на Јуда 1:14). Во оваа втора група на гласници припаѓаат Аврам (Создавање 20:7), Марија (Излез 15:20), Девора (Судии 4:4), Илија (1. Цареви 18:36), Натан (2. Самоилова 7:3), Симеон (Лука 2:25), Агав (Дела на апостолите 11:28; 21:10) и многу други. Секој од нив донесувал посебна пророчка порака на народот во своето време, но не напишал ниту една книга во Библијата за идните генерации. Ако внимателно ја проучуваме Библијата, ќе забележиме дека имало повеќе од стотина различни поединци кои ги пренесувале Божјите пораки како пророци, а притоа не напишале ништо што е вклучено во Библијата. Ова покажува дека некој може да биде Божји пророк, иако неговите пораки не се вклучени во Библијата.
ДАРОТ НА ПРОРОШТВОТО ВО НОВИОТ ЗАВЕТ
Дали Бог одредил да има пророци и во Новиот Завет?
„И некои од вас Бог постави во Црквата: прво за апостоли, второ за пророци, трето за учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување; па за помагање, за управување и за зборување на разни јазици“
— 1. Коринтјаните 12:28; да се види Ефесјаните 4:11За чие добро е првенствено даден дарот на пророштвото?
„Пророкувањата, пак, не се за оние што не веруваат, туку за оние што веруваат“
— 1. Коринтјаните 14:22За што треба да послужи дарот на пророштвото во црквата?
„Кој, пак, пророкува, тој им зборува на луѓето за надградување, охрабрување и утешување“
— 1. Коринтјаните 14:3Вистинските пророци можеме да ги препознаеме „по нивните плодови“ (Матеј 7:16). Делото на вистинскиот пророк се огледа во подигањето на верата и моралот, во охрабрувањето и целосната покорност на библиското учење, како и во поттикнувањето и охрабрувањето на браќата да бидат верни и постојани во сѐ. Ако овие плодови не се присутни, тогаш можеме да знаеме дека делото на таквата личност е дело на лажен пророк.
Дали апостолската црква имала дар на пророштво?
Ве молиме да ги проучите примерите запишани во следниве стихови: Дела на апостолите 13:1; 15:32; 11:27,28; 21:8,9. Иако овие луѓе и жени не напишале ниту една книга што е дел од Библијата, Бог сепак ги употребил за морално подигање, советување и утеха на Неговата црква во тоа време.
Како обично се нарекуваат пораките на пророкот?
„Тогаш Господ преку сите Свои пророци, преку секој гледач го опоменуваше Израел и Јуда… Но тие не ги послушаа… наредбите Негови и заветот Негов што Тој го беше склучил со нивните татковци, и откровенијата Негови, со кои им беше посведочил“
— 2. Цареви 17:13–15; да се види: Немија 9:30Господ сведочи или ги дава Своите сведоштва на Својот народ преку пророците, и токму затоа нивните пораки се нарекуваат и „сведоштва“.
ДУХОТ НА ПРОРОШТВОТО ВО ЦРКВАТА НА ОСТАТОКОТ
Која е библиската дефиниција за „сведоштвото Исусово“?
„Зашто ‘сведоштвото Исусово’ е Духот на пророштвото“
— Откровение 19:10Од ова можеме да видиме дека „сведоштвото на Исус Христос“, споменато во Откровение 12:17, се однесува на Духот на пророштвото или дарот на пророштвото. Ова јасно укажува дека Божјиот народ во последните денови треба да има дар на пророштво во својата средина.
Дали дарот на пророштвото е присутен и во оваа последна генерација?
Во 22. лекција научивме дека последниот период започнал во 1844 година. Тоа било времето кога, со објавувањето на тројната ангелска порака од Откровение 14:6–11, Бог подигнал народ кој ги пази „заповедите Божји и верата во Исус“ (стих 12). Во тоа време, Бог ги избрал најскромните орудија преку кои на Својот народ му испраќал посебни пораки на светлина и вистина. Орудието што било избрано во 1844 година била Елена Г. Хармон, седумнаесетгодишна девојка од Портланд, државата Мејн, САД. Својата прва порака од Господ таа ја примила кон крајот на 1844 година. Две години подоцна, по мажењето за старешината Џејмс Вајт, еден од водечките пионери на Адвентното движење, го добила презимето Вајт.
Во период од 69 години, сѐ до својата смрт во 1915 година, госпоѓа Вајт верно му ги пренесувала Божјите пораки на Божјиот народ, кои се проверени со Божјата Реч и кои читателот постојано го упатуваат да се врати на Библијата како правило на верата и должностите. Таа никогаш не барала нејзините списи да бидат сметани како додаток на Библијата, туку, по примерот на многу Божји гласници од минатото, нејзините списи претставуваат специјални упатства за црквата на остатокот, водејќи ја низ опасностите на последните денови.
Добро би било овде да го истакнеме фактот дека, како за време на нејзиниот живот, така и по нејзината смрт, нејзиното дело било многу внимателно испитувано во светлината на Божјата Реч. Постојат непобитни докази дека нејзината работа одговара на критериумот што самиот Бог го дал во Библијата, а нејзините списи совршено одговараат на мерилото: „Покрај Законот! Покрај сведоштвата!“ (Исаија 8:20). Во нејзините списи се истакнува Библијата, а тие, по примерот на стаклото за зголемување, ги поедноставуваат и поопширно ги излагаат нејзините вистини.
Ви препорачуваме да набавите некои од нејзините најистакнати дела, како што се: Големата борба, Копнежот на вековите, Патријарси и пророци, Здравје и среќа, Воспитување, Христовите очигледни поуки, Патот кон Христа, Рани списи и многу други. Ќе ни биде радост и задоволство да ве снабдиме со некоја од овие книги, доколку го посакувате тоа. Не пропуштајте ја можноста лично да се запознаете со овие непроценливи бисери на вистината. Сигурни сме дека Божјиот Дух ќе го осведочи вашето срце за нивното божествено потекло.
Кога луѓето би ја проучувале Библијата како што треба и би живееле според неа, дарот на пророштвото не би бил потребен. Но, за да немаме изговор дека не ја разбираме Божјата волја, Тој ни го дал Духот на пророштвото. Нашата најискрена молитва е секој што ја проучува оваа студија пред сè да ја дознае Божјата волја и да ја следи во својот живот.
Проверете го наученото
Одговорете на прашањата, а потоа отворете ги одговорите за споредба.
Цитат:
А. Дали сакате личен разговор со еден од библиските работници?
Б. Дали оваа лекција ви помогна подобро да ги разберете вредностите и значењето на пророчкиот дар?
В. Дали сега можете да разберете дека Бог го дал пророчкиот дар и во овие последни денови?
Покажи ги точните одговори
✧ РЕШЕНИЈА ✧- 1. пророци. Цитат: „Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците“ (Амос 3:7).
- 2. 1. Коринтјаните 12:28 – „Бог постави во Црквата… пророци“; Ефесјаните 4:11 – „Тој постави едни за апостоли, други за пророци“.
- 3. Дела 13:1; Дела 15:32; Дела 11:27,28; Дела 21:8,9 (прифатливи се три точни цитати).
- 4. сведоци (или претставници, пророци).
- 5. Исусово; Духот на пророштвото. (Откровение 12:17; 19:10)
- 6. Елена Г. Вајт (Елена Г. Хармон).
- 7. видение; сон. (Броеви 12:6)
- 8. Надградување, охрабрување и утешување. (1. Коринтјаните 14:3)
- 9. Божјата волја; ја следиме (извршуваме).
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ: Ова се лични прашања за размислување и одлука.
