Христијанинот како доверител на Божјите добра

← Ризница на ЕвангелиетоЛЕКЦИЈА 27 ОД 30

Христијанинот како доверител на Божјите добра

Проучете ја нашата одговорност за добрата што Бог ни ги доверил.

Лекција 27 — Христијанинот како доверител на Божјите добра

Вовед

Како верници во Исуса Христа, ние сме приматели и доверители на Неговата вистинска милост. Исто така, ни е доверена и одговорноста за сите земни добра што Бог ни ги дал. Без разлика дали го признаваме тоа или не, сè што поседуваме е Божји дар. Дури и воздухот што го вдишуваме е од Него. Тој ни ја дава храната што ја јадеме и облеката што ја носиме.

Што бара Господ да Му вратиме? Ако го проучиме сведоштвото на Библијата, ќе го најдеме одговорот на ова значајно прашање.

БОГ Е СОПСТВЕНИК НА СÈ

Кој е сопственик на земјата и на сè што се наоѓа на неа?

„Господова е земјата и сè што ја исполнува, вселената и оние што живеат во неа, зашто Тој ја основа врз морињата, и на реки ја утврди“

— Псалм 24:1,2

Секогаш треба да имаме на ум дека Бог е сопственик на оваа земја и на сè што се наоѓа на неа, бидејќи Тој е Создателот на сето тоа. Тој ни ги доверил Своите добра само како на доверители.

Како треба да гледаме на своите пари?

„Среброто е Мое и златото е Мое – вели Господ Саваот“

— Агеј 2:8

Што треба да правиме со сето она што го имаме?

„Давај Му принос на Господ од имотот твој и од првините на плодовите од твоите придобивки“

— Изреки 3:9

Иако со давањето на десетокот и даровите за Божјото дело на земјата на посебен начин ја изразуваме својата благодарност кон Господ, секогаш треба да имаме на ум дека сè Му припаѓа Нему. Сите наши земни добра треба да ги користиме според Божјата волја.

ПРИНЦИПОТ НА ДЕСЕТОКОТ

Според Библијата, како треба да гледаме на десетокот?

„И секоја десетина од земјата: од земните семиња и од плодовите на дрвјата, Му припаѓаат на Господ: тоа е светиња Господова“

— Левитска 27:30

Зборот „десеток“ самиот по себе значи „десетти дел“. Десетокот не ни припаѓа нам. Библијата јасно учи дека тој Му припаѓа на Бога и дека е свет. Затоа, ако го користиме за сопствени потреби, ќе паднеме под Божја осуда.

Кој дел од нашиот приход треба да го одделиме како десеток?

„Одделувај десеток од секој плод на семињата свои, род од нивите твои секоја година“

— Второзаконие 14:22

Од ова произлегува дека десетокот треба да се одделува од чистата добивка од која било работа. Ако нашиот приход изнесува 1.000 денари, а трошоците ни се 250 денари, тогаш десетокот се пресметува од преостанатите 750 денари, што изнесува 75 денари. Доколку не сме приватници, туку сме вработени и примаме плата, десетокот се одделува од целокупната заработка.

Дали во Библијата постои запис за давање на десеток пред Мојсеевото време?

„И му даде (Аврам) десетти дел од сè“

— Создавање 14:20; види Евреите 7:2

УПОТРЕБАТА НА ДЕСЕТОКОТ

За што е наменет десетокот според Божјата Реч?

„Не знаете ли дека оние што свештенодејствуваат, се хранат од светилиштето, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот? Така и Господ заповедал проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието“

— 1. Коринтјаните 9:13,14

Проповедниците на Евангелието треба целото свое време да го посветат на делото за спасение на душите. Но како тогаш да обезбедат средства за живот за себе и своето семејство? Бог предвидел план — оние што ги примаат благословите на Евангелието треба со своите прилози да придонесат за нивното издржување. Во времето на стариот Израел, Левитите, кои не добиле наследство како останатите племиња, биле одвоени за служба во светилиштето и за духовните потреби на народот. Нивното издржување било обезбедено преку десетокот (види Броеви 18:21).

Дали според Христовото учење и христијаните треба да даваат десеток?

„…Зашто давате десеток од нане, копра и ким, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате“

— Матеј 23:23

Христос зборувал во согласност со одредбите за десетокот. Тој ги укорил фарисеите, не затоа што биле прецизни во давањето на десетокот, туку затоа што ја занемариле правдата, милоста и љубовта кон своите ближни. Ако напредуваме во благодатта и стануваме сè послични на Исус, со радост ќе ја прифатиме привилегијата да придонесуваме за напредокот на Неговото дело на земјата.

Колку е сериозен престапот ако ги задржиме за себе десетоците и приносите што Му ги должиме на Господа?

„Смее ли човек да краде од Бога? А вие крадете од Мене! Ќе речете: ‘Што крадеме од Тебе?’“

— Малахија 3:8

Ако го задржуваме она што Му припаѓа на Бога, за Него сме крадци и, наместо Неговиот благослов, ќе нѐ снајде проклетство. Деветте десетини од нашиот приход, со Божјиот благослов, ќе траат подолго отколку сите десет без Неговиот благослов.

Што Бог им ветува во Својата Реч на оние што се верни во давањето на десетокот?

„Донесете ги сите десетоци во ризницата, па да има храна во Мојот дом, и потоа испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек?“

— Малахија 3:10

Ако веруваме дека Бог навистина постои и дека се грижи за Своите деца, ќе ги дадеме своите десетоци и дарови, дури и ако не знаеме кога следниот пат ќе имаме храна. Бог ветил дека ќе ги отвори „отворите небесни“ и ќе излее врз нас благослови. Дали навистина верувате во тие ветувања? Тој нѐ повикува да Го испитаме во тоа, радосно враќајќи Му го она што е Негово. Каква привилегија е да соработуваме со нашиот Создател! Колку треба да бидеме благодарни што, преку своите прилози, можеме да дадеме мал придонес во Неговото дело за спасение на душите.

Каде, според Божјата Реч, треба да ги донесеме своите десетоци?

„Донесете ги сите десетоци во ризницата, па да има храна во Мојот дом“

— Малахија 3:10

Посветените луѓе служеле како ризничари и биле одговорни за мудро распоредување на Господовите приходи (2. Летописи 31:11–19; Неемија 12:44; 13:12,13). Денес, Неговата црква претставува ризница — заедница на верници поврзани заедно — во исполнување на Неговите заповеди и следењето на целосната светлина на Евангелието. Бог предвидел организиран систем на народ, во кој десетоците и даровите се користат за ширење на Евангелието низ целиот свет.

„Божјиот план во системот на десеток е прекрасен според својата едноставност и еднаквост. Овој план треба сите да го прифатиме храбро и со вера, бидејќи е од божествено потекло. Во него успешно се комбинираат едноставноста и корисноста и не е неопходно големо образование да се сфати и да се примени во пракса. Сите кои ќе го прифатат ова можат да почувствуваат дека учествуваат во помагање на драгоценото дело на спасување. Секој од нас, без оглед на возраста и полот, може да даде свој придонес во својство на повереник, за потребните средства да дојдат во Неговата ризница.“

— 3 Сведоштво, 388

Колку често треба да ги даваме нашите десетоци и дарови?

Секоја сабота, кога ќе се собереме на богослужение, треба да размислуваме и за тоа како да Му послужиме на Бога со своите доброволни дарови. Десетокот го даваме тогаш кога ќе оствариме приход. Ако секој месец добиваме плата, треба верно да го даваме својот десеток секој месец. Бог ги забележува нашите побуди при давањето. Ако нашиот чист приход бил само 10 денари, Тој гледа дали прво ќе одвоиме еден денар што Му припаѓа Нему. Ако Бог навистина ни е на прво место во животот, секогаш ќе бидеме подготвени да дадеме придонес за Неговото дело.

ДЕСЕТОКОТ И ПРАЗНУВАЊЕТО НА САБОТАТА

На кој начин давањето на десетокот е поврзано со празнувањето на саботата?

Празнувајќи ја саботата како седми ден, го признаваме Бога како Создател на небото и земјата. Со тоа покажуваме почит кон денот во кој Тој се одморал и го одвојуваме од останатите работни денови во седмицата. Слично на тоа, кога Му го враќаме на Бога она што и онака Нему Му припаѓа, признаваме дека Тој е сопственик на сѐ што постои.

Држењето на саботата и давањето на десетокот се две божествени одредби преку кои ја изразуваме својата вера во Бога како Создател и сопственик на сѐ. Како што е напишано: „Верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јаков 2:14, 17–26). Ако некој тврди дека е христијанин, но не ја празнува вистинската сабота што самиот Создател ја воспоставил и не Му го враќа верно делот што Му припаѓа, неговата вера во Бога како Создател и Сопственик на сѐ не е вистинска. Таквата вера е мртва, бидејќи не е потврдена со соодветни дела.

Со празнувањето на саботата и давањето на десетокот, на видлив начин сведочиме дека за нас Христос е суверен Господар на сѐ што постои — Господар на нашето време, пари, живот и сѐ што имаме.

За кое прашање секој христијанин треба најсериозно да размисли?

„Што да Му дадам на Господ за сите негови добрини што ми ги направи мене?“

— Псалм 116:12

Вистинскиот христијанин нема да се прашува колку помалку да Му даде на Господа, туку напротив — како да Му даде што повеќе. Тој нема целото свое време да го посвети на минливите овоземни интереси, туку ќе настојува да одвои што повеќе време за Божјото дело, трудејќи се спасоносната вистина на Евангелието да ја пренесе и на другите.

Десетокот и даровите нема да бидат само обврска што мора да ја изврши, туку израз на љубов — доказ дека не сака да ги употреби за никаква земна цел. Саботата нема да му биде само ден на одмор од работата, туку ден за поблиска поврзаност со небото и радосно заедништво со Христос.

Ова е новозаветното искуство што секој од нас може да го има, ако со сето срце Го прифати Христос и Му дозволи да загосподари со неговиот живот. За навистина да почувствуваме што тоа значи, мораме сѐ што имаме да положиме на Неговиот олтар. Нека Бог му помогне на секој што ги проучува овие лекции да ја донесе таа одлука уште денес.

Проверете го наученото

Одговорете на прашањата, а потоа отворете ги одговорите за споредба.

Цитат:

Цитат:

Цитат:

Цитат:

А) Ако давате десеток, дали сте се увериле дека, со Божјиот благослов, преостанатите девет десетини ќе траат подолго отколку сите десет без Неговиот благослов?

Б) Дали сакате, со вера во Божјата милост, да се потпрете на Неговите ветувања дадени во книгата на пророкот Малахија 3:10 и да ги донесете своите десетоци во Неговата ризница, за да може да ги излее врз вас благословите што ги ветил?

В) Дали донесовте одлука Бог да го заземе првото место во вашиот живот и доброволно да се потчините на Неговата вистина, онака како што ви е откриена?

Покажи ги точните одговори ✧ РЕШЕНИЈА ✧
  • 1. доверители (или повереници).
  • 2. Сè — земјата, вселената, среброто, златото, и сè што постои. (Псалм 24:1; Агеј 2:8)
  • 3. своите прилози (десеток и дарови). (Изреки 3:9)
  • 4. десетти (еден десетти дел).
  • 5. приход (чиста добивка).
  • 6. издржување на проповедниците на Евангелието (за ширење на Божјото дело). Цитат: 1. Коринтјаните 9:13,14.
  • 7. Да. Цитат: Матеј 23:23 – „…ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.“
  • 8. Како на крадци. Цитат: Малахија 3:8 – „Смее ли човек да краде од Бога? А вие крадете од Мене!“
  • 9. Во Божјата ризница (Неговата црква). Цитат: Малахија 3:10 – „Донесете ги сите десетоци во ризницата…“

МОЈА ОДЛУКА: Ова се лични прашања за размислување и одлука пред Бога.