Семејството како евангелско јадро
Адвентен дом
Празници и годишници
Родители, правилно насочувајте ги децата. – Како родители и христијани должни сме своите деца да ги насочиме на прав пат. Да ги водиме внимателно, мудро и нежно на патиштата на христијанската служба. Ние склучивме свет завет со Бога дека своите деца ќе ги подготвиме за Негова служба. Опкружете ги со такви влијанија кои ќе ги поттикнат да изберат живот на служба и наша прва должност е да ги подготвиме за неа. {АД 484.1}
Децата можат да бидат како Даниел и Естира. – Божјата намера за децата кои растат во нашите домови е многу поголема, подлабока и повисока отколку што нашиот ограничен разум може да сфати. Од најскромните ситуации Бог во минатите времиња ги повикувал оние кои се покажале верни, да сведочат за Него на највисоките места во светот. И многу момчиња кои денес раснат како што растел Даниел во својот јудејски дом, проучувајќи ја Божјата реч и Неговите дела и извршувајќи ги верно своите должности, ќе стојат еднаш во собранијата, во судските простории или во царските дворови како сведоци на Царот над царевите. Многумина ќе бидат повикани да извршат вонредна служба. Целиот свет се отвора кон евангелието… Од сите краишта на овој наш свет допира крикот на со грев ранетите срца кои бараат да го запознаат Богот на љубовта… На нас кои сме го примиле ова знаење и кое треба да го пренесеме на нашите деца, почива одговорност да им одговориме на нивниот очај. Во овој судбоносен час на секое домаќинство и на секое училиште, на секој родител, наставник и дете кои се осветлени со светлината на евангелието им е упатено прашањето поставено на царицата Естира во оној значаен момент од израелската историја: „И којзнае можеби токму за ова време си дојдена да бидеш царица”. {АД 484.2}
Сигурен начин за сведочење за Христа. – Сите не можат да одат како мисионери во непознати полиња, но сите можат да бидат мисионери во своите семејства и соседства. Верниците на црквата можат на многу начини да ја објават веста на оние кои живеат околу нив. Еден од најуспешните начини е несебичен и полн со пожртвуваност христијански живот. Оние кои водат тешка животна борба можат да бидат освежени и зајакнати со мало внимание кое ништо не чини. Љубезните зборови едноставно изговорени, малите вниманија едноставно укажани, ќе ги растераат облаците на искушението и на сомнежите кои се надвиваат над душата. Искрениот израз на христијанското сочувство, едноставно кажано има сила да ја отвори вратата на човечкото срце, на кое му е потребен едноставен нежен допир од Христовиот дух. {АД 485.1}
Како за мажите, така и за жените постои широко поле за служба. Секаде е потребна помош од вешта готвачка, кројачка, болничарка. Членовите на сиромашните семејства треба да ги поучиме како да готват, како да ја прават и да ја поправаат својата облека, како да ги негуваат болните, како да се грижат за домот. И децата треба да се поучат да прават мали дела на љубов и милосрдие за оние кои имаат помалку среќа од нив самите. {АД 485.2}
Децата и младите треба да им помагаат на другите. – Некои имаат изговор: „Моите домашни должности и моите деца го исполнуваат целото мое време и средства”. Родители, вашите деца мораат да ви станат десна рака, зголемувајќи ви ја силата и способно стада работите за Учителот. Децата се помлади членови на Господовото семејство. Треба да ги водиме да се посветат на Бога, Кому му припаѓаат со создавањето и откупувањето. Треба да се учат дека на Бога му припаѓаат со целата сила на нивното тело, умот и душата. Треба да се вежбаат во разни видови на несебични служби. Не им дозволувајте на своите деца да ви бидат препрека. Заедно со вас децата треба да ги поделат духовните и физичките товари. Помагајќи им на другите, тие ја зголемуваат својата среќа и корисност. {АД 485.3}
Кога во секоја црква младите мажи и жени свечено би се посветиле на Бога, кога во семејниот живот би се вежбале во самоодрекувањето, помагајќи им на своите преморени и од грижа исцрпени мајки, до какви промени би дошло во нашите цркви! Мајката тогаш би можела да одвои време и да отиде на посета кај соседите. Кога би се укажала можност, децата иако уште мали, би можеле да помогнат извршувајќи ги малите дела на милосрдие и љубов кои би биле на благослов на другите. На тој начин би можело да се влезе во илјадници домови на сиромашни и неверни кои не веруваат како ние. Во многу домови, би можело да се однесат книги за здравјето и умереноста. Ширењето на таквите книги е важно дело, затоа што тие содржат скапоцено знаење за лекување на болести знаење кое ќе биде голем благослов за оние кои не се во состојба да платат медицинска посета. {АД 486.1}
Децата како мали мисионери. – Бог сака секое мало дете да биде Негово дете, примено во Неговото семејство. Без оглед на младоста, младите можат да бидат членови на духовното семејство и така да стекнат најскапоцено искуство. {АД 486.2}
Уште во првите години од својот живот децата можат да бидат корисни во Божјото дело… Тој ќе им ја даде Својата милост и својот Свет Дух, за да може да го совлада нетрпението, нерасположението и секој грев. Исус ги сака децата. Тој има благослови за нив и сака да бидат послушни на своите родители. Тој сака тие да бидат мали мисионери, одрекувајќи се од своите склоности и желби за себични задоволства за да му служат Нему. {АД 486.3}
Со зборови и пример родителите треба да ги научат своите деца да работат за необратените. Децата треба да бидат воспитани така што ќе чувствуваат сочувство кон старите и немоќните и да сакаат да ги ублажат страдањата на сиромашните и на оние во неволја. Да ги поучиме да бидат внимателни во евангелската работа. Уште во најраните години да им го врежеме самоодрекувањето, пожртвуваноста за доброто на другите и напредокот на Христовото дело, за да можат да бидат Божји соработници. {АД 487.1}
Родителите нека ги поучат своите малечки за таква вистина каква што е во Исуса. Во својата едноставност децата на своите другарчиња ќе им го повторуваат тоа што го научиле. {АД 487.2}
Црквата има работа за младите. – Старешините на црквата нека направат планови за подготовка на младите мажи и жени за да ги употребат талентите кои им се доверени. Постарите верници на црквата нека настојуваат ревносно и со многу разбирање да работат со децата и младите. Проповедниците со сета своја проникливост нека направат планови со кои младите членови на црквата ќе ги направат соработници во евангелската работа. Не мислете дека нивното интересирање ќе го поттикнете со други проповеди кои ги изнесувате на мисионерските часови. Размислете како ќе поттикнете живо интересирање. Секој нека има свој удел во оваа работа. Научете ги младите да го направат она што им е доверено; од седмица во седмица нека го донесат извештајот за својата евангелска работа, зборувајќи што искусиле и што постигнале во Христовата милост. Кога посветените работници би ги изнеле таквите извештаи, евангелските состаноци не би биле здодевни и заморни. Тие би биле интересни и никој не би отсуствувал. {АД 487.3}
Служете им на соседите. – Секому му се пружаат можности. Работете во своето соседство, затоа што за него сте одговорни. Не чекајте други да ви речат да тргнете. Почнете работа без двоумење, имајќи ја во предвид својата лична одговорност пред Оној кој го дал својот живот за вас. Почнете како Христос лично да ве повикува да се разбудите и да ги впрегнете сите сили дадени од Бога, правејќи најмногу што можете во Неговата света служба. Не чекајте друг да се загрее со вдахновение од зборовите на живиот Бог. Ако целосно сте посветени, Бог ќе ве употреби како Свој посредник, кој вистината на Неговите зборови ќе ја однесе на другите, а овие повторно на останатите кои живеат во темнината на гревот. {АД 488.1}
Христијански семејства во темни краишта. – Бог ги повикува христијанските семејства да појдат во краевите во кои владее темнина и заблуда и мудро и истрајно да работат за Учителот. За да се одговори на овој повик, потребно е самоодрекување. Додека многумина чекаат пред нив да се отстранат сите препреки, дотогаш душите умираат без надеж и без Бога во светот. Многу луѓе поради световните предности, поради можноста да стекнат научно знаење, ќе тргнат во опасни краишта и ќе трпат тешкотии и сиромаштија. Каде се оние кои се желни тоа да го направат, на другите да им зборуваат за Спасителот? Каде се мажите и жените кои би се преселиле во краевите каде што е потребно евангелието, за оние кои живеат во темнина да чујат за Спасителот? {АД 488.2}
Кога семејствата би се преселиле во темните краишта на Земјата, на местата во кои луѓето се завиткани во духовна темнина и кога би дозволиле низ нив да сјае светлината на Христовиот живот, би било извршено големо дело. Нека ја завршат својата работа мирно и ненаметливо, не трошејќи пари во таа област, додека интересот не се прошири толку, што нема да можат да одговорат без помош од проповедникот. {АД 489.1}
Децата ќе работат кога другите не можат. – Кога небесните суштества ќе видат дека на луѓето не им е дозволено да ја изнесуваат вистината, Божјиот дух ќе дојде врз децата и тие ќе ја објават вистината, која постарите работници нема да можат да ја објават, затоа што патот ќе им биде затворен. {АД 489.2}
Во завршните случувања во историјата на оваа земја, многу од овие деца и млади ќе ги зачудат луѓето со своето сведочење за вистината; со сведочење кое ќе биде едноставно, а сепак во духот и во силата. Тие биле научени на Божјиот страв и на нивното срце делувало грижливото проучување на Светото писмо проследено со молитва. Во блиската иднина многу деца ќе бидат исполнети со Божјиот Дух, па ќе ја објават вистината на светот, во време кога старите верници на црквата не би можеле добро да го извршат тоа дело. {АД 489.3}
Бог одредил нашите црквени училишта да ги подготват децата за ова големо дело. Овие деца треба да се поучат на особените вистини за нашето време и за практичната евангелска работа. Тие треба да се приклучат на војската од работници кои се подготвени да им помогнат на оние кои страдаат. Децата можат да учествуваат во здравствено евангелската работа и со своите „зборови и објаснувања“ да го помогнат нејзиниот напредок… Преку нив ќе биде објавена Божјата вест и Неговото спасоносно здравје за сите народи. Затоа, црквата треба да го понесе товарот за јагнето во стадото. Воспитајте ги и подгответе ги за служба за Бога. {АД 489.4}
Учете работејќи. – Љубовта и верноста кон Христа се извор на секоја вистинска служба. Кога срцето е допрено од Неговата љубов, во него се јавува желба да работи за Него. Оваа желба треба да се охрабри и правилно да се насочи. Било во домот, во соседството или на училиште, присуството на сиромашните, ожалостените, неуките или несреќните не треба да се смета за пречка, туку за скапоцена можност за служење. {АД 490.1}
Во оваа работа, како и во секоја друга, вештината се стекнува со самата работа. Со вежбање во секојдневните животни должности и со служење на нерасположените и напатените се зголемува умешноста. Без тоа и најдобронамерните напори често се некорисни, па дури и штетни. Токму во вода, а не на суво, луѓето се учат да пливаат. {АД 490.2}
Седумнаесетти дел
ОПУШТАЊЕ И ОДМОР

