Обреди во христијанската црква

← Ризница на ЕвангелиетоЛЕКЦИЈА 28 ОД 30

Обреди во христијанската црква

Запознајте ги библиските обреди и нивното значење за верникот.

Лекција 28 — Обреди во христијанската црква

Вовед

Искрено се радуваме и ни причинува големо задоволство што задачата што си ја поставивме ја приведуваме кон крај. Во овој библиски курс ни преостануваат уште две лекции и се надеваме дека нивното проучување ќе биде добар почеток во вашиот духовен живот.

Наскоро нашиот небесен Првосвештеник ќе ги изговори судбоносните зборови: „Се сврши.“ Тогаш Божјото дело на земјата ќе биде завршено и секоја душа конечно и засекогаш ќе биде определена — за живот или за смрт. Исус ќе дојде со голема сила и слава за да ги земе Своите верни деца кај Себе. Дали тој настан ќе ве затече подготвени? Дали ќе појдете на средба со Господ со радосни срца? Тоа зависи од одлуката што ќе ја донесете денес.

Во оваа лекција ќе проучуваме за обредите, односно свечените верски формалности во христијанската црква. Бог често употребува симболи во Библијата, а и црквата има свои симболи. Израелскиот народ имал многу церемонии и обреди, но со текот на времето го изгубил нивното вистинско значење и цел.

Христос воспоставил два свечени обреда во Својата црква: крштевањето и Господовата вечера. Нивното значење е да ни помогнат појасно да ја разбереме нашата духовна поврзаност со Исус Христос. Искрено се молиме и оваа лекција да ви донесе благослови.

КРШТЕВАЊЕ

Кој Исусов пример служи како правило за Неговите следбеници во сите векови?

„Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да биде крстен од него… И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата“

— Матеј 3:13,16

Каква заповед дал самиот Христос во врска со крштевањето?

„Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“

— Матеј 28:19; да се види Марко 16:15,16

Што всушност значи крштевањето и на што нѐ потсетува?

„Зар не знаете дека сите оние што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да можеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот“

— Римјаните 6:3,4

Крштевањето значи дека сме Го избрале и прифатиле Христос како свој личен Спасител и дека Му го посветуваме целиот свој живот. Кога при крштевањето ќе се нурнеме во водата, тоа симболично ја претставува Христовата смрт. Во тој момент, симболично го „погребуваме“ стариот грешен човек со сите погрешни навики и дотогашниот начин на живеење. Раскинуваме со задоволствата на овој свет и свечено се заветуваме дека верно и предано ќе Му служиме на нашиот божествен Учител.

Излегувањето од водата го симболизира Христовото воскресение. Со тоа даваме јавно сведоштво дека започнуваме потполно нов живот. Стануваме членови на Божјото царско семејство — деца на небесниот Цар.

Кои чекори се неопходни како подготовка за крштевање?

Во подготовката за свечениот обред на крштевање, Библијата наведува најмалку пет неопходни чекори. На овој обред никогаш не треба да се пристапи сѐ додека кандидатот сериозно не размислил за значењето на чекорот што го презема.

  1. Кандидатот треба да биде целосно упатен во Христовото учење (Матеј 28:19–20).
  2. Тој треба да верува во Христос како свој личен Спасител (Марко 16:16; Дела на апостолите 8:36–37).
  3. Тој треба искрено да се покае за своите гревови (Дела на апостолите 2:38).
  4. Тој треба доброволно да умре за гревот и да не биде повеќе подложен на неговата сила (Римјаните 6:3, 11–13).
  5. Тој треба со целото срце да копнее да живее само за Бога (Римјаните 6:11–13).

Кој начин на крштевање е единствено исправен според библиското учење?

Мнозина денес тврдат дека е доволно да бидат крстени само со Светиот Дух и дека крштевањето со вода не е потребно. Сепак, Светото писмо содржи многу докази за важноста на крштевањето со вода. Христос ја нагласил потребата од крштевање „со вода и Дух“ (Јован 3:5). Прочитајте внимателно што вели апостол Петар во врска со тоа: „Може ли некој да ја забрани водата за да не бидат крстени оние кои Го примија Светиот Дух како и ние?“ (Дела на апостолите 10:47). Овде станува збор за група верници кои го примиле дарот на Светиот Дух, но сепак требало да бидат крстени и со вода.

Некои цркви крштеваат мали деца со прскање вода врз нивните глави. Сепак, и тука повторно наидуваме на несогласување со учењето на Божјата Реч. Библиските примери јасно покажуваат дека нуркањето во вода е единствениот исправен начин на крштевање.

Библиски докази:

  1. „А Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода.“ (Јован 3:23)
  2. „И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата.“ (Матеј 3:16)
  3. „И заповеда колата да запре, па слегоа во водата обајцата, и Филип и евнухот, и го крсти. А кога излегоа од водата, Светиот Дух се симна над евнухот.“ (Дела на апостолите 8:38–39)

Колку вида на крштевање признава Библијата?

„Еден Господ, една вера и едно крштение“

— Ефесјаните 4:5

Каков треба да биде нашиот живот по крштевањето?

  • Ја прифаќаме гаранцијата на Светиот Дух, Кој постојано ќе нѐ води и сѐ подобро ќе нѐ упатува на Божјиот пат (Дела на апостолите 2:38).
  • Нашиот начин на живот значително ќе се разликува од дотогашниот. Ќе имаме нови убедувања, идеи, навики и обичаи. Тоа е она што Библијата го нарекува „нов живот“ (Римјаните 6:4).
  • Нема да продолжиме да му служиме на гревот, туку ќе се оддалечуваме од секое зло (Римјаните 6:6).

Што стануваме според Словото Божјо по крштевањето?

„И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство“

— Ефесјаните 2:19

„Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело“

— 1. Коринтјаните 12:13 (Христос е глава на христијанството – Ефесјаните 4:15,16)

Со крштевањето стануваме дел од Неговото тело — членови на Неговата црква на земјата (1. Коринтјаните 12:20,27).

ВЕЧЕРА ГОСПОДОВА

Кој го воспоставил обредот на Господовата вечера?

„Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде“

— Лука 22:19

Самиот Христос го воспоставил обредот на причест на Последната вечера со Своите ученици. Овој обред ја заменува старозаветната Пасха, бидејќи со Христовата смрт завршил системот на симболи и церемонии.

Што симболично претставуваат лебот и виното во овој обред?

„И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: ‘Земете, јадете, ова е Моето тело.’ И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: ‘Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите’“

— Матеј 26:26-28

Лебот симболично го претставува Христовото тело, жртвувано за нас, а виното — Неговата крв, пролеана за нашите гревови.

На кој голем настан во иднината однапред укажува Господовата вечера?

„Зашто, секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Тој не дојде“

— 1. Коринтјаните 11:26

Обредот на причест не нѐ потсетува само на големата жртва поднесена на крстот на Голгота, туку и однапред укажува на големиот ден кога Христос ќе дојде по втор пат.

Каква подготовка треба да направиме за да учествуваме во Господовата вечера?

„Но, секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша“

— 1. Коринтјаните 11:28

Длабокото самоиспитување е важно пред да учествуваме во светите симболи што укажуваат на Христовата смрт. Ако не направиме соодветна подготовка за оваа служба, можеме да се најдеме виновни за „телото и крвта на Господ“ (1. Коринтјаните 11:27, 29).

Која служба на понизност ја извршил Исус пред да го воспостави обредот на причест?

„Стана од вечерата, ја соблече својата горна облека, зеде крпа и се препаша; потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан“

— Јован 13:4,5

Според обичајот, слугата им ги миел нозете на гостите, но во овој случај немало ниту еден слуга. Тогаш Исус прифатил Тој да го направи тоа, бидејќи никој од учениците не се помрднал за да ја преземе понизната улога на слуга.

Какво значење има овој чин за нас денес?

„Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да си ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“

— Јован 13:14,15

Овој обред на понизност е неопходен дел од подготовката за Господовата вечера. Со него покажуваме дека сме се откажале од гордоста и дека го следиме примерот на Најголемиот Учител во несебичната служба кон своите ближни.

Какво ќе биде нашето искуство ако го применуваме сето тоа?

„Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате“

— Јован 13:17

Ако го исполнуваме сето она што Христос го заповедал, навистина ќе бидеме среќни и радосни во своето срце. Едно е да се запознаеме со Христовото учење, а сосема друго — целосно да ја исполнуваме Неговата волја и да Му дозволиме целосно да управува со нашиот живот. Тајната на среќата не е само во тоа да ја познаваме Божјата волја, туку и да ја исполнуваме секој ден во нашиот живот.

Проверете го наученото

Одговорете на прашањата, а потоа отворете ги одговорите за споредба.

а) Цитат:

б) Цитат:

в) Цитат:

а) Цитат:

б) Цитат:

в) Цитат:

г) Цитат:

д) Цитат:

А. Дали верувате во крштевањето со Светиот Дух?

Б. Дали верувате во крштевање со вода?

В. Дали сте се осведочиле дека нуркањето во вода е правилно крштевање?

Г. Дали веќе сте се крстиле со нуркање во вода?

Д. Дали сакате да Го следите Христос во секоја заповед?

Ѓ. Дали сакате да ве посети библиски работник?

Покажи ги точните одговори ✧ РЕШЕНИЈА ✧
  • 1. Исус бил крстен со нуркање во вода, за да ни остави пример и да ја исполни секоја правда. (Матеј 3:15,16)
  • 2. а) Исус излезе од водата – Матеј 3:16; б) Јован крштаваше во Енон зашто имаше многу вода – Јован 3:23; в) Филип и евнухот слегоа во водата и излегоа од водата – Дела 8:38,39.
  • 3. Нуркањето во вода симболизира погребување на стариот човек (смрт за гревот), а излегувањето од водата симболизира воскресение за нов живот во Христос. (Римјаните 6:3,4)
  • 4. а) Поука во Христовото учење – Матеј 28:19,20; б) Вера во Христос – Марко 16:16; в) Покајание – Дела 2:38; г) Умирање за гревот – Римјаните 6:3,11-13; д) Желба да се живее за Бога – Римјаните 6:11-13.
  • 5. Самиот Исус Христос; како спомен на Неговата жртва (тело и крв) и навестување на Неговото второ доаѓање. (Лука 22:19; 1. Коринтјаните 11:26)
  • 6. Да се учествува во причест без соодветно самоиспитување и покајание, без да се разбира и почитува значењето на Христовата жртва. (1. Коринтјаните 11:27-29)
  • 7. Обредот на миење нозе (обред на понизност). (Јован 13:4,5,14,15)

ЛИЧНО СВЕДОШТВО: Ова се лични прашања за сведоштво и одлука.