16 март — Карактер што Небото го признава

Мараната — Господ доаѓа
Карактер што Небото го признава
16 март
„Никој нека не ја презира твојата младост, туку на верните да им служиш како пример во слово, поведение, љубов, дух, вера и чистота!“ (1 Тимотеј 4:12) {МАР 83.1}
„Исус, Величеството на Небото, им оставил пример на младите. Напорно работел во работилницата во Назарет за секојдневниот леб. Им бил послушен на Своите родители и не барал да располага со Своето време, ниту да ја следи Својата волја. Со немарен живот младите никогаш нема да постигнат вистинско совршенство ниту како луѓе ниту како христијани. Бог не ни ветува удобност, чест или богатство во Неговата служба, но нè уверува дека ќе бидеме обдарени со сите потребни благослови, заедно со прогонства, а во светот што ќе дојде — со вечен живот. Христос нема да прифати ништо помалку од целосна посветеност на Неговата служба. Тоа е поуката што секој од нас мора да ја научи. … {МАР 83.2}
Ние имаме изразити примери на поддржувачката сила на цврстите верски начела. … Отворената лавовска јама не го одвратила Даниела од неговите секојдневни молитви, ниту вжарената печка можела да ги наведе Седраха и неговите другари да се поклонат на идолот што го подигнал Навуходоносор. Младите луѓе кои имаат цврсти начела ќе ги избегнуваат задоволствата, ќе одбијат да бидат победени од болката, и ќе бидат смели дури и во лавовската јама и во вжарената печка, попрво отколку да бидат неверни на Бога. Погледнете го карактерот на Јосиф. Неговата доблест беше силно испитана, но нејзината победа беше целосна. Ова благородно момче ја издржало пробата во сите точки. Возвишеното, непоколебливо начело се покажало при секое искушение. Господ бил со него и Неговиот збор бил закон. … {МАР 83.3}
Оние кои ја проучуваат Библијата, бараат совет од Бога и се потпираат на Христа, ќе бидат во состојба да постапат мудро во секое време и под сите околности. Божјите начела ќе бидат илустрирани во реалниот живот. Ако вистината за ова време срдечно се прифати и стане основа на карактерот, ќе произведе таква решителност на намерата и целите што заводливоста на уживањата, променливоста на обичаите, презирот на луѓето кои го љубат светот и повиците на сопственото срце за самоугодување ќе бидат немоќни да делуваат. Најпрвин мора да се просветли совеста, волјата мора да се потчини. Љубовта кон вистината и праведноста мора да владее во душата и на тој начин ќе се изгради карактерот кој небото може да го одобри.“ (5. Сведоштво, стр. 42,43) {МАР 83.4}
