20 февруари — Чувајте се од сатанските орудија

Мараната — Господ доаѓа

Чувајте се од сатанските орудија

20 февруари

„А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и злодуховски учења,“ (1 Тимотеј 4:1) {МАР 59.1}

„Откако помина 1844 година, моравме да се соочиме со секаков вид фанатизам. …

Искуствата од минатото ќе се повторат. Сатанските празноверија во иднина ќе задобијат нов облик. Заблудите ќе се прикажуваат на угоден и заводлив начин. На Божјиот народ ќе му се прикажуваат лажни теории облечени во облека на светлина. Така сатаната ќе се труди да ги измами, дури и избраните. Ќе се применуваат најзаведувачки влијанија и умовите на луѓето ќе бидат хипнотизирани. {МАР 59.2}

Ќе се појави секаква расипаност, како што било во претпотопниот свет и разумот на луѓето ќе биде заробен. Издигањето на природата како Бог, неограничената слобода на човечката волја, советот на безбожните — сите овие орудија сатаната ги користи за да постигне одредени цели. Тој ја употребува моќта на умот над друг ум за да ги оствари своите намери. Најжалосно од сè е дека луѓето под влијание на неговите измами имаат обличје на побожност, без каква било вистинска врска со Бога. Како што Адам и Ева јаделе од дрвото за познавање на доброто и злото, така многумина и денес се хранат со измамливите залаци на заблудите. {МАР 59.3}

Сатанските орудија ги облекуваат лажните теории во привлечни облеки, како што сатаната во Едемската градина ја криел својата личност од нашите први родители зборувајќи преку змијата. Тие орудија во човечкиот ум го ставаат она што всушност е смртна заблуда. Сатаната ќе врши хипнотичко влијание врз тие што се одвојуваат од јасното Божјо Слово и ги прифаќаат пријатните измислици. {МАР 59.4}

Сатаната најупорно се труди во своите стапици да ги фати токму оние кои примиле најголема светлина. Тој знае дека тие, ако успее да ги заведе, под негова контрола ќе го облечат гревот во облека на праведноста и мнозина ќе одведат на погрешен пат. {МАР 59.5}

Им зборувам на сите: бидете внимателни, бидејќи преправен во ангел на светлина, на секој собир на христијанските работници и во секоја црква доаѓа и сатаната, настојувајќи да ги привлече верниците на своја страна. Ми беше наредено на народот Божји да му ја дадам следната опомена: ’Не лажете се: Бог не е за подигрување‘ (Галатјаните 6:7).“ (8. Сведоштво, стр. 292–294) {МАР 59.6}