Поезија и песна

Илустрација за поглавјето „Поезија и песна“

Воспитување

Поезија и песна

„Твоите повелби ми се песна,

во земјата низ која патувам"

(Псалм 119:54)

Најраните и највозвишени поетски творби за кои луѓето знаат, се наоѓаат во светите списи. Пред да запее најстариот световен поет, пастирот од Мадијан ги забележал сите овие зборови за Јов – со кои по нивната величественост не можат да се споредат ниту да се мерат со највозвишените остварувања на човечкиот гениј:

„Каде беше кога ја основав земјата?

Кој го затвори морето со врати,

кога тоа се истргна ;…

кога го облеков со облак како со облека

и кога го завиткав со густа магла како со пелени;

кога ја одредив неговата меѓа,

и му наместив клучалки и врати?

И реков: до таму ќе дојдеш и нема да преминуваш,

и тука е границата на твоите горди бранови?

„Си му давал ли ти некогаш заповед на утрото,

и си го посочил ли покажал на зората нејзиното место?…

„Зар си проникнал до морските извори?

Зар си одел некогаш по дното на бездната?

Зар ти ја покажаа вратата на смртта”

Ги виде ли вратите на крајот на мртвите сенки?

Ги согледа ли пространствата на земјата?

Зборувај, доколку го знаеш сѐ тоа.

„Дали си влегол во ризниците на снегот,

и зар ги виде засолништата на градот…

По кој пат се разлева светлината,

и се разнесува источниот ветер по земјата?

Кој го ископа подводниот ров,

кој му го исчисти патот на грмежот

За да врне дожд врз ненаселено подрачје,

врз пустината, каде нема жива душа;

За да ја напои неплодната пустина,

за да никне трева во степата?

„Можеш ли да ја врзеш Плејадата со вериги

и да ги разврзеш врските на Орион?

Да ја извадиш Деницата во вистинско време,

да ја водиш Мечката со нејзините млади?”

(Јов 38:4-27; 38:31,32)

Како пример за убавината на поетскиот израз, читајте го описот на пролетта во Песната над песните:

„Ете зимата веќе помина,

дождот замина и прекрати.

Цвеќињата се покажуваат по земјата;

дојде време за пеење;

и глас на гулабот се слуша во нашиот крај.

Смоквата ги исфрли првите плодови,

лозјето мириса во цветање.

Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!”

(Песна над песните 2:11-13)

Ништо помалку убаво не е ни пророштвото за благословот на Израелот кое Валам го изрекол против својата волја:

„Од Арам ме доведе Валак, царот на Моав,

од источните планини, велејќи:

‘Дојди, проколни ми го Јакова, дојди,

изречи зло против Израел.’

Како можам да го проколнам кого Бог не го проколнува?

како да изречам зло?

Кога Господ не му изречува?

Зошто јас го гледам од врвот на карпите,

го набљудувам од високиот брег:

Ете, народ, кој живее одвоено,

тој не се вбројува меѓу народите…

„Ете, јас примив да благословувам,

зашто Тој благослови, и јас не можам да го сменам тоа.

Тој не виде неправда во Јаков, ниту престап во Израел;

Господ Бог, неговиот Бог, е со него

и царско воскликнување има меѓу него.

Нема волшепства против Јакова ниту вражања против Израел.

И кога ќе им речат на Јаков и на Израел:

'Што направи Бог?’

„Кажа оној кој ги слуша Божјите слова,

кој го виде видението на Семоќниот…

Колку ти се прекрасни шаторите,

Јакове, и твоите живеалишта, Израеле!

Како долини што се тегнат,

како градини покрај речниот брег,

како мирисливи дрва, посадени од Господа,

како кедри покрај водите”

„Кажа оној кој ги слуша Господовите зборови,

кој ја познава мудроста на Севишниот…

Ќе го гледам, но не сега;

Ќе го набљудувам, но не од близина;

Ѕвезда ќе излезе од Јакова,

и Жезал ќе се појави од Израел…

Произлезениот од Јакова ќе завладее”.

(Броеви 23:7-23; 24:4-6; 24:16-19)

Мелодијата на благодарност е атмосфера на Небото; и кога Небото ќе дојде во допир со Земјата, тука со музика и песна – „благодарници и глас на пофална песна” (Исаија 51:3).

Над новосоздадената Земја, која лебдела убава и неизвалкана, осветлена со Божјата наклонетост, „воскпикнуваа утринските ѕвезди и извикуваа Божјите дворјани" (Јов 38:7). Така и човечките срца, обединети со небото, на Божјата добрина одговориле со гласови на благодарност. Многу настани од историјата на човештвото се поврзани со песна.

Најраната песна од човековите усни, забележана во Библијата, била оној славен излив на благодарност на четите Израелеви кај Црвеното Море:

„Ќе запеам во чест на Господа,

зашто славно се прослави:

коњот и коњаникот Тој ги фрли во морето.

Моја сила, моја песна е Господ,

зашто стана мој Избавител.

Тој е мој Бог, јас ќе Го славам Него;

Тој е Бог на мојот татко,

Него ќе Го возвеличувам.

‘‘Твојата десница, Господи, се прослави со сила;

Твојата десница, Господи, гораспарчи непријателот…

Кој е како Тебе, Господи, меѓу боговите?

Кој свети како Тебе прославен во светоста Твоја,

страшен во делата, прекрасен во чудесата?

„Господ ќе царува секогаш и довека…

Запејте Му на Господа,

зашто славно се прослави!”

(Излез 15:1,2,6-11,18-21)

Луѓето примиле големи благослови како одговор на песните на благодарност. Неколкуте зборови кои го опишуваат искуството на Израелот во текот на патувањето низ пустината, содржат поука која е вредна да размислиме за неа:

„Оттука отидоа во Вир. Тоа е кладенецот за кого Господ му рече на Мојсеја: ‘собери го народот за да им дадам вода” (Броеви 21:16). „Тогаш Израел ја запеа оваа песна:

Бликај, о кладенче! А вие – пејте му;

кпаденецот владетелите го ископаа,

народните благородници со своите палки

го открија со заповед на Законодавецот”.

(Броеви 21:17,18)

Колку пати оваа историја се повторила во духовното искуство? Колку пати зборовите на некоја света песна ги отпечатиле во душата изворите на покајанието и верата, надежта, љубовта и радоста!

Со песни на благодарност војските на Израелот под Јосафат тргнале кон големото избавување. Јосафат примил вест дека му се заканува војна. „Против тебе доаѓа големо мноштво” гласела веста. „Моавците и Амонитите”. „Јосафат се исплаши и почна да Го бара Господа, та прогласи пост во сета Јудеја. Јудејците се собраа да Го бараат Господа: доаѓаа од сите јудејски градови за да Го бараат”. И Јосафат, стоејќи во предворјето на храмот пред својот народ, ја излеал својата душа во молитва повикувајќи се на Божјото ветување и признавајќи ја беспомошноста на Израелот. „Во нас нема сила спрема тоа големо мноштво кое доаѓа на нас,” рекол тој, „ниту ние знаеме, што да правиме, туку очите ни се насочени во Тебе” (2. Летописи 20:2,1,3,4,12).

„Тогаш Господовиот Дух слезе… врз Јазил… тој рече: ‘Слушајте сите Јудејци, Ерусалимци и ти цару Јосафате! Господ ви зборува вака: ‘Не бојте се и не плашете се од тоа големо мноштво, зашто ова не е ваша војна, туку Божја’… не треба да се биете; поставете се, стојте па гледајте како ќе ви помогне Господ” (2. Летописи 20:14-17).

„Поранија наутро и тргнаа кон пустината Текуј” (2. Летописи 20:20). Пред војската оделе пеачи, кревајќи ги своите гласови во славопој на Господа – славејќи Го за ветената победа.

Давид, во својот бурен живот полн со промени со песна ја одржувал врската со Небото. Колку се убаво опишани неговите момчешки пастирски искуства со зборовите:

„Господ е Пастир мој,

ништо нема да ми недостасува.

На зелени пасишта Тој ми дава починка;

при тивки води – ме води…

Ако тргнам и низ долината на смртната сенка,

нема да се уплашам од злото,

Зашто Ти си со мене;

Твојот жезал и Твојата палка ме утешуваат”

(Псалм 23:1-4)

Во зрелите години, кога како прогонет бегалец наоѓал прибежиште во пустинските карпи и пештерите, пишувал:

„О, Боже, Ти си мој Бог;

горливо Те барам Тебе;

мојата душа жеднее по Тебе;

моето тело копнее по Тебе,

како сува, жедна и безводна земја…

Ти ми стана помош,

радосно извикувам во сенката на Твоите крилја”

„Зошто си ми душо изнемоштена?

и зошто си жалосна во мене?

Надевај се на Бога,

зашто пак ќе Го славам мојот Спасител,

Мојот Бог е моето спасение”.

„Господ ми е светлина и спасение;

од кого да се плашам?

Господ е штит на мојот живот,

пред кого да треперам?”

(Псалм 63:1-7; 42:11; 27:1)

Со истата доверба се вдахнати и зборовите што Давид ги запишал кога, откако го загубил престолот и круната, бегал од Ерусалим за време на побуната на Авесалом. Изнемоштен од жалост и изморен од бегање, тој застанал со своите следбеници крај Јордан за да се одмори неколку часа. Го разбудил повик кој му говорел дека треба веднаш да бега. Целата група мажи, жени и мали деца морала да премине преку длабокиот и брз поток во темнина, бидејќи војската на синот- предавник бргу им се приближувала. Во тој миг на најмрачно искушение Давид пеел:

„Со глас извикав кон Господа,

и Тој ме послуша од Својата Света Гора.

„Јас легнувам, спијам и се разбудувам,

зашто Господ ме чува.

Не се плашам од десетици илјади луѓе,

што се нафрлаат на мене од сите страни”. (Псалм 3:4-6)

По својот голем грев, измачуван од грижа на совеста и презир кон самиот себе, сепак се обратил кон Бога како кон свој најдобар пријател:

„Смили ми се, Боже, според Твоето милосрдие,

според големите помилувања избриши го моето беззаконие…

Пороси ме со исоп, за да се очистам,

измиј ме и ќе бидам побел од снегот”

(Псалм 51:1-7)

Во својот долг живот Давид не нашол место за одмор на Земјата. „Придојденици сме пред Тебе, населеници”, рекол тој, „како сите наши татковци; нашите денови на земјата минуваат како сенка, и нема надеж” (1. Летописи 29:15).

„Господ ни е засолниште и тврдина,

секогаш присутен помошник во неволја.

Затоа не се плашиме дури и земјата да се помести,

кога бреговите се рушат во морето”.

„Реката и нејзините струи го веселат Божјиот Град,

пресветиот шатор на Севишниот.

Бог е сред него, нема да се разлулее;

Бог му помага од првите мугри…

Господ на Воинствата е со нас,

Јакововиот Бог е наша тврдина”.

„Таков е Бог нашиот Бог засекогаш и довека!

Тој ќе нѐ раководи дури до смрт”.

(Псалм 46:1,2:46:4-7; 48:14)

Исус со песна ги сретнувал искушенијата во Својот земски живот. Неговата песна на вера и света радост се слушала често кога биле изговорени остри, навредливи зборови, кога бил опкружен со тешка атмосфера полна со мачнина, незадоволство, недоверба или мачен страв.

Онаа последна тажна ноќ на пасхалната вечера, токму кога тргнувал во пресрет на предавството и смртта, Неговиот глас се издигнал во псалмот:

„Благословено да е Господовото име сега и довека!

Од изгрејсонце до зајдисонце фалено да е Господовото име!”

Го љубам Господа

зашто го слуша гласот на моите молитви.

Го наведна Своето уво кон мене,

затоа ќе Го повикувам во моите денови.

„Смртни болки ме опфатија,

ме стегнаа примките на Подземјето,

ме снајдоа тага и беда.

Тогаш го повикав Господовото име:

‘О, Господи, спаси го мојот живот!’

Господ е милостив и праведен,

нашиот Бог е полн со милост”.

„Господ ги чува простодушните;

бев во неволја, Тој ме избави.

Врати се, моја душо, во своето спокојство,

Зашто Господ е твој добротвор,

Тој ми го избави животот од смртта,

моите очи од солзи и нозете од паѓање”.

(Псалм 113:2, 3; 116:1-8)

Среде сѐ подлабоките сенки на последната голема криза на Земјата, божествената светлина ќе сјае најсилно, а звуците на песна и доверба ќе одекнуваат најчисто и највеличествено.

„Во оној ден ќе ја пеам оваа песна

во Јудината земја:

Ние имаме цврст град:

место ѕидини и опкопи Бог ни даде спасение.

Отворете ги вратите!

Нека влезе праведниот народ,

кој ја пази вистината,

Кој до тебе се држи,

Ти го пазиш во совршен мир,

зошто се надева во Тебе.

Надевајте се во Господа довека,

Зашто Господ е вечна тврдина” Исаија 26:1-4

„Ќе се враќаат искупените Господови. Ќе дојдат во Сион восклици од радост, со вечна веселба на челата; радоста и веселбата ќе ги придружуваат, ќе ги победат тагата и воздишките” (Исаија 35:10).

„И тие, воскликнувајќи радосно на Сионскиот врв, ќе се науживаат во Господовите добра… душата ќе им биде како навадена градина, никогаш веќе не ќе гинат” (Еремија 31:12).

Силата на песната

Историјата на песните во Библијата е полна со сугестии за употребата и предимствата на музиката и песната. Музиката често се изопачува да им служи на намерите на злото, и таа така станува едно од најзаводливите средства за искушување. Сепак, правилно употребена, таа е скапоцен дар од Бога одреден да ги вознесе мислите кон она што е високо и благородно, да ја инспирира и воздигне душата.

Како што Израилевите деца, патувајќи низ пустината, се храбреле со мелодиите на светите песни, така и Божјите деца денес, по Божји налог, својот христијански животен пат треба да го направат радосен. Еден од најдобрите начини да се врежат Божјите зборови во сеќавањето е нивно повторување во песна. Таквата песна има чудесна моќ. Таа има сила да ја совлада грубата и недоделкана природа; сила да ги оживее мислите и да разбуди сочувство, да поттикне на сложна работа и да ја оттргне мачнотијата и лошите претчувства, кои ги одземаат храброста и силата.

Тоа е еден од најуспешните начини за втиснување на духовните вистини во срцето. Колку пати душата, соочена со опасност и готова да му се препушти на очајот, ќе се сети на некој Божји збор – долго заборавен припев од некоја песна од детството – и искушенијата ја губат својата сила, животот добива ново значење и нова цел, а храброста и радоста преминуваат и на другите души!

Вредноста на песната како воспитно средство не смее никогаш да се загуби предвид. Во домот треба да се пеат милозвучни и нежни песни, и во него ќе има помалку прекорни зборови, а повеќе веселба, надеж и радост. И во училиштето треба да се пее, па учениците ќе се приближат кон Бога, кон своите учители и едни кон други.

Во текот на богослужението, со песната Му се обраќаме на Бога исто како и со молитвата. Многу песни, всушност, се молитви. Ако го научиме детето да го разбере тоа, тоа повеќе ќе размислува за значењето на зборовите што ги пее, и ќе биде почувствително на нивното влијание.

Додека нашиот Откупител нѐ води кон прагот на вечноста, осветлена со Божја слава, ние можеме да ги чуеме зборовите на пофалба и благодарност од страна на небесниот хор околу престолот; и кога одекот на таа ангелска песна ќе се слушне во нашите земски домови, срцата ќе бидат привлечени кон небесните пеачи. Заедницата со Небото почнува на Земјата. Ние тука ја учиме основната мелодија на небесниот славопој.