Принципи и методи на работење

Воспитување
Принципи и методи на работење
„Кој живее непорочно, оди без страв"
(Изреки 10:9)
Не постои гранка на чесно работење за која Библијата не би можела да ни понуди најосновна подготовка. Нејзините принципи на трудољубивост, чесност, штедливост, владеење со себеси и непорочност се тајната на вистинскиот успех. Овие принципи, како што се изложени во книгата Изреки, претставуваат сокровиште на практичната мудрост. Каде може трговецот, занаетчијата, раководителот во било кое подрачје на работење, да најде подобри совети за себе или за своите вработени од оние што се наоѓаат во овие зборови на мудриот човек:
„Дали си видел човек трудољубив во својата работа? Таквиот ќе стои пред цареви, нема да стои пред прости” (Изреки 22:29).
„Од секој труд има полза, а говорот на усните е само сиромаштво”. (Изреки 14:23)
„Душата на мрзеливиот посакува, но без успех”. „Пијаницата и изедникот осиромашуваат, а дремливоста ќе ги облече во партали” (Изреки 13:4; 23:21).
„Кој клевети наоколу, открива тајни; затоа не здружувај се со оној, кому усните секогаш му се отворени” (Изреки 20:19)
„Разумниот се воздржува во своите зборови”; но „кој е безумен, ја почнува препирката” (Изреки 17:27; 20:3).
„Не оди по патот на лошите”; „Може ли некој да оди по вжарени јаглени, а да не си ги изгори своите нозе?” (Изреки 4:14; 6:28).
„Дружи се со мудрите и ќе станеш мудар”. (Изреки 13:20).
„Кој има пријател, треба пријателски да постапува”(Изреки 18:24)
Целото подрачје на нашите меѓусебни обврски е опфатено со Христовите зборови: „И така, сѐ што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие така” (Матеј 7:12).
Колкумина би можеле да избегнат финансиски неуспех и пропаст кога би ги слушале предупредувањата кои се толку често повторувани и нагласувани во Писмото:
„Кој брза по богатство, нема да остане невин” (Изреки 28:20).
„Со измама придобиено богатство исчезнува, а кој собира со труд, го умножува” (Изреки 13:11).
„Сокровиште придобиено со лажлив јазик е непостојана суета на оние кои бараат смрт” (Изреки 21:6).
„Должникот е слуга на позајмувачот” (Изреки 22:7).
„Многу лошо поминува кој заложува за друг, а без страв е кој го мрази залогот” (Изреки 11:5).
„Не преместувај ги старите меѓи и не навлегувај во нивата на сираците, зашто е моќен нивниот Заштитник, ќе го брани нивното право против тебе”. „Кој го угнетува бедниот за да се збогати и кој дава на богатиот – ќе осиромашат”. „Кој копа јама, сам паѓа во неа, и кој тркала камен, врз него ќе се врати” (Изреки 23:10,11; 22:16; 26:27).
Врз овие принципи се потпира благосостојбата на општеството, без оглед дали се работи за световни или за верски заедници. Овие принципи им даваат сигурност. и на имотот и на животот. За сѐ што овозможува взаемна доверба и соработка, светот може да му заблагодари на Божјиот закон кој е запишан во Неговата Реч и кој уште постои во човечкото срце, често запишан со нејасни и речиси избришани букви.
Зборовите на псалмистот: „Помил ми е законот на Твојата уста, отколку илјада златници и сребреници” (Псалм 119:72), го изразуваат она што е вистинито и од друг аспект, не само од религиозен. Тие ја изразуваат апсолутната вистина, вистина која е призната и во деловниот свет. Дури и во ова време на страсна потрага по пари, остра конкуренција и бескрупулозни методи, сепак сѐ уште се признава дека за еден млад човек кој влегува во животот, чесноста, трудољубивоста, владеењето со себеси, непорочноста и штедливоста претставуваат подобар капитал од било која сума пари.
Сепак, дури и меѓу оние кои ги вреднуваат овие особини и ја признаваат Библијата како нивен извор, само ретки сфаќаат од кој принцип тие произлегуваат.
Темелот на деловната чесност и деловниот успех е признавањето на Бога како сопственик на сѐ. Создателот на сѐ е вистинскиот сопственик. Ние сме Негови повереници. Сѐ што имаме Тој ни доверил за да го употребуваме во согласност со Неговите упатства.
Тоа е обврска на секое човечко суштество. Таа се однесува на севкупното подрачје на човечкото дејствување. Без оглед дали го признаваме тоа, ние сме пристави кои Бог ги снабдува со способности и средства и ги поставува во светот да ја извршуваат работата што Тој им ја одредил.
На секој човек му е дадена „негова работа" (Марко 13:34), работа која е прилагодена на неговите способности, работа која ќе му донесе најмногу добро и нему и на неговите ближни, и најмногу ќе го прослави Бога.
Така нашата работа, или професија, станува дел од големиот Божји план и, сѐ додека ја извршуваме во согласност со Неговата волја, Тој Самиот е одговорен за последиците. „Ние сме соработници на Бога” (1. Коринтјаните 3:9) и наша улога е верно да ги исполнуваме Неговите упатства. Така нема да има потреба од вознемиреност и грижа. Трудољубивоста, верноста, грижливоста, штедливоста, разумноста се барани особини. Секоја способност мора да се развие до максимум. Но тоа нема да зависи од успешниот исход на нашите напори, туку од Божјото ветување. Словото Кое го хранело Израелот во пустината, го одржало Илија во време на глад, ја има истата сила и денес: „И така, не грижете се, велејќи: ‘што ќе јадеме?’ или: 'што ќе пиеме?'… Но, барајте го првин царството Божјо и Неговата праведност, и сето тоа ќе ви се додаде” (Матеј 6:31-33).
Оној кој на луѓето им ја дава способноста да стекнуваат имот, со тој дар поврзал и обврска. Од сѐ што стекнуваме, Тој побарува одреден дел. Десетокот е Господов. „Секоја десетина од земјата од полските посеви и од плодовите на дрвјата”, … „секој десеток од крупниот и од ситниот добиток,”… „нека Му биде посветено на Господа” (Левитска 27:30,32). Ветувањето што Јаков го дал кај Ветил ја покажува големината на обврската. „А од сѐ што ќе ми даваш, за тебе ќе одвојувам десеток” (Создавање 28:22). Вос. 138.3}
„Донесете ги сите десетоци во ризницата” (Малахија 3:10), гласи Божјата заповед. Не е упатен повик на благодарност или дарежливост. Тоа едноставно е прашање на честа. Десетокот е Господов; и Тој ни наложува да Му го вратиме она што е Негово.
„А од управителите натаму се бара секој да се покаже верен” (1. Коринтјаните 4:2). Ако чесноста е важен принцип во деловниот живот, зарем не би морале да ја признаеме и својата обврска кон Бога – обврска која е темел на сите други?
Со службата на повереништво е поврзана и обврска, не само кон Бога, туку и кон човекот. Бескрајната љубов на Откупителот му дава животни дарови на секое човечко суштество. Храната, облеката и засолништето, телото, умот и душата – сето тоа е придобиено со Неговата крв. И Христос нѐ поврзал со нашите ближни со обврската на благодарност и служба, која настанала на таков начин. Тој ни заповеда: „Со љубов служете си еден на друг” (Галатјаните 5:13). „Доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте” (Матеј 25:40).
„Јас сум им должник”, изјавува Павле, „и на Грците и на варварите и на мудрите и на неразумните” (Римјаните 1:14). Тоа важи и за нас. Сѐ со што во животот сме благословени повеќе од другите, од нас прави должници на секое човечко суштество на кое можеме да му направиме добрина.
Овие вистини не важат повеќе дома отколку во претпријатието. Добрата со кои управуваме не се наши; секогаш е ризично да се загуби предвид овој факт. Ние сме само пристави, и од исполнувањето на нашата обврска зависи и благосостојбата на нашите ближни и нашата сопствена судбина и во овој и во животот што ќе дојде.
„Кој дели изобилно сѐ повеќе има, а кој скржави сѐ е посиромашен”. „Фрли го својот леб во водите и ќе го најдеш после многу време”. „Благотворната душа наоѓа поткрепа, а кој ги напојува другите, сам ќе се напои” (Изреки 11:24,25; Проповедник 11:1).
„Не труди се за да придобиеш богатство… насочиш ли ги очите кон него, него веќе го нема, зашто си направило крилја како орел и летнало кон небото” (Изреки 23:4,5).
„Давајте и ќе ви се даде: добра мерка – набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери” (Лука 6:38).
„Почитувај Го Господа со Својот имот и со првините на сиот свој приход, и твоите житници ќе бидат преполни, и твоите каци ќе се прелеваат со ново вино“ (Изреки 3:9,10).
„Донесете ги сите десетоци во ризницата, за да има храна во Мојот Дом. Тогаш испитајте Ме – зборува Господ над војските – не ќе ли ви ги отворам небесните прозорци и не ќе ли излеам врз вас благослов со полна мерка. Нема ли заради вас да му забранам на скакулецот за да не ви ги расипува веќе посевите и за да не ви биде неплодна лозата во полето… Тогаш сите народи ќе ве сметаат за среќни, зашто ќе бидете земја пожелувана„ (Малахија 3:10-12).
„Ако живеете, според Моите закони, ако ги пазите Моите заповеди и ако ги спроведувате во дело, ќе ви дадам дожд во право време, па земјата ќе раѓа род, а стеблата во полето ќе донесуваат плодови. Вршењето ќе ви го достигнува гроздоберот, а бербата ќе го достигнува сеењето. Ќе јадете свој леб до наситка, и ќе живеете безопасно во вашата земја. Ќе и дадам мир на земјата;… и никој не ќе ве плаши”. (Левитска 26:3-6).
„Стремете се кон правда, притекнете му на помош на угнетуваниот, помогнете му на сирачето до правдата, заземете се за вдовицата”. „Блазе му на оној кој мисли на бедниот, Господ ќе го спаси во ден на неволја! Господ ќе го штити и ќе го запази жив, ќе му даде среќа на земјата, и нема да го предаде на волјата на неговите непријатели”. „На Господ Му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството” (Исаија 1:17; Псалм 41:2,3; Изреки 19:17).
Оној кој на ваков начин ги вложува своите пари собира двојно богатство. Освен она што на крајот ќе мора да го остави, без оглед колку мудро го умножува, тој собира богатство за вечноста – богатство кое е највреден имот и на земјата и на небото.
Чесно работење
„Господ се грижи за животот на чесните, нивното наследство ќе трае довека. Нема да се засрамат во време на неволја, ќе бидат сити во дните на глад” (Псалм 37:18,19).
„Оној кој оди непорочно, кој твори праведност и зборува вистина од своето срце;” „кој се заколнува на своја штета, па не се одречува”. „Кој ја презира печалбата од насилство, кој ги тресе рацете за да не прими поткуп… кој ги затвора очите за да не види зло – тој ќе живее во висините… ќе му се даде леб и водите не ќе му недостасуваат. Твоите очи ќе го гледаат царот во Неговата убавина, ќе ја разгледуваат непрегледната земја” (Псалм 15:2; 15:4; Исаија 33:15-17).
Бог во Својата Реч дава слика на човек кој напредува – чиј живот е успешен во полн смисол на зборот, човек кому и Небото и Земјата радосно му оддаваат почест. Самиот Јов вака ги опишува своите искуства:
„Во деновите на своите млади години,
кога милоста Божја беше над шаторот мој…
Кога Седржителот уште беше со мене,
а моите деца ме опкружуваа…
Кога излегував над градската врата
и ја поставував својата столица на раскрсницата.
Откако ќе ме видеа, младите се криеја;
старците стануваа и стоеја,
Кнезовите го прекратуваа разговорот
и ја ставаа раката на својата уста.
Гласот на првенците стивнуваше сосем…
“Секој што ме слушаше ме наречуваше блажен,
Ме фалеше окото, што ќе ме видеше.
Зашто, го избавував бедниот кога викаше,
сиракот и оставениот без помош.
„Врз мене доаѓаше благословот на оној што пропаѓаше,
на вдовичиното срце му донесував радост.
Се облекував во праведност како со облека,
Мојата правда ми беше како наметка и венец.
Бев очи на слепиот и бев нозе на хромиот.
Татко на сиромасите, и се застапував за странец”
„Странецот не ноќеваше на улица,
ја отворав својата врата на патникот”.
„Слушаа желно што ќе им кажам, и молчеа…
Внимаваа на ведрината на моето лице.
Јас им ги избирав патиштата,
јас ги предводував како поглавар,
Како цар кога е среде своите чети,
како оној кој ги теши јадосаните”.
(Јов 29:4-16; 31:32; 29:21-25).
„Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака“ (Изреки 10:22).
„Богатството и славата се во Мене, вели Мудроста, „постојаното добро и справедливоста” (Изреки 8:18).
Библијата ги покажува и последиците од отстапувањата од вистинските принципи во нашите односи со Бога како и во нашите меѓучовечки односи. Бог на оние на кои им ги доверил Своите дарови, а кои сепак се рамнодушни кон Неговите барања им вели:
„Свртете го срцето ваше врз вашите патишта. Вие сеете многу, а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печалил пари ги става во дупнато ќесе… Мислите многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го разнесувам”. „Порано, доаѓале до крстина, што дава до дваесет мери и, ќе добиеле само десет; и до каца од педесет мери, а таа давала само дваесет мери”. „Зошто? – вели Господ Саваот: Затоа што е домот Мој запустен” „Може ли човек да краде од Бога? Но вие крадете од Мене. Ќе речете: ‘што крадеме од Тебе? – од десетокот и од приносите”. „Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови” (Агеј 1:5-9; 2:16; 1:9; Малахија 3:8; Агеј 1:10).
„Затоа што го измачувате сиромавиот… ќе изградите домови од делкан камен, но нема да живеете во нив; ќе насадите убави лозја, само вино од нив нема да пиете”. „Господ ќе ти испрати тогаш скудност, глад и уништување на секоја работа на рацете твои”. „Синовите твои и ќерките твои ќе бидат предадени на друг народ… очите твои ќе гледаат и ќе чезнеат по нив, но нема да има сила во рацете твои” (Амос 5:11; Второзаконие 28:20:32).
„Кој со неправда спечалува богатство: тој ќе го остави во половината од животот свој и ќе стане глуп пред крајот свој” (Еремија 17:11).
Извештаите за секоја работа, деталите од секоја трансакција, внимателно се испитуваат од страна на невидливите ревизори, застапниците на Оној кој никогаш не прави компромиси со неправедноста, на чии очи злото никогаш не може да им избега, Кој никогаш не го прикрива гревот.
„Ако видиш некаде на сиромав да се врши неправда и да му се одзема судот на правдата, не се чуди на тоа: зашто над високиот гледа повисок, а над нив – уште повисок”. „Нема темнина, ниту смртна сенка, каде што би можеле да се сокријат оние што вршат беззаконие” (Проповедник 5;7; Јов 34:22).
„Ја креваат устата кон небото… и рекоа: ‘Како дозна Бог, и има ли знаење во Севишниот?” „Ти го изврши тоа,” Господ рече, „а Јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое гревовите твои” (Псалм 73:9-11; 50:21).
„Потоа пак ги подигнав очите и видов: а тоа лета свиток… Тоа е проклетство што ќе се излие врз целата земја; и секој што краде, ќе се истреби, како што е напишано на едната страна; и секој што се колне лажно, ќе се истреби – како што е напишано на другата страна. Јас го пуштив – вели Господ – и тој ќе влезе во домот на крадецот и во домот на оној, што се колне лажно во името Мое; и ќе остане во домот негов, и ќе го истреби него, и дрвјата негови и камењата негови” (Захарија 5:1-4).
И повторно Божјиот закон изрекува осуда за секој што прави зло. Тој може да го презре тој глас, може да настојува да го заглуши неговото предупредување, но залудно. Тој го следи. Му се наметнува. Го уништува неговиот мир. Ако не го послуша, го прогонува до гроб. На суд сведочи против него. Како неизгорлив оган, на крајот ги изгорува и душата и телото.
„Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?" (Марко 8:36,37).
За ова прашање би морал да размислува секој родител, секој учител, секој ученик-секое човечко суштество, младо или старо. Ниту една деловна шема или животен план не можат да бидат здрави или целосни, ако ги опфаќаат само кусите години од овој сегашен живот и не водат сметка за бескрајната иднина. Учете ги младите да ја вклучуваат вечноста во своите планови. Научете ги да ги изберат принципите и да ги бараат богатствата што имаат трајна вредност-да си собираат себеси „сокровиште на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде”, да си создаваат пријатели „со неправедно богатство”, за да ги примат „во вечните куќи” кога него ќе го снема. (Лука 12:33; 16:9).
Сите што прават така на најдобар начин се подготвуваат за животот на овој свет. Никој не може да собира богатство на Небото, а да притоа неговиот живот на оваа Земја не е збогатен и облагороден.
„Побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот” (1. Тимотеј 4:8).
Библиски биографии
„Кои преку вера победија царства, вршеа правда, од немоќни станаа крепки" (Евреите 11:33,34). Најголема воспитна вредност во целата Библија имаат биографиите забележани во неа. Овие биографии се разликуваат од сите други по тоа што се сосема верни. За било кој ограничен ум е невозможно во сѐ правилно да ги протолкува постапките на другиот. Никој освен Оној Кој го познава срцето, Кој ги знае тајните извори на побудите и делата не може потполно и вистински да го опише карактерот, или да даде верна слика на човечкиот живот. Само во Божјата Реч може да се најде таков опис.
Ниту една вистина Библијата не ја учи појасно од онаа дека нашите постапки се резултат на она што сме. Животните искуства се во голема мерка плод на нашите сопствени мисли и дела.
„Незаслужена клетва нема да се збидне” (Изреки 26:2).
„Кажете му на праведникот: ‘Блазе му, зашто тој ќе ги јаде плодовите на делата свои; а на беззаконикот-тешко нему, оти ќе има отплата за делата на рацете свои” (Исаија 3:10,11).
„Чуј земјо! Ете, ќе испратам против овој народ погибел, плод на помислите нивни” (Еремија 6:19).
Страшна е оваа вистина, и мора длабоко да се втисне во свеста. Секое дело има повратно дејство врз оној што го направил. Но, некое човечко суштество можеби никогаш нема да сфати дека злата што го прогонуваат во животот се само плод на она што самиот го посеал. Сепак, дури ни тогаш не е загубена секоја надеж.
За да го добие правото на првенство, кое, според Божјото ветување, веќе било негово, Јаков се послужил со измама, и пожнеал омраза од својот брат. Во текот на дваесетгодишното прогонство и самиот бил изигран и измамен и, на крајот, принуден да побара сигурност во бегство; но пожнеал и друга жетва кога се покажало дека неговите сопствени мани се појавуваат и во карактерот на неговите синови – сето тоа е само верна слика на вистината дека во животот сѐ се враќа.
Но Бог вели: „Зашто нема вечно да се заканувам, ниту до крај ќе се гневам; инаку ќе падне врз Мене секој дух и секоја душа што сум го создал. Заради беззаконието на неговата лакомост Јас се разгневив и го поразив, се сокрив и негодував; но тој откако се одврати, отиде по патот на срцето свое. Ги видов патиштата негови, но ќе го излекувам, ќе го водам и ќе го утешувам, како и оние што го жалат… мир, мир на далечен и на ближен, вели Господ, и ќе го излекувам” (Исаија 57:16-19).
Јаков не потклекнал во својата неволја. Тој се покајал и се трудел да го исправи злото што му го нанел на братот. И тогаш, кога смртта му се заканувала преку гневот на Исав, побарал помош од Бога: „Се бореше со ангел и го надвладеа, плачеше и го молеше;” „И го благослови таму” (Осија 12:4; Создавање 32:29). Во силата на божествената моќ, оној што добил простување станал, не повеќе како измамник, туку како принц Божји. Постигнал не само избавување од својот тешко навреден брат, туку и избавување од самиот себеси. Силата на злото во неговата сопствена природа била скршена. Неговиот карактер бил преобразен.
При квечерината заблескала светлина. Размислувајќи за својот изминат живот, тој признал дека Божјата рака го одржувала – „Бог, Кој ми беше Спасител откако сум настанал, па сѐ до денешен ден, Ангелот, кој ме избавуваше од секое зло” (Создавање 48:15,16).
Истото искуство се повторило во историјата на синовите на Јаков – гревот предизвикал одмазда, а покајанието донело плод на праведноста за живот.
Бог не ги укинува Своите закони. Тој не работи спротивно од нив. Не ги поништува последиците од гревот, меѓутоа Тој преиначува. Преку Неговата благодат, проклетството се претвора во благослов.
Помеѓу синовите на Јаков, Леви бил еден од најсуровите и најодмаздливите, еден од двајцата највиновни за подмолниот колеж во Сихем. Неговите особини, кои се покажале и во неговите потомци, ја навлекле врз нив Божјата осуда: „Ќе ги разделам во Јакова, и растурам во Израелот” (Создавање 49:7). Но, покајанието предизвикало промена; нивната верност на Бога среде отпадот на другите племиња го претворила проклетството во знак на највисока чест.
„Тогаш Господ го оддели Левиевото племе, за да го носи ковчегот на заветот Господов, за да стои пред Господа и да Му служи, и да се моли и благословува во името Негово”. „Заветот Мој со него беше завет за живот и мир, и Јас му го дадов за страв, и тој се боеше од Мене и од името Мое се плашеше… во мир и правда тој одеше со Мене и многумина отстрани од грев” (Второзаконие 10:8; Малахија 2:5,6).
Одредени за служба во светилиштето, Левитите не примиле земја во наследство; тие живееле заедно во градовите кои биле одвоени за нив и се издржувале од десетоците, даровите и прилозите посветени во службата на Бога. Тие биле учители на народот, гости на сите нивни прослави, и секаде почитувани како слуги и претставници Божји. На целиот народ му била дадена заповедта: „Внимавај никогаш да не го заборавиш Левитот додека си во својата земја”. „Затоа Леви нема дел ниту наследство со своите браќа: Господ е негово наследство” (Второзаконие 12:19; 10:9).
Со вера до победата
Вистината дека човекот е онаков „како што мисли во себеси” (Изреки 23:7) е потврдена со уште еден пример од историјата на Израелот. Враќајќи се од извидницата во земјата, извидниците го поднеле својот извештај на границата на Ханан. Тешкотиите што стоеле на патот до освојувањето на земјата толку ги исплашиле што тие ги загубиле предвид нејзината убавина и плодност. Градовите опколени со ѕидови до небо, воините со џиновски раст, железните борни коли, сето тоа ја разнишало нивната вера. Не мислејќи на Бога, мноштвото го прифатило заклучокот на маловерните извидници: „не можеме да одиме против оној народ, зашто е посилен од нас” (Броеви 13:31). Нивните зборови се покажале вистинити. Тие не биле способни да тргнат во освојување, и го поминале својот живот во пустината.
Сепак, двајца од дванаесеттемина што ја разгледувале земјата, мислеле поинаку: „Да тргнеме не двоумејќи се да ја заземеме, зашто можеме да ја покориме” (Броеви 13:30), нагласувале тие, сметајќи ги Божјите ветувања за супериорни над џиновите, од градовите опкружени со ѕидини и од железните борбени коли. Кај нив се оствариле овие нивни зборови. Иако заедно со своите браќа 40 години талкале низ пустината, Халев и Исус Навин влегле во ветената земја. Со храбро срце како и во денот кога со Господовите војски тргнал од Египет, Халев ја побарал и како свој дел ја примил тврдината на џиновите. Во силата Господова ги истерал Хананците. Лозјата и маслиниците по кои газела нивната нога станале негова сопственост. Иако страшливците и бунтовниците изумреле во пустината, луѓето на верата јаделе грозје од Есхол.
Ниту една вистина Библијата не ја прикажува во толку јасна светлина како што ја прикажува опасноста од едно единствено отстапување од она што е право – опасност која му се заканува на престапникот и на сите оние кои се под негово влијание. Примерот има чудесна моќ, и кога ќе се случи тој да биде во согласност со злите тенденции на нашата природа, тогаш речиси и не можеме да му се спротивставиме.
Најсилна поддршка на порокот во нашиот свет не му дава распусниот живот на расипаниот грешник или пропаднатиот отфрленик; тоа го прави животот кој инаку изгледа умерен, чесен и благороден, но во кој се негува еден грев, му се попушта на еден порок. За душата која тајно се бори против некое силно искушение, која трепери на самиот раб на понорот, таквиот пример е еден од најсилните поттикнувачи на грев. Оној кој има возвишени погледи на животот, вистината и честа, а сепак своеволно крши едно правило од светиот Божји Закон, ги изопачил своите благородни дарови и ги претворил во мамец за гревот. Генијалноста, талентот, сочувството, дури и великодушните и љубезни постапки, на тој начин можат да станат мамец на сатаната со кој што тој ги наведува душите да паднат во амбисот на пропаста.
Затоа Бог ни дал толкаво мноштво примери кои ги покажуваат последиците од само едно лошо дело. Од тажната приказна за оној еден грев кој „ја донел на свет смртта и сите наши болки, покрај загубата на Едем”, сѐ до извештајот за човекот кој за триесет сребреници го продал Господа на славата, библиските биографии се полни со такви примери, кои се поставени како светлечки знаци за предупредување на раскрсниците на сите патишта што скршнуваат од патеката на животот.
И забелешките за последиците од само едно единствено попуштање на човечките слабости и на заблудата, за плодовите на отстапувањето од верата исто така упатуваат предупредување.
Со едно единствено отстапување од верата, Илија го скратил своето животно дело. Тешка била одговорноста што тој ја носел за Израелот; верно го предупредувал народот против идолопоклонството; Во текот на три и пол години глад, тој со длабока загриженост исчекувал да се покаже некој знак на покајание. Сам стоел на Божјата страна на Кармил. Со силата на верата идолопоклонството било соборено и благотворниот дожд посведочил дека обилни благослови чекаат да се излеат врз Израелот. И тогаш, изморен и слаб, избегал пред заканите на Језавела, и сам во пустината се молел да умре. Неговата вера изнемоштила. Не можел да го заврши делото што го започнал. Бог му наредил да помаже друг да биде пророк наместо него.
Но Бог ја видел усрдната служба на овој слуга. Илија не требал да пропадне во пустината, обесхрабрен и сам. Нему не му било наменето да слезе во гроб, туку со Божјите ангели да се вознесе до местото каде што пребива божествената слава.
Овие записи за животот го објавуваат она што секое човечко суштество еден ден ќе го разбере – дека гревот може да донесе само срам и загуба; дека неверувањето значи пораз; но дека Божјата милост допира и до најдлабоките амбиси; дека верата ја издигнува покајничката душа да биде примена помеѓу Божјите синови.
Училиште на страдања
Сите кои во овој свет искрено Му служат на Бога или ближните, се здобиваат со подготовка во училиштето на страдањето. Колку е позначајна одговорноста и повозвишена службата, толку и испитот ќе биде построг, а дисциплината поостра.
Проучувај ги искуствата на Јосиф и Мојсеј, Даниел и Давид. Спореди ја раната историја на Давид со историјата на Соломон и размислувај за крајот!
Давид во својата младост бил тесно поврзан со Саул, и неговиот престој на дворот и врските со царскиот дом му овозможиле увид во грижите, тагите и тешкотиите кои се прикриени со царскиот сјај и раскошот. Тој видел колку човечката слава е немоќна да и донесе мир на душата. Со чувство на олеснување, Давид од царскиот двор се вратил кај трлата и стадата.
Кога љубомората на Саул го нагонила да побара засолниште во пустината како бегалец, Давид, губејќи ја човечката поддршка, уште повеќе се потпрел на Бога. Несигурноста и немирот на пустинскиот живот, постојаната опасност, неопходноста од чести бегања, карактерот на луѓето кои на тој начин се собрале околу него – „сите кои беа во неволја, сите задолжени, сите незадоволни" (1. Самоилова 22:2) – сето тоа создавало уште поголема потреба од строга дисциплина. Овие искуства кај него разбудиле и развиле способност за однесување со луѓето, сочувство кон угнетените и омраза кон неправдата. Годините на исчекување и опасност го научиле Давид да ги најде својата утеха, своја потпора и својот живот во Бога. Сфатил дека само со Божја сила може да дојде на престолот; дека само во Божјата мудрост може да владее разумно. Воспитувањето во училиштето на неволји и болка овозможило за Давид да биде напишан извештајот- иако подоцна извалкан од неговиот голем грев – дека „судеше и делеше правда над сиот свој народ” (2. Самоилова 8:15).
На Соломон во младоста му недостасувала токму оваа дисциплина на која Давид уште рано и се покорил. Околностите, карактерот и животот навидум го издигнувале над сите други. Благороден во младоста, благороден во зрелоста, миленик на својот Бог, Соломон започнал владеење кое имало блескави изгледи за успех и чест. Народите се восхитувале од знаењето и проникливоста на човекот кому Бог му ја дал мудроста. Но, гордоста поради успехот го одвоила од Бога. Соломон ја отфрлил радоста што ја дава заедницата со Бога за да најде уживање во задоволување на суетата. За тоа искуство самиот вели:
„Направив големи дела: изградив дворци за себе, посадив лозја; си направив градини и овоштарници,… придобив робови и робинки… насобрав сребро и злато и скапоцености од цареви и области. Си доведов пејачи и пејачки и тоа што ги насладува синовите човечки, музички инструменти од сите видови. И станав толку голем, поголем од кој и да е пред мене во Ерусалим… што да ми посакаа очите, не им скратував, ниту му бранев на моето срце некаква веселба, туку моето срце му се радуваше на секој мој труд. . . .Тогаш ги разгледав сите свои дела, сите напори што ги вложив за да дојдам до нив – и ете, сѐ е тоа суета и мака за духот, и немаше од нив полза под сонцето. Потоа ја свртив мојата мисла кон мудроста, кон глупоста и кон лудоста. Што би направил човек кој дошол после царот? Освен тоа што е веќе направено”.
„Го замразив животот… замразив сѐ, за што се трудев под сонцето" (Проповедник 2:4-12,17,18).
Од сопственото горчливо искуство Соломон ја сфатил празнината на животот кој го бара највисокото добро во земските нешта. Тој им подигнувал олтари на незнабожечките богови само за да почувствува колку се залудни нивните ветувања за одмор на душата.
Во своите подоцнежни години, изморен и жеден, напуштајќи ги издупчените земски бунари, Соломон се вратил да пие од изворот на животот. Вдахнат со Духот, тој ја запишал историјата на своите упропастени години како поука и предупредување за идните генерации. И така, иако неговиот народ пожнеал тажна жетва од семето што тој го посеал, животното дело на Соломон не било сосема загубено. Училиштето на страдањата конечно и со него ја постигнало својата цел.
Но по онаква зора, колку можел да биде славен денот на Соломоновиот живот, ако во својата младост ја прифател поуката што можел да ја научи од страдањата на другите!
Искушувањето на Јов
За оние што го љубат Бога и, „се повикани по Негова волја” (Римјаните 8:28), библиските биографии даваат уште повозвишена поука за улогата на страдањето. „Вие сте ми сведоци, вели Господ, дека Јас сум Бог” (Исаија 43:12)-сведоци дека Тој е добар, и дека добрината е над сѐ. „Бидејќи станавме глетка на светот- на ангелите и на луѓето” (1. Коринтјаните 4:9).
Несебичноста, која е принцип на Божјото царство, е принципот кој сатаната го мрази; тој го одрекува и самото негово постоење. Од почетокот на големата борба сатаната настојува да докаже дека принципите по кои Бог постапува се себични и на ист начин се однесува и кон сите кои Му служат на Бога. Христово дело и дело на сите оние кои го носат Неговото име е да се побие тврдењето на сатаната.
Исус дошол во човечки облик за да покаже со Својот живот што е тоа несебичност. И сите кои го прифаќаат овој принцип треба да бидат Негови соработници во прикажувањето на несебичноста во практичниот живот. Да се одбере доброто затоа што е добро; да се застане на страната на вистинита без оглед на страдањата и жртвите – „Тоа е наследство на Господовите слуги, и нивната праведност е од мене, вели Господ”. (Исаија 54:17).
Многу рано во историјата на светот е забележан извештај за животот на човекот кого сатаната се осмелил да го впушти во оваа борба.
Оној Кој ги испитува срцата дал сведоштво за Јов, патријархот од Уз: „На земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото”.
Против овој човек сатаната го изнел подбивливото обвинение: „Зар Јов се бои напразно од Бога? Зар не ги загради него, неговиот дом и сиот негов имот?… Ама испружи ја еднаш раката и допри во сѐ што има… допри се до неговите коски и до месото, – дали ќе Те благослови тогаш?”
Господ му рекол на сатаната: „Еве сѐ што е негово, е во твоја рака; само врз него не кревај рака”.
Откако ја добил оваа дозвола, сатаната однел сѐ што Јов имал – стадата и крдата, слугите и слугинките, синовите и ќерките; „Го удри Јов со лути рани од стапалата до темето” (Јов 1:8-12; 2:5-7).
Во неговата чаша била дотурена уште една капка на горчина. Неговите пријатели, сметајќи дека неволјата може да биде само казна за грев, ја напаѓале неговата изранета и натоварена душа со своите обвиненија дека правел зло.
Привидно напуштен од Небото и Земјата, а сепак длабоко верен на Бога и свесен за својата чесност, полн со страв и збунетост Јов воскликнал:
„На мојата душа животот и се смачи”.
„О, кога би сакал да ме скриеш во гробот,
да ме засолниш додека не Ти помине гневот,
да ми определиш рок, кога ќе си спомнеш за мене!”
(Јов 10:1; 14:13)
„Ете викам на неправда, но никој не слуша,
молам покорно – ама нема правда за мене…
Ја соблече од мене мојата слава
го симна венецот од мојата глава…
Браќата се оддалечија од мене,
моите познати се отуѓија…
против мене се оние кои ги љубев…
Смилувајте ми се, смилувајте ми се пријатели мои,
– зашто Божјата рака се допре до мене”.
„О, кога би знаел како да Го најдам,
да се приближам до Неговиот престол…
Ете јас одам напред, но Тој не е таму;
назад се враќам, но не Го согледувам.
На левата страна врши ли Он нешто, Јас не го гледам.
А на десно, се засолнил, не можам да Го видам.
Па сепак, Тој добро го знае патот по кој чекорам!
Нека ме испита, ќе излезам чист како злато!”
„И да ме убие, сепак ќе се надевам во Него”.
„Јас знам дека мојот Избавител живее
и Тој во последно време ќе застане над земјата.
А кога мојата кожа се раскине,
тогаш знам, во своето тело ќе Го видам Бога.
Јас ќе го гледам него како свој,
Моите очи, ќе Го гледаат, а не некој друг”.
(Јов 19:7-21;23:3-10; 13:15; 19:25,26,27)
На Јов му било според неговата вера. „Нека ме испита”, рекол тој, „ќе излезам чист како злато!” (Јов 23:10). Така и се случило. Со трпеливото поднесување тој ја одбранил честа на својот сопствен карактер, а со тоа и честа на карактерот на Оној чиј претставник бил. „Господ го врати Јова во поранешната состојба… па му го удвои она што го имаше… Господ ја благослови новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната” (Јов 42:10-12).
Во извештајот за оние кои преку самооткажување влегле во заедницата на Христовите страдања, стојат – едното во Стариот, а другото во Новиот Завет – имињата на Јонатан и Јован Крстителот.
Роден како наследник на престолот, Јонатан сепак знаел дека по божествена наредба мора да се повлече; најнежен и најверен пријател на својот соперник, тој го изложил својот живот на опасност за да го заштити животот на Давид; непоколебливо стоел покрај својот татко во текот на темните денови на опаѓањето на неговата моќ, и конечно загинал заедно со него – името на Јонатан е забележано на Небото, а на Земјата стои како сведок за постоење на силата на несебичната љубов.
Кога се појавил како гласник на Месијата, Јован Крстителот го растревожил народот. Од место во место, по него одело непрегледно мноштво луѓе од сите слоеви и професии. Но, кога дошол Оној за Кого тој сведочел, сѐ се променило. Мноштвото тргнало по Исус, а работата на Јован навидум речиси престанала. Сепак, неговата вера не се поколебала. „Тој треба да расте”, рекол Јован, „а јас да се смалувам” (Јован 3:30).
Времето минувало, а царството што Јован го очекувал, не било основано. Во ќелијата на Ирод, лишен од животворниот воздух и пустинската слобода, тој чекал и бдеел.
Немало ѕвечкање со оружје, ниту обивање на затворските врати; но лекувањето на болните, проповедањето на евангелието, окрепувањето на човечките души, сето тоа сведочело за Христовата мисија.
Сам во ќелијата, гледајќи дека треба да помине по истата патека по која ќе помине и неговиот Учител, Јован ја прифатил својата должност – заедница со Христа во страдањата. Небесните весници го следеле до гробот. Вселенските суштества, грешните и безгрешните, биле сведоци за неговата истрајност во несебичната служба.
И во сите генерации по него, страдните души биле охрабрувани преку сведошвото на животот на Јован. Во ќелииите, на губилиштата, на кладите, мажите и жените во текот на темните векови биле зајакнати преку споменот на оној за кого Христос објавил: „меѓу родените од жени, не се подигна поголем од Јована Крстител” (Матеј 11:11).
„И што да речам уште? Зашто нема да имам доволно време, кога би почнал да раскажувам за Гедеона, Варака, Самсона, Јефтаја… и Самуила и за пророците, кои преку вера победија царства, извршија правда, добија ветувања, затворија уста на лавови; ја угаснаа огнената сила, ја избегнаа острицата на мечот, немоќни станаа силни; стануваа силни во бој, ги натераа во бегство туѓите војски.
Жени примија свои воскреснати мртви; а други беа мачени и не се избавија, за да добијат подобро воскресение. Други доживеаа подигрувања и удари, а покрај тоа и окови и темница; Беа каменувани, со пила резани на две, на искушенија подложувани, умираа од меч, скитаа во овчи кожи и во козји кожи; во оскудност, во неволји, во лоши постапувања, оние за кои светот не беше достоен: скитаа по пустините, и по горите, и по пештерите, и земните јами.
И сите тие, иако се посведочени преку верата, не го примија ветувањето, зашто Бог предвиде нешто подобро за нас: тие да не дојдат до совршенство без нас” (Евреите 11:32-40).
