Други сликовити поуки

Илустрација за поглавјето „Други сликовити поуки“

Воспитување

Други сликовити поуки

„Кој е мудар и го пази ова,

ќе ја разбере Господовата милост"

(Псалм 107:43)

Божјата исцелителна сила ја проткајува целата природа. Ако дрвото е повредено, ако човечкото суштество е рането или скршило коска, природата веднаш почнува да ја зацелува повредата. Дури и пред да се појави потреба, исцелителните сили се во приправност; и штом е повреден дел од телото, сите сили се посветуваат на делото на обновување. Така е и на подрачјето на духовното. Уште пред гревот да создаде потреба од тоа, Бог се погрижил за лек. Непријателот ја ранил и повредил секоја душа која попуштила пред искушението; но, каде што е гревот, таму е и Спасителот. Христовото дело е „да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување,… да ги пуштам на слобода напатените” (Лука 4:18).

Ние сме должни да соработуваме во ова дело. „И да падне некој во некаков грев… поправајте го” (Галатјаните 6:1). Зборот тука преведен со зборот „поправајте” значи враќање на место, како исчашен зглоб. Колку добро погодена слика! Оној што ќе падне во заблуда или грев, „се исчашил” од односот кон сѐ околу себе. Тој може да ја согледа својата заблуда, и да биде исполнет со грижа на совест; но не може сам да се поправи. Тој е збунет и растроен, поразен и беспомошен. Мора да биде вратен назад, излекуван, повторно ставен на поранешното место. „Вие кои сте духовни поправајте го таквиот”. Единствено љубовта што тече од Христовото срце може да исцели. Единствено оној во кого тече оваа љубов , како сок во дрвото или крв во телото, може да ја „поправи" ранетата душа.

Делата на љубовта имаат прекрасна моќ, зашто се божествени. Кога би ја разбрале поуката дека „кроткиот одговор гневот го ублажува”, тоа дека „љубовта е долготрпелива, полна со добрина", и „љубовта покрива многу гревови” (Изреки 15:1; 1. Коринтјаните 13:4; 1. Петрово 4:8) – каква исцелителна сила би добил нашиот живот! Како би бил животот преобразен, а Земјата би станала слична на Небото, кое уште сега би можело да се види и да се почувствува!

Овие скапоцени поуки можат да се изнесуваат толку едноставно што ќе можат да ги разберат дури и малите деца. Детското срце е нежно и на него може лесно да се влијае; и кога ние, кои сме постари, ќе станеме „како мали деца” (Матеј 18:3); кога ќе се научиме на едноставноста, благоста и нежната љубов на Спасителот, нема да ни биде тешко да им се приближиме на срцата на малечките и да ги научиме на исцелувачката служба на љубовта.

Совршенството постои и во најмалите како и во најголемите Божји дела. Раката која ги закачила световите во просторот, е истата рака што ги обликува цветовите во полето. Испитајте ги под микроскоп најмалите и најобични цветови што растат покрај патот, и обрнете внимание на извонредната убавина и совршенството на сите негови делови. Така и во најскромните животни околности може да се постигне вистинско совршенство; најобичните должности, извршени верно и со љубов, се прекрасни во Божјите очи. Совесноста и внимателноста со која ги извршуваме и малите должности од нас ќе направат Божји соработници и ќе ни донесат признание од Оној Кој сѐ гледа и сѐ знае.

Виножитото што го премостува небото со својот светлосен лак е спомен за „вечниот завет меѓу Бога и секоја жива душа” (Создавање 9:16). А и виножитото што го опкружува престолот на височината, за Божјите деца претставува знак на Неговиот завет на мирот.

Како што лакот во облаците настанува со соединување на сончевата светлина и дождот, така и лакот над Божјиот престол претставува соединување на Неговата милост и Неговата праведност. На грешната душа, која се кае, Бог и вели: Живеј, „пронајдов откуп” (Јов 33:24).

„Како кога се заколнав, дека Ноевите води нема да ја преплават веќе земјата; така се колнам дека веќе нема да се срдам на тебе ниту ќе те прекорувам. Нека се раздвижат и планините и нека се потресат бреговите, но Мојата љубов нема да се повлече од тебе, ниту ќе се расколеба Мојот завет на мирот, вели Господ, Кој ти се смилува” (Исаија 54:9,10).

Пораката на ѕвездите

И ѕвездите имаат радосна порака за секое човечко суштество. Во миговите што сите ги доживуваат, кога срцето ќе изнемошти, а искушението болно тлее; кога пречките изгледаат непремостливи, животните цели недостижни, Неговите убави ветувања како содомски јаболка; каде тогаш би можело да се пронајде повеќе храброст и цврстина отколку во пораката што Бог ни наредил да ја научиме од ѕвездите и нивното постојано движење?

„Подигнете ги очите и гледајте: кој го создаде тоа? Оној Кој ло број ја изведува нивната војска и Кој ги вика сите по име. Зошто велиш, Јакове, и ти, Израиле зборуваш: ‘Мојот пат е скриен за Бога, мојата правда му избегнува на мојот Бог?’ Зар не знаеш? Зар не си чул? Господ е вечен Бог, Творец на земните краишта. Тој не се заморува, ниту изнемоштува, и Неговиот ум е неизмерлив. На заморениот му ја враќа силата, го зајакнува немоќниот”. „Не бој се, зашто Јас сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас сум твој Бог; Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со десницата на Мојата праведност”. „Зашто Јас Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница и ти велам: ‘Не бој се, Јас ти помагам” (Исаија 40:26-29; 41:10,13).

Палмовото дрво изложено на жестоко сонце и сурова песочна бура стои зелено, напредно и плодно среде пустина. Неговите корени се хранат од живи извори. Неговата зелена крошна се гледа оддалеку преку спржената, пуста рамнина; и патникот кој е блиску до смртта ги забрзува своите несигурни чекори кон студената сенка и животворната вода.

Пустинското дрво е симбол на она што Бог сака да биде животот на Неговите деца на овој свет. Тие треба да ги водат кон живата вода изморените, вознемирени души на кои им се заканува пропаст во пустината на гревот. Тие треба на ближните да им Го покажат Оној кој го упатил повикот: „Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие!” (Јован 7:37).

Широката, длабока река која служи како меѓународна трговска и патничка сообраќајница се смета за благослов во светот; но што да речеме за малите потоци кои помагаат да настане оваа прекрасна река? Кога не би биле тие, реката би исчезнала. Од нив зависи и нејзиното постоење. Така и луѓето кои се повикани да водат некое големо дело, се почитувани како успехот на делото да може да им се припише само ним; но тој успех барал верна соработка на речиси безброј поскромни работници – работници за кои светот не знае ништо. Задачи за кои не се добива благодарност, работа за која не се добиваат признанија, тоа е делот на повеќето трудбеници во светот. Таквата судбина мнозина исполнува со незадоволство. Тие чувствуваат дека животот им е промашен. Но, малиот поток кој бесшумно се пробива низ шумичките и ливадите носејќи здравје, плодност и убавина, на свој начин е исто толку полезен како и широката река. Придонесувајќи за опстојувањето на реката, тој помага во постигнувањето на она што самиот никогаш не би можел да го постигне.

Оваа поука им е потребна на мнозина. Талентот претерано се издига и премногу се копнее за положба. Има премногу такви кои не прават ништо ако не бидат признаени како водачи; премногу такви на кои мора да им се оддаде почест за да покажат било каков интерес за работата. Она што ни е потребно да научиме да ги ползуваме силите и можностите што ги имаме совесно, на најдобар можен начин и да бидеме задоволни со делот кој Небото ни го одредило.

Поука за довербата

„Но прашај ги животните и ќе те поучат; прашај ги небесните птици и ќе ти објаснат… рибите во морето ќе ти раскажат!” „Оди кај мравката… гледај ги нејзините патишта!” „Погледнете ги птиците!” „Погледнете ги гавраните!” (Јов 12:7,8; Изреки 6:6; Матеј 6:26; Лука 12:24).

Ние не смееме само да му раскажуваме на детето за овие Божји созданија. Самите животни треба да бидат негови учители. Мравките даваат поука за трпелива трудољубивост, за истрајност во совладување на пречките, за подготвување за иднината. Птиците се учители на милозвучната поука за довербата. Нашиот небесен Татко се грижи за нив; но тие мораат да ја собираат храната, мораат да ги градат своите гнезда и да ги подигаат своите млади. Секој миг тие се изложени на непријатели кои настојуваат да ги уништат. А сепак, колку радосно се занимаваат со својата работа! Колку се полни со веселба нивните песни!

Прекрасен е описот на псалмистот даден за Божјата грижа за шумските созданија –

„Високите планини им даваат засолниште на дивите кози,

и пештерите на јазовците“.

Псалм 104:18.

Тој испраќа потоци да течат помеѓу ридовите, каде и птиците имаат свои станови, и „пеат среде гранките” (Псалм 104:12).

Сите созданија по шумите и горите се дел од Неговото големо домаќинство. Тој ја отвора Својата рака и обилно наситува „сѐ што е живо” (Псалм 145:16).

Бурата понекогаш го принудува алпскиот орел да се спушти во тесните планински процепи. Тешките облаци ја опкружуваат оваа моќна планинска птица, нивните темни маси ја одвојуваат од сончевите висини во кои таа го направила својот дом. Нејзините напори да се избави изгледаат безуспешни. Таа се залетува таму ваму, распорувајќи го воздухот со своите моќни крилја и будејќи го екотот на планината со своите крици. Конечно, со победнички восклик, се вивнува кон височините и, пробивајќи ги облаците, повторно избива на јасната сончева светлина, додека темнината и бурата остануваат длабоко под неа. Така и ние можеме да се најдеме опколени со потешкотии, обесхрабрувања и темнина. Можат да нѐ опколат лаги, неволји, неправди. Безуспешно се бориме со околностите. Сепак, постои еден, и тоа само еден пат за спасение. Испарувањата и маглите се припиваат до земјата; но над облаците сјае Божјата светлина. На крилјата на верата ние можеме да се издигнеме во светлината на сонцето на Неговото присуство.

Многубројни се поуките кои на овој начин можат да се научат. Потпирањето на себеси – од дрвото кое – растејќи само во рамнина или на падината на некој рид, ги пушта своите корени длабоко во земјата и со својата сурова сила и се спротивставува на бурата. Моќта на влијанието во раните години – од безоблично стебло полно со јазли кое се искривило додека било млада садница и на кое никаква земска сила веќе не може да му ја врати загубената складност. Тајната на светиот живот – од водениот лилјан кој, од површината на некој матен вир, опколен со плевел и отпадоци, го пушта своето шупликаво стебло сѐ до чистиот песок на дното и, извлекувајќи го оттаму својот живот, ги подига своите мирисни цветови кон светлината во неизвалкана чистотија.

На истиот начин децата и младите, иако познавањето на фактите го стекнуваат преку учителите и од учебниците, треба да научат сами да извлекуваат поуки и да ја распознаваат вистината. Додека работат во градината, прашајте ги што научиле грижејќи се за своите растенија. Додека го набљудуваат прекрасниот пејсаж, прашајте ги зошто Бог ги облекол полињата и шумите во толку прекрасни и различни бои. Зошто не е сѐ обоено со тмурна кафена боја? Кога берат цвеќиња, наведете ги да размислуваат зошто Бог ни ја сочувал убавината на овие патници од Едем. Научете ги во целата природа да забележуваат докази за Божјата грижа за нас, која прекрасно се прилагодила на нашите потреби и среќа.

Само оној кој во природата го препознава делото на својот Татко, кој во богатството и убавината на земјата го чита Татковиот ракопис – само тој од сѐ што е во природата извлекува најдлабоки поуки и само нему сѐ што е во природата му служи на највозвишен начин. Само оној кој на сето тоа гледа како на израз на Божјата мисла, откровение на Создателот, може потполно да го процени значењето на ридот и долината, реката и морето.

Писателите на Библијата се послужиле со многу илустрации од природата, и ние набљудувајќи ги нештата во светот на природата ќе станеме способни, под водство на Светиот Дух, поцелосно да ги разбереме поуките од Божјата Реч. На тој начин природата станува клуч кој ги отвора сокровиштата на Речта.

Децата треба да се охрабрат во природата да бараат илустрации за библиските учења, а во Библијата да изнаоѓаат споредби изнесени од природата. Тие треба да го истражуваат, и во природата и во Светото писмо, сето она што Го претставува Христа, како и она што Тој го употребил опишувајќи ја вистината. На тој начин тие можат да научат да Го гледаат Него во дрвото и лозата, во лилјанот и розата, во сонцето и ѕвездата. Тие можат да научат да го слушаат Неговиот глас во песната на птиците, во шумот на дрвјата, во татнежот на громот и во музиката на морето. Сѐ во природата ќе им ги повторува Неговите скапоцени поуки.

За оние кои на овој начин ќе се запознаат со Христа, Земјата веќе никогаш нема да биде осамено и пусто место. Таа ќе биде дом на нивниот Татко, исполнета со присуството на Оној, Кој еднаш престојувал меѓу луѓето.