Поуки од животот

Воспитување
Поуки од животот
„Поразговарај со земјата, таа ќе те научи"
(Јов 12:8)
Големиот Учител ги доведувал Своите слушатели во допир со природата за да можат да го слушнат гласот кој зборува од сѐ што е создадено; и кога срцето ќе им се разнежело, а умот ќе станел подготвен да прими, Тој им помагал да ја разберат духовната порака на сликите врз кои почивале нивните очи. Параболите со кои со задоволство ги изнесувал поуките за вистината, покажуваат колку бил отворен Неговиот дух за влијанијата на природата и колку уживал да собира духовни поуки од сето она што Го опкружувало во секојдневниот живот.
Птиците во воздухот, криновите во полето, сејачот и семето, пастирот и овците – со тоа се служел Христос за сликовито да ја опише бесмртната вистина. Тој наоѓал примери во случувањата од животот, во факти и искуства што им биле познати на слушателите – квасец, сокриено богатство, бисер, рибарска мрежа, загубена паричка, загубен син, куќи на карпа или на песок. Во Неговите поуки има по нешто што ќе го привлече секој ум, ќе го допре секое срце. На тој начин, секојдневната работа, наместо да биде бесконечен круг на маки, без повисоки мисли, преку постојано потсетување на она што е духовно и невидливо, можела да се извршува со поголем елан и поголема радост.
И ние би требале да подучуваме на тој начин. Децата да научат во природата да видат израз на Божјата љубов и мудрост; мислата за него да им биде поврзана со птиците и цветот и дрвото; сѐ што е видливо нека им биде толкувач на невидливото, а сите настани во животот средство за божествено подучување.
Додека на таков начин учат да извлекуваат поуки од сѐ што е создадено и од сите искуства во животот, покажете им дека истите закони кои управуваат со природата и настаните во животот мораат да управуваат и со нас; дека се дадени за наше добро; и дека само во послушноста кон нив можеме да најдеме вистинска среќа и да постигнеме успех.
Закон на служба
Сѐ на небото и на Земјата објавува дека законот на службата е голем закон на животот. Вечниот Татко го одржува животот на сѐ што живее. Христос дошол на Земјата како Оној Кој „служи” (Лука 22:27). Ангелите се „службени духови, испратени да им служат на оние, кои ќе го наследат спасението” (Евреите 1:14). Истиот закон на служба е запишан врз сѐ во природата. Птиците во воздухот, животните во полето, дрвјата во шумата, лисјата, тревата и цвеќињата, сонцето на небото и сјајните ѕвезди -сѐ има своја служба. Езерото и океанот, реката и изворот – сите примаат за да дадат.
Бидејќи сѐ во природата придонесува за животот во светот така и е и со вашиот живот. „Давајте и ќе ви се даде" (Лука 6:38), гласи поуката која е исто толку јасно запишана во природата како и на страниците на Светото писмо.
Кога падините на ридовите и рамнините отвораат пат за планинскиот поток да стаса до морето, она што го даваат стократно им се враќа. Потокот кој жуборејќи тече по својот пат, зад себе го остава дарот на убавина и плодност. Низ полињата, соголени и спалени од летната жега, една зелена лента го обележува речниот тек; секое благородно дрво, секоја пупка, секој цвет сведочи за надоместот што Божјата благодатт им ја доделува на сите преку кои таа тече во светот.
Сеење во вера
Од речиси безбројните поуки на кои нѐ учат различните процеси на растењето, некои од највредните се изнесени во параболата на Спасителот за семето што расте. Таа им дава поуки и на старите и на младите.
„Божјото Царство е како кога човек ќе фрли семе во земја; и спие, и станува ноќе и дење, а семето никнува и расте, а самиот не знае како. Земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебло, после клас – потоа клас полн со зрна” (Марко 4:26-28).
Семето во себе има моќ да ’рти, моќ која Бог лично му ја всадил; сепак, не би можело да никне препуштено самото на себе. Човекот треба да ја одигра својата улога во поттикнувањето на растењето на животот; но, постои граница преку која тој не може ништо да постигне. Мора да се потпре на Оној Кој и сеењето и жетвата ги поврзал со прекрасните врски на Својата семоќна сила.
Во семето е животот, во земјата е силата; но, ако деноноќно не делува бесконечната сила, семето нема да донесе никаков род. Жедните полиња мораат да ги освежат обилни дождови; сонцето мора да даде топлина; електрицитетот мора да се пренесе до закопаното семе. Само Создателот, Кој го всадил животот, може да го разбуди. Секое семе расте, секое растение се развива со Божја сила.
„Семето е Божјото Слово”. „Како што земјата ги никнува своите растенија, како што во градината никнува семето, Господ ќе направи да никне праведноста и пофалбата пред сите народи” (Лука 8:11; Исаија 61:11). Како што е со природното, така е и со духовното сеење; единствената сила која може да создаде живот доаѓа од Бога.
Делото на сејачот е дело на вера. Тој не може да ја разбере тајната на ‘ртењето и растењето на семето; но има доверба во средствата со кои Бог го предизвикува никнувањето на вегетацијата. Тој го фрла семето очекувајќи дека ќе го собере многукратно умножено во изобилна жетва. Така треба да работат и родителите и учителите, очекувајќи жетва од семето што го сеат.
Доброто семе може некое време да лежи незабележано во срцето, не давајќи знаци дека пуштило корен; но подоцна, кога Божјиот Дух ќе ја исполни душата, сокриеното семе никнува и конечно донесува род. Во нашето животно дело ние не знаеме што ќе ни појде од рака, ова или она. Ова прашање не го решаваме ние. „Наутро сеј го твоето семе, и навечер твојата рака нека не почива” (Проповедник 11:6). Божјиот голем завет објавува дека „Сѐ додека постои Земјата, никогаш нема да прекратат сеењето и жетвата” (Создавање 8:22). Надевајќи се на ова ветување, земјоделецот ора и сее. Ништо помала доверба не смееме да имаме ни во духовното сеење кога работиме надевајќи се на Неговото ветување: „Така словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакам и ќе го изврши она заради кое го испратив”. „Тој што со плачење го носи семето за сеење: навистина ќе се врати со песна, носејќи ги своите снопови” (Исаија 55:11; Псалм 126:6).
Никнувањето на семето претставува почеток на духовниот живот, а развојот на растението е слика на развојот на карактерот. Без растење нема живот. Растението мора да расне или да умре. Како што неговото растење е тивко и незабележливо, но постојано, такво е и растењето на карактерот. Нашиот живот може да биде совршен на секој степен од развојот; но ако се исполни Божјата намера со нас, напредувањето ќе биде постојано.
Растението расте примајќи го она што Бог му го одредил за одржување на животот. Така и духовниот раст се постигнува преку соработка со божествените орудија. Како што растението пушта корен во земјата, така и ние мораме да се вкорениме во Христа. Како што растението прима светлина од сонцето, роса и дожд, така и ние мораме да Го примаме Светиот Дух. Ако нашите срца се потпираат на Христа, тогаш Тој ќе ни дојде „како дожд; како доцен и ран дожд ќе ја наполни земјата”. Тој ќе се подигне над нас како Сонце на Праведноста „и исцеление ќе има во зраците Негови”. Ние ќе цветаме „како лилјан”. Ние ќе имаме „жито во изобилие и ќе цветаме како лоза” (Осија 6:3; Малахија 4:2; Осија 14:6,8).
Пченицата развива „стебло, после клас- потоа клас полн со зрна” (Марко 4:28). Земјоделецот сее семе и го негува растението со намера да произведе зрно – леб за гладните и семе за идните жетви. Така и божествениот Земјоделец очекува жетва. Тој се стреми да биде роден во срцето и во животот на Своите следбеници за да може преку нив да се роди и во други срца и животи.
Постепениот развој на растение од семето е сликовит приказ на воспитувањето на детето. Се појавува „прво стебло, потоа клас – потоа клас полн со зрна” (Марко 4:28). Оној кој ја изговорил оваа парабола го создал ситното семе, му ги всадил неговите животни својства и ги поставил законите кои управуваат со неговото растење. Вистините содржани во оваа парабола станале стварност во Неговиот живот. Тој, Величеството на небото, Царот на славата, станал детенце во Витлеем, и некое време бил беспомошно чедо доверено на грижата на Својата мајка. Во детството зборувал и постапувал како дете, почитувајќи ги Своите родители и подготвено извршувајќи ги нивните желби. Но, од самиот почеток на Својот интелектуален развој, Тој постојано растел во благодатта и познавањето на вистината.
Родителите и учителите би требале да настојуваат да ги насочат тенденциите на младите така што тие во секој степен на развој во животот ќе зрачат со убавина која е соодветна за таа возраст, развивајќи се природно, како растенија во градината.
Малечките треба да бидат воспитувани во детска едноставност. Тие мораат да се навикнат да бидат задоволни со мали, полезни должности, задоволства и искуства кои се соодветни за нивната возраст. Детството во параболата е претставено со стебло, а стеблото има своја посебна убавина. Децата не треба да се принудуваат на предвремено созревање, туку колку е можно подолго треба да ја задржат свежината и милноста на своите рани години. Колку помирен и поедноставен ќе биде животот на детето – колку послободен и поускладен со природата – толку поповолно ќе биде влијанието од него врз неговата телесна и ментална живост и духовна сила.
Чудесно нахранувајќи пет илјади души, Спасителот сликовито прикажал како под влијание на Божјата сила се создава род. Исус ја подигнал завесата која го затскрива светот на природата и ја открил создавачката сила која постојано делува за наше добро. Умножувајќи го семето фрлено во земјата, Оној Кој ги умножил лебовите, секојдневно прави чудо. Тој преку чудо постојано храни милиони луѓе од жетвените полиња на Земјата. Луѓето кои се повикани да соработуваат со Него во грижата околу житното зрно и подготвувањето на лебот, токму затоа го губат предвид божествениот удел. Дејствувањето на Неговата сила им се припишува на природни причинители или на човековиот труд, и многу често Неговите дарови се изопачуваат во себични цели и така стануваат проклетство наместо благослов. Бог настојува да го смени сето тоа. Тој сака нашите отапени сетила да се разбудат и да ја согледаат Неговата добрина и широкоградост, така што Неговите дарови ќе можат да бидат благослов каква што, впрочем, била Неговата замисла.
Семето добива живот преку Божјата Реч, преку добивање на својот дел од животот; јадејќи го житното зрно и ние самите стануваме учесници во тој живот. Бог сака да го разбереме тоа; Тој сака дури и преку примањето на нашиот секојдневен леб да го препознаеме Неговото дело и да дојдеме во потесна заедница со Него.
Според законите кои Бог ги поставил во природата, причината со непогрешлива точност предизвикува последица. Жетвата сведочи за сеидбата. Тука не може да има никаква измама. Луѓето можат да ги измамат своите ближни и да примат пофалба и плата за служба што не ја извршиле. Но во природата не може да има измама. На немарниот земјоделец пресудата му ја изрекува самата жетва. Ова во најголема мерка се однесува и на духовното подрачје. Злото постигнува успех само привидно, а не вистински. Детето кое ја одбегнува наставата во училиштето, момчето кое ги запоставува своите студии, трговскиот помошник или ученикот во стопанството кој не води сметка за интересите на својот работодавец, човекот во било која работа или дејност кој им е неверен на своите највисоки одговорности, може да се занесува дека ужива некакво предимство сѐ додека злото е сокриено. Но не е така; тој се лаже самиот себеси. Жетвата на животот е карактерот, а тој ја одредува судбината и за овој и за животот што ќе дојде.
Жетвата е репродукција на посеаното семе. Секое семе дава род според својот вид. Така е и со карактерните особини што ги негуваме. Себичноста, самољубјето, суетата, угодувањето на себеси, ги раѓаат истите тие особини и на крајот доведуваат до беда и пропаст. „Кој сее во своето тело, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот” (Галатјаните 6:8). Љубовта, сочувството и љубезноста вродуваат со благослов, даваат непропадлива жетва.
При жетвата семето дава многукратен род. Едно единствено зрно пченица, умножено со последователни сеидби, би ја покрило целата земја со златни снопови. Така и влијанието на еден единствен живот, дури и на едно единствено дело, може да биде далекусежно.
Колку дела на љубов во текот на долгите векови поттикнало сеќавањето на оној сад од алабастер кој бил скршен заради Христовото помазание! Колку неброени прилози на делото на Спасителот донел дарот на онаа сиромашна, неименувана вдовица, која дала „две лепти, односно еден кодрант" (Марко 12:42)!
Живот благодарение на смртта
Поуката за посеаното семе нѐ учи на широкоградост. „Кој сее скржаво, скржаво и ќе жнее; кој сее во благослов, во благослов и ќе жнее” (2. Коринтјаните 9:6).
Господ вели: „Блажени сте вие, кои сеете покрај сите води” (Исаија 32:20). Да се сее покрај сите води значи да се дава секогаш кога е потребна нашата помош. Тоа нема да нѐ доведе до сиромаштија. „Кој сее благослов, благослов и ќе пожнее”. Фрлајќи го своето семе, сејачот го умножува. Исто така, ние со давање ги зголемуваме своите благослови. Божјото ветување обезбедува доволно од сѐ, така што можеме да продолжиме да даваме.
И повеќе од тоа: додека ги делиме благословите на овој живот, благодарноста го подготвува срцето на примателот да ја прифати духовната вистина, и така се раѓа род за вечниот живот.
Со фрлање зрно во земјата Спасителот ја прикажал Својата жртва за нас. „Ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре, ќе донесе голем плод” (Јован 12:24). Единствено со жртвата на Исуса Христа – Семето – можело да донесе род за Божјото царство. Во согласност со законите на растителното царство, животот е резултат на Христовата смрт.
Така е и со сите кои донесуваат род како Христови соработници: самољубието и личните интереси мораат да исчезнат; животот мора да биде фрлен во браздата на потребите на светот. Но, законот на саможртвување е и закон на самозачувување. Земјоделецот го чува своето зрно фрлајќи го. Животот кој ќе биде сочуван – е живот кој е доброволно даден во службата за Бога и луѓето.
Семето умира за да се појави во нов живот. Тоа ни ја дава поуката за воскресението. За човечкото тело кое се полага да изгние во гробот Бог рекол: „Се сее во распадливост, воскреснува во нераспадливост; се сее без чест – воскреснува во слава; се сее во слабост – воскреснува во сила" (1. Коринтјаните 15:42,43).
Кога настојуваат да ги изнесат овие поуки, родителите и учителите мораат тоа да го направат на практичен начин. Децата треба сами ја подготвуваат почвата и да го посеат семето. Додека тие работат, родителот или учителот може да објасни дека срцето е како градина во која се сее добро и лошо семе, и дека и срцето мора да се подготви за семето на вистината како што градината се подготвува за природното семе. Додека семето се става во земјата, тие можат да ја изнесуваат поуката за Христовата смрт; а кога ќе се појави стеблото – вистината за воскресението. Како што ќе расте растението, така треба да се продолжи и со споредувањето помеѓу природното и духовното сеење.
И младите треба да се поучуваат на сличен начин. Од обработувањето на земјата можат постојано да се извлекуваат поуки. Никој не зема необработено парче земја, очекувајќи дека веднаш ќе пожнее род. Мора да се вложи вредна, истрајна работа во подготвување на почвата, во сеење на семето и во негување на растението. Така мора да биде и при духовното сеење. Градината на срцето мора да се обработува. Почвата мора да биде изорана со покајание. Злиот плевел кој го задушува доброто зрно мора да биде искоренет. Како што почвата која веќе обраснала во трње може да се исчисти само со вредна работа, така и лошите тенденции на срцето можат да се совладаат единствено со сериозен труд во Христово име и со Христовата сила.
Обработувајќи ја земјата, внимателниот работник ќе согледа дека пред него се отвораат сокровишта за кои не ни сонувал. Никој не може успешно да се занимава со земјоделие или со градинарство ако не ги почитува законите на таа работа. Мораат да се проучуваат посебните потреби на секој растителен вид. Различни видови бараат различна почва и соодветна нега, а покорувањето на законите кои управуваат со секое од нив е услов за успех. Вниманието што го бара пресадувањето, да не се притесни или погрешно да се постави макар една жилка од коренот, грижата за младите растенија, нивното кроење и наводнување, заштитувањето од мразот ноќе и од сонцето дење, борбата против плевелот, болестите и штетните инсекти, севкупното негување и уредување, не само што овозможува важни поуки за развивање на карактерот, туку покажуваат дека само со работа може да се постигне развој. Учејќи се на грижливост, трпение, темелност, послушност на законот, ние се здобиваме со најважното воспитување. Постојаниот допир со тајните на животот и убавината на природата, како и нежноста која е потребна за грижата околу овие прекрасни дела на Божјото создавање, придонесуваат за оживување на умот и облагородување и воздигнување на карактерот; а научените поуки му помагаат на работникот поуспешно да постапува со луѓето.
